Јазикот наш денешен

Од перото на младите вљубеници на пишаниот збор

Во денешниот број на „Колибри“ ќе го прочитате есејот на 14-годишната Бистра Велјановска, гимназијалка од Скопје, насловен „Јазикот наш денешен“. Драго ни е што младите генерации ги љубат татковината и мајчиниот јазик со истиот жар како што ја сакале и оние што ги создавале. Бистра завршила основно училиште во ОУ „Ј.Х. Песталоци“, а во моментов завршува прва година во гимназијата „Јосип Броз Тито“. Активно учествува во работата на литературната и драмската секција во гимназијата. Тукушто е објавена и нејзината творба во Зборникот за Блаже Конески. Неодамна, во рамките на проект за презентација на традиционалните вредности престојуваше во Тирана, Албанија. Активно ги изучува англискиот, германскиот и италијанскиот јазик, а свири и виолина. Навива за Барселона и за Ферари, а настапува за женскиот фудбалски клуб Кул (Cool) од Скопје

Јас сум Бистра, родена во ова питомо поднебје облеано со сончевина и опснежено со првите зимски снегови.
Таква е мојата земја во која клокотат пролетните води низ Шара, Бистра, Кожув и Беласица. И кај што сокол пие вода на Вардарот.
Тука сум родена, во ризницата на убавините, во папокот на светот, во песните на птиците, каде што и „ѕвездите шепотат на македонски“.
Јас сум Бистра, која сфати дека никаде толку чемер и јад нема како во мојата земја што се таложеле со векови како кај мојот народ, кој ги зачувал говорот македонски и писмото Кирилово и Климентово, писмото на Мисирков и Конески.

Јас сум Бистра. Говорам, учам, размислувам, пишувам и читам на македонски мајчин јазик. Денес современ кодифициран и признаен на сите меридијани, мојот јазик е длабоко вкоренет во нас и води во далечни, многу далечни времиња, до Климента и Наума, до Мисирков и Конески. Јас денес зборувам на јазикот на Благуна Дабовјанска, на Игно Подземски и Велика од „Пиреј“. Пеам денес на јазикот на кој твореа Рацин и Неделковски, Анте Поповски и Гане Тодоровски.

Денешниот јазик е јазикот на Горан Стефановски, впиен од „Бушавата азбука“ и слушан на театарските штици, тоа е и јазикот на Венко Андоновски, читан во „Папокот на светлината“. Тоа е македонскиот јазик на кој говориме јас и мојата генерација, кој е чуван во мислата и во градите на нашите предци, шепотен од испуканите и жедни усни на борците, пеен од македонските моми и невести во жетварските песни. Колку само тага и радост има во нив. Мачно, тешко, но и радост за класјето што дрочат од род по македонските полиња.

Јазикот е нашето духовно и национално богатство. Со него твориме, пееме песни што ни извираат од длабочините на нашите дамари, искажуваме радост, љубов, убавини, пролетни цутови, зимски пејзажи, светлина и пролетни дождови. Со нашите зборови ги искажуваме сета болка, сиот чемер и бигор насобрани со векови во душите на многу генерации пред нас, кои достоинствено минувале низ ветрометините на војните, негирањето на физичкото постоење и оспорувањето на нашиот јазик.
Јас сум Бистра, живеам и учам во мојата татковина Македонија. Таа ми е дедовина, таа ми е татковина, таа ми е мајчина насмевка и братска заштита. А во неа е мојот јазик македонски од дамнина до денешен ден.

Во името на мојата генерација се залагам дека ќе го чуваме, негуваме и осовременуваме нашиот јазик зашто тој е милозвучен и богат. Ќе го браниме од сите оние што би сакале да го присвојат, да го земат и да триумфираат со него.
Тој е наш, македонски и не му припаѓа на никој друг. Нам ни припаѓа природно, уште со нашето раѓање. На распаќе ќе докажуваме со песни, со говорење, со нашата љубов и припадност, но и со привилегијата да зборуваме на македонски јазик.
Познато е дека пајаците мораат да ткаат мрежи за да преживеат. А нам ни останува да продолжиме да ткаеме строги и прости македонски песни, и за Канео, и за Нерези, и за Вардарот, и за рисот, и за Широк сокак…

Бистра Велјановска
I-9, гимназија „Јосип Броз Тито“ – Скопје