Градските библиотеки преку средби со авторите ја доближуваат литературата до најмладите читатели
Основците од петто до прво одделение од училиштето „Браќа Миладиновци“ во Куманово, заедно со нивната учителка Маја Поп Арсова, беа главни промотори на најновата збирка пиеси „Поли“ на македонскиот писател Трајче Кацаров, која се одржа минатата недела во Градската библиотека во Куманово.
Учениците, пред публиката составена од нивни врсници, изведоа една од трите детските драми во книгата за полжавчето Поли, кое не било како сите други полжавчиња. Се разликувало најмногу по желбата, па токму затоа децата актери помогнаа да се дознае каква била желбата на полжавчето Поли…
Средбата со писателот и подготовката на учениците е потпомогната од младиот актер Никица Јанковски и библиотеката „Тане Георгиевски“ од Куманово.
Ваквиот необичен начин на промоција има цел приближување на авторите до детската публика и заедничка коресподенција за поттикнување на љубопитството кон пишаниот збор.
– Учениците беа одлични. Јас сум пријатно изненаден од нивната дикција, присутноста, начинот на презентација, концентрацијата, тие знаеја што играат. Полека се приближуваме кон децата од повеќе страни – од страната на библиотеките, центрите за култура и театрите, но влегуваме и во едукацијата преку училиштата – изјави авторот Кацаров.
Неговото најново дело е составено од драмите „Поли“, „Шумското радио“ и „Трипати по три овци“ во кои се среќава галерија на ликови животни со човечки карактеристики, што го побудува интересот кај младата публика. За авторот доживувањето на стварноста во детството и на стварноста сега е како никогаш и да не пораснал, како да останал во тие години со таа мисла, со тој страв, со таа желба за живот, желба нешто да научи, да се дружи со луѓето, да игра со животот.
– Тоа е една од карактеристиките што ги носам во себе, тоа ми дава за право да им се обратам на децата и да посакам детската публика да кореспондира со она што ќе го напишам – рече писателот Кацаров.
Трајче Кацаров е истакнат македонски поет, раскажувач, есеист и драмски автор, кој има издадено и десетина книги за деца. Од оваа учебна година Кацаров е застапен и во читанката за петто одделение со два расказа. М.Т.