1. Започнавме со спротивставени мислења околу Законот за работни односи, со кој недела се прогласува за неработен ден. Завршивме на Уставен суд. Во образложението на решението со кое се отфрла нашата иницијатива, а кое, впрочем, го добивме една година по поднесувањето на иницијативата, Уставниот суд елаборираше дека една од причините е тоа дека здравјето на луѓето е определувачко за да не се прифати иницијативата. На тоа, впрочем, не се повикува ниту законското решение, плус еден куп исклучоци што покажуваат дека здравјето на тие луѓе не е важно. Зарем ова не ѝ пречи на Владата во градењето правна држава, да мора да биде одбранета и со вакви нелогични квалификации?!
2. Согласни сме околу барањето да ги зголемиме квотите за увоз на работна сила. Но имаме едно просто прашање: што е со нашите вундеркинди што ги испративме на државна сметка на најпрестижните универзитети, а кои никако да се вратат и да ѝ помогнат на државата. Каде се тие сега и за што се потрошени 150 милиони денари годишно, т.е. 1,5 милијарда денари за 10 години? Па, нели, заеднички на сите ни е обврската да ги зголемиме продуктивноста и конкурентноста ако сакаме економски развој!? Некој ќе рече дека увозот на работна сила подразбира дреари, тесари, заварувачи, но не е лошо да се провери бројката на издадени дозволи за странски менаџери, а потоа да се објави како стојат работите на овој план.
3. Постои ли во оваа држава поимот ОДГОВОРНОСТ за доцнењето на инфраструктурните проекти? Сигурен сум дека во овие изминати педесетина години потрошените пари за одржување на планинските превои ќе исфинансираа тунели низ целата држава, а да не зборувам за тешкотиите што ги имаат камионџиите што превезуваат стока за бизнисот и за жртвите и опасностите што демнат на секој чекор.
4. Нели се договоривме за даночен календар заради предвидливост на билансите на компаниите?! Ако се договоривме, тогаш треба да го почитуваме тоа. Ние не сме сами за себе, тука имаме и 200 странски компании и многу други странски капитални инвестиции за кои ова е нормална работа.
5. Бидејќи од минатата година почнавме да славиме годишнини, немојте оваа година да прославуваме 12 години од иницијативата за промена на членот 218 од Законот за извршување или 10 години од иницијативата за воведување холдинг-друштва или седум години од иницијативата за зголемување на контролниот праг за преземање акционерски друштва или пет години од барањето за промена на методологијата за пресметка на придонесите за пензиско-инвалидско осигурување. Донесете ги прво овие закони, па потоа, не почитувајќи го даночниот календар, предлагајте нови закони.
П.С. Имавме и имаме успешни заеднички проекти: зголемување на конкурентноста со ревидирање на царинските стоки; зголемување на финансиската поддршка за компаниите што инвестираат и кои воведуваат иновации; допрецизирање на листата за непризнавање трошоци за даночни цели на данокот на добивка; овозможување доброволно регистрирање ДДВ во кој било период од годината, како и навремено враќање на ДДВ. Овде може да се споменат и соработката во решавањето на проблемите произлезени од енергетската криза, регионалните иницијативи, како и беспоговорната комуникација на сите нивоа, што значи дека Владата секогаш беше отворена за соработка. Не дека ние не знаеме оти Владата е одговорна за целокупниот живот во државата, но во тоа милје бизнисот мора да има посебно место поради бројките, приходите и поради кохезивноста во своето работење. Владата е наш партнер и овие прашања ги поставуваме најдобронамерно, без никакви калкулации, зашто само во услови на консензус може да се најде излез од кризите и да се постигнат позитивни економски резултати.
Автор: Бранко Азески