Остана ли уште боја за шарени револуции?

Сосема е јасно дека САД под водството на Трамп се во епицентарот на светските случувања. Така и ќе биде уште некое време. Трамп зборува за „револуција на разумот“ и тоа е новата идеологија што со голема брзина и сила се шири низ Америка, но сериозно ја заплиснува и Европа. Ама Старата Дама не се давала лесно. Тоа е последното буре со боја наменето за новата револуција, која не е шарена. Од таа боја е зафатена и Македонија, која многу брзо се вклопи во светските текови предводени од конзервативните сили

Кога имаме период на раскрилена и разлетана дипломатија, некој се сети да праша – а колку чини да се закупи еден авион? А знаат ли тие што прашуваат колку авиони имаме претходно испуштено и дека поради тоа наше одење пешки по белосветските аеродроми дојдовме до каде што дојдовме. Слична реторика се поставува сега и за Трамп за кого велат дека бил про-Путин. Еј, Русија и Америка имаат повеќе од 200 години дипломатски односи, тоа се најважните односи во светот меѓу две нуклеарни сили и ако некој не сака да ја види прагматичноста на Трамп, тогаш „имаме проблем во Хјустон“

Многу работи брзо се сменија и допрва брзо ќе се менуваат. И атмосферата е поинаква, расположението се менува. На пример, некогаш многу одамна на крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години на минатиот век, во време на Виетнамската војна, каде што заглавија Французите, па од мочуриштето ги вадеа Американците, но и тие се закопаа во жив песoк, наутро во 4 часот станувавме да ги гледаме бокс-мечевите на Касиус Клеј (подоцна Мохамед Али). Тоа беше гледање бокс групно, цело семејство и понекој сосед. Го обожававме Али. Најголем во рингот, човек што беше со принципи и ја критикуваше Америка поради војната со Виетнам.
Тогаш времињата побавно се менуваа, па чекавме на еден наш цивилизациски скок преку телевизијата за да ни се овозможи да гледаме НБА-натпревари во живо, во боја, со наши коментатори. Љупчо беше феноменален, а кошарката од друга планета. Мајкл Џордан беше човекот што леташе. Ѕвезда, икона, кошаркар што ќе брцне 50 коша со скршен палец на стапалото. Не беше проблем да се стане во три или во четири наутро. А бе, имаше што да се гледа.
Пред некој ден се запрепастив колку луѓе се разбудиле не за да ги следат „Оскарите“, туку за да го чујат говорот на Доналд Трамп. Што ќе каже Трамп по неверојатната дипломатска драма во Белата куќа кога на гости му беше Зеленски. Светот пак гледа кон Америка. Сакал, не сакал натаму ни одат и очите и ушите и умот.
Што кажа Трамп? Дека Америка е повторно голема. Дека почна златната ера на Америка. Дека Америка има проблем со имигранти, а не толку со Путин. Дека Америка сака мир. Америка, Америка, Америка…

