Војната во Украина влегува во спирала што го забрзува и продлабочува судирот, црвените линии се поминати

По неколкумесечните премислувања меѓу западните сојузници, американските и германските тенкови „абрамс“ и „леопард“ треба наскоро да се најдат на бојното поле. Но украинските воени претставници, поттикнати од военото крило на нивните западни сојузници, го насочуваат своето внимание кон следниот чекор во напорите да ги одбијат руските напаѓачи – испораката на модерни борбени авиони, а најново и кон ракети со долг дострел. Очигледно дека воената виулица се засилува. Според некои воени аналитичари, црвената линија е помината со одобрувањето за праќање на сојузничките најмодерни тенкови. Доколку во иднина дојде и до испорака на авиони, а потоа и на ракети со долг дострел, експертите велат дека потоа нема враќање назад. Тоа ќе биде почеток на еден исцрпувачки долг судир и војна на работ на нуклеарна, каде што едната завојувана страна е очигледно – Русија, но другата ќе биде НАТО.

За поддршка на Украина со авијација активно се дискутира меѓу западните сојузници

Изјавите за јавноста на десетина западни воени функционери и дипломати потврдуваат дека внатрешната дискусија за набавка на борбени авиони на Украина веќе е во тек, а ја промовираат украинските власти со поддршка на балтичките земји.
Холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хоекстра минатата недела пред холандскиот парламент изјави дека неговиот кабинет ќе ја разгледа можноста за испраќање борбени авиони „Ф-16“ доколку Киев ги побара: „Ние сме со отворен ум, нема табуа“.
– Стратегијата е бавен, но постојан нагорен тренд во поддршката на Западот, од противтенковски оружја „џавелин“ и преносливи системи за воздушна одбрана, како што се „стингерс“, до ХИМАРС, а од неодамна и ракетите земја-воздух „патриот“, тенкови и оклопни возила. Испораката на авионите затоа е само прашање на време – изјави во јавноста западен дипломат.
Министрите за одбрана на сојузниците на Украина треба да одржат нов самит во февруари во американската воена база „Рамштајн“, во југозападна Германија, каде што се очекува во фокусот да бидат авијацијата и воздушната поддршка.
Заменик-советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Финер, изјави во четвртокот дека Соединетите Американски Држави ќе разговараат за идејата за испраќање на авионите „многу внимателно“ со Киев и неговите сојузници, а пак германскиот министер за одбрана неделава ја отфрли можноста за испраќање борбени авиони во Украина.
Украинското воено воздухопловство, според одредени медиумски пишувања, има амбиција да набави 24 борбени авиони од сојузниците. Шпанскиот весник „Ел паис“, повикувајќи се на портпаролот на украинските воздухопловни сили Јуриј Ихнат, напиша дека Украина првично сакала две ескадрили, од кои секоја би се состоела од 12 авиони, по можност авиони „локид мартин Ф-16“. Но во изјавата за Бабел, Ихнат рече дека неговите коментари биле погрешно протолкувани.
– Украина е само во фаза на преговори за авиони. Моментално се утврдуваат моделите и бројот на авиони – објасни тој.
Ихнат на брифингот изјавил дека „Ф-16“ може да биде најдобрата опција за повеќенаменски ловец што ќе ја замени старата флота на Украина од советската ера.

Украина иницира преговори со своите сојузници за набавка и на ракети
со долг дострел

Според неофицијални извори, некои западни специјализирани медиуми пишуваат дека се одвиваат и преговорите меѓу Киев и неговите сојузници за барањата на Украина за ракети со долг дострел. Тоа го потврди еден од најблиските советници на претседателот Володимир Зеленски, претседателскиот советник Михајло Подољак.
– За драстично да ги намалиме клучните оружја на Русија… ни требаат проектили што ќе ги уништат нивните резерви – изјави претседателскиот советник Михајло Подољак за украинската телевизија.
Тој рече дека има повеќе од 100 артилериски складишта на полуостровот Крим, кој го контролира Русија, а кои би требало да бидат ракетирани.
– Преговорите се веќе во тек. Второ, преговорите напредуваат со забрзано темпо – додаде тој, без да навлегува во детали.
Во врска со истото тоа се огласи и претседателот на Украина, Зеленски.
– На Украина ѝ се потребни ракети со долг дострел за да го лиши противникот од можноста да ги постави своите ракетни фрлачи некаде далеку од линијата на фронтот – рече тој во својата редовна видеопорака.
Зеленски додаде дека на Украина ѝ се потребни ракети АТАКМС од американско производство, кои имаат дострел од 297 километри.
Вашингтон засега одбива да го испрати тоа оружје.