Во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп се подготвува претставата „Пипи Долгиот Чорап“ од Астрид Линдгрен, во режија на Кристина Димитрова. Драматизацијата на популарниот текст е на Ивана Нелковска. Ова е самостоен проект на театарот „Војдан Чернодрински“, а премиерата се очекува набрзо.
Димитрова вели дека како театарски режисер често размислувала кои книги, претстави, серии и филмови ѝ се допаѓале како дете и оти тоа ја поттикнало „Пипи Долгиот чорап“ да ѝ стане инспирација за нов проект.
– Ми се допаѓаше сѐ што беше необично и неконвенционално, волшебните светови, патувањата во далечните земји и апсурдниот хумор. Во сето тоа се вклопуваше „Пипи Долгиот Чорап“ и затоа решив да ја поставам на мојата матична сцена, театарот „Војдан Чернодрински“. Всушност, претставата ќе говори за слободата, авантурата, независноста и големата детска фантазија. Најмладите ќе имаат можност да проследат интересна претстава, со многу музика, во која на сцената ќе бидат пренесени згодите и незгодите на Пипи и нејзините необични авантури. Тоа ќе биде возбудливо едночасовно патување каде што децата ќе почувствуваат дека се остваруваат сите нивни соништа, ќе се насмеат и ќе се забавуваат – вели Димитрова.
Во претставата ќе играат Ангела Наумоска, Наташа Ачански, Димитар Ѓорѓиевски, Александар Тодески и Михајло Миленкоски. За сценографијата е задолжена Бојана А. Трпческа во соработка со Петко Ристески, за костимите Христијан Нашуловски, а за музиката Томе Темелкоски.
„Пипи Долгиот Чорап“ e светскa детска класика, преведена на осумдесет светски јазици и дијалекти, а авторката Астрид Линдгрен се смета за една од најпознатите писателки на детски книги во светот.
Ка.М.