Америка е решена да се менува внатре, а тоа ќе значи ќе се менува и светот, да немаме дилеми околу тоа. Можеби е империја во пад, како што некои тврдат, но и кога империјата паѓа промените се големи. Некој ќе се обиде да го заземе тоа место. И ако ве чудат некои потези на Трамп, немојте да мислите дека тој сега го измислува тоа, како на пример купувањето на Гренланд или на Панамскиот Канал. Такви трговии се правеле и во антиката, тоа го правел и Александар Македонски и поевтино е отколку да се гине. Па, и Русија ѝ ја продаде Алјаска на Америка, а тоа беше пред двесте и кусур години. Има нешто друго што е новото што доаѓа од Америка – тоа е визијата на Трамп, која се потпира на идеологија, а тоа денес речиси и да го нема во светот. Идеологијата е забранета тема, како што е забрането да се зборува за утопија и подобро е да се пласира матрицата на дистопија. Тоа е неприродно билдање воени хормони. Значи да се движиме кон пропаст. Нов светски поредок на пропаста.
Трамп во првото обраќање пред Конгресот зборуваше дека е во тек „револуција на разумот“, нешто што го вети на инаугуративниот говор на 20 јануари. Станува збор за еден силен процес на државен, морален и општествен пресврт во САД. Администрацијата на Трамп сега ги менува темите и тие имаат голем одглас и во Европа, без разлика што левичарските бастиони во Брисел ќе даваат отпор. Илегалната миграција да стане легална не е топ тема, ЛГБТ-заедницата не е топ тема, новиот зелен договор е архивиран од Трамп. Сега се зборува за безбедност, суверенитет на нациите, здрав разум, мир. Ова е можеби последното буре со боја за новата шарена револуција обзнанета од Трамп, а со голем одглас и во Европа.
Бидејќи кога ја пишувам колумната се очекува вонредниот самит на ЕУ на кој топ тема е Украина, не би сакал да шпекулирам за исходот, но контурите се гледаат. За мене е прашање дали Украина ќе се спасува со воена капитулација или ќе се постигне мировен договор со Русија. Откако САД тргнаа со прекинување на воената помош за Украина, јасно е дека ЕУ колку и да сака не може воено да биде сигурна дека ќе ја спаси Украина. Поголеми се изгледите таа да заглави во украинскиот жив песок. Синдромот на Наполеон. А предлогот воено да се надградува за што ќе требаат стотици милијарди евра значи дека Европа ќе мора да се откажува од многу социјални програми, но ќе крати и за образование. Нема да биде истата Европа.
Зошто го обвинуваат Трамп дека игра на картата на Путин? Тоа е само „Соросова реторика“ на победените. Америка и Русија имаат повеќе од двесте години дипломатски односи, кои се сметаат за најважни, критични и стратегиски надворешни односи во светот. Две најмоќни воени сили ако се земе предвид нивниот нуклеарен потенцијал. Советската империја во еден критичен период од историјата на создавањето на американската држава застанала зад независна Америка. Стратегиски потег мотивиран од амбициите на Велика Британија. Токму и тоа е причина зошто Русите се решаваат за околу седум милиони долари да им ја продадат Алјаска – ем да не им бодат во очи на Американците ем да им кажат на Британците дека тие не се газди на тој простор. Значи, многу историја, многу врски и многу причини да постојат отворени канали, не само дипломатски, за соработка меѓу Руската Федерација и САД. Не станува збор за про-Путин политика, туку за прагма.

Сакал некој да признае или не (оти постои нешто што се вика имаш очи, аме не гледаш, нашиот народ вели при очи слеп) бојата од тоа буре почна да се истура и во Македонија. Револуцијата на заедничките вредности, на разумот ја фати и Македонија. Тоа не е случајно, затоа што македонски политичари беа токму на изворот на таа револуција – во Вашингтон. Чекаме проветрување, едно ново големо општествено прочистување на оставината од претходната влада, која ја пеплоса Македонија и економски и политички и духовно. Не удирајте си ја главата за да дознаете кој ќе ги кочи процесите, самите ќе излегуваат јавно и само ќе критикуваат и ќе се жалат, ќе бојкотираат и ќе се закануваат. Еден систем се урива, нов се гради. Ако тоа сега не се направи, ќе се чека на некоја нова генерација, а тоа секогаш значи скапо доцнење, затоа што најмногу последици имаат младите.
Само погледнете ги изјавите околу патувањата на владината делегација во Турција за средбата со Ердоган, а потоа и во Будимпешта, кои се фокусираа на тоа колку чинел летот од Анталија до Будимпешта, со кој наводно тимот на Мицкоски летал на средбата во Унгарија со Орбан. Што потпишале и не било толку важно. Имав можност како новинар да летам со покојниот претседател Борис Трајковски, кој со својот тим и група новинари беше на седница на Советот за човекови права во ОН во Женева. Беше изнајмен авион на „Адриа ервејз“. Со истиот авион заминавме, со истиот се вративме. Патување од околу пет часа. Никој не праша колку чини. Претседателот мораше пред ОН да се обрати за да каже што се случува во Македонија во 2001. Што ѝ се правеше на Македонија во 2001. Така и Мицкоски денес мора да каже што ѝ се правеше на Македонија и да мисли за иднината на земјата и на нацијата. Мора да создава пријатели, зашто Европа докажа дека има намера со нејзините двојни стандарди да ни поставува сериозни пречки за нашето членство во ЕУ. До кога? Што мислат критичарите, дека премиерот или претседателката треба да патуваат влечкајќи се со куферите по светските аеродроми. Така беше порано, сум го видел со свои очи. Затоа и ни треба државен авион, добар, модерен и безбеден.

Сега кога дипломатијата е раскрилена и разлетана, можам само да кажам дека сме на добар пат, дека се враќаме и дека создаваме добри пријателства и врски и надвор од Европа. И така треба да биде.
За штедење? Голема тема, сакам да штедиме, но тоа ќе го оставам за другпат. Не сме добри со штедењето, но тоа никако не го поврзувам со авионот од Анталија и колку чинел. Јок!