Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дел од пошироката анализа на Зоран Метер во „Геополитика“ во врска со веста дека ЕУ бара свој преговарач со рускиот претседател

Ова е мојата реакција на веста објавена од „Политико“, која е – ни помалку, ни повеќе – за желбата на ЕУ да го избере својот официјален преговарач за разговори со Русија. Убеден сум дека во овој потег беа охрабрени од начинот на кој Доналд Трамп го направи тоа со назначувањето на своите најдоверливи лица Стивен Виткоф и Џаред Кушнер за разговори со Путин.
Но, лесно е да се најдат луѓе на кои можете да им верувате кога сте независни во донесувањето одлуки. Ама како една личност, откако ќе биде избрана, ќе може да биде од доверба за сите членки на ЕУ, воопшто не ми е јасно – уште повеќе што за многу прашања, а сè почесто и за Украина, членовите се согласуваат како рогови во вреќа, т.е. секој зазема своја страна. Можам само да им посакам среќа во нивните напори да го сторат тоа – односно, во изборот на компетентна, идеолошки неоптоварена личност со која Путин ќе се согласи да разговара. Бидејќи тој сигурно нема да сака да губи време слушајќи критики и предупредувања за тоа како ќе мора да се однесува за да биде задоволителен договорот за војната во Украина за ЕУ.
Но, без понатамошно одложување, еве што вели горенаведениот медиум во својата денешна статија.

Владите на ЕУ-членките вршат притисок врз Брисел да назначи преговарач со Москва

Европските влади вршат притисок врз ЕУ да назначи преговарач што ќе ги претставува нивните интереси во Украина, плашејќи се дека САД ќе склучат договор со Русија зад нивен грб. Поддржувачите на планот – вклучувајќи ги Франција и Италија – обезбедија поддршка во Европската комисија и меѓу неколку други земји за позицијата, според тројца дипломати и службеници со директно познавање на разговорите, кои разговараа со „Политико“ под услов на анонимност. Тие велат дека Европа може да ги задржи своите црвени линии, како што е потенцијалното идно членство на Украина во НАТО, само ако ЕУ има место на масата.
Овој невиден потег би означил голема промена во начинот на кој Европа се вклучува во серија билатерални разговори посредувани од американскиот претседател Доналд Трамп, а доаѓа во време кога континентот се обидува да покаже дека е подготвен да игра водечка улога во какво било решение за ставање крај на четиригодишната војна.
Францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони ги здружија силите во последните недели за да повикаат на отворање дипломатски канали за рускиот лидер Владимир Путин и неговиот најблизок круг, дури и кога мировните разговори во Белата куќа заглавуваат.
– Макрон во последните денови тврдеше дека, со оглед на билатералните разговори меѓу Американците и Русите, важно е да се игра барем некаква улога во дискусијата. Мелони во голема мера го поддржа аргументот… дека тие не се наивни за тоа што може да се постигне во овие разговори, но во рамнотежата помеѓу повлекувањето и ангажирањето, во некои главни градови постои растечко ценење (за придобивките од ангажирањето) – рече висок француски функционер.
Останува големо несогласување околу деталите на позицијата. Критичарите велат дека именувањето преговарач би имплицирало дека Русија е подготвена да преговара со добра волја и би прифатила сè освен целосно потчинување на Украина. Напорите на Трамп да посредува во договор досега не успеаја, а Кремљ одбива да се откаже од своето барање Украина да предаде делови од територијата што руските трупи не успеаја да ја заземат.

Порака до Москва

Во Брисел се водат дискусии за тоа што ЕУ-блокот би донел на евентуалните разговори и како би можело да се искористи тоа за да се осигури дека Трамп нема да ги игнорира нивните загрижености.
– Постојат некои прашања за кои не може да се дискутира (само) со Соединетите Американски Држави кога имаат директни импликации за нашата безбедност како Европејци. Пораката до Вашингтон е исто толку важна како и (пораката) до Москва – додаде функционерот.
Курт Вокер, кој беше специјален претставник на САД за преговорите за Украина во првиот мандат на Трамп и амбасадор во НАТО од 2008 до 2009 година под тогашниот претседател Џорџ В. Буш, изјави за „Политико“ дека Брисел мора да биде порешителен ако сака да биде вклучен во преговорите.
– Јасно е дека Трамп ќе продолжи да се ангажира со Путин и директно и преку (американскиот претставник Стив) Виткоф. Тоа нема да исчезне. Значи, мора да имате своја комуникација ако се случува тоа – не станува збор за тоа да бидете во иста просторија со Американците и Русите, туку за каква било комуникација – рече тој.

Ако Европа назначи специјален пратеник, прашањето е кого ќе го претставува ова лице и на кого ќе одговара

Европските лидери првпат дискутираа за идејата за специјален претставник на самитот на ЕУ минатиот март, потврди висок функционер на ЕУ. И покрај широката поддршка, не беше донесена никаква одлука, а предлозите беа изоставени од последователната заедничка изјава. Улогата би била тесно фокусирана на претставување на Брисел во разговорите со Киев – многу различен предлог од предлогот на Мелони за соговорник за Москва.
– Земјите што поддржаа претставник за Украина можеби нема да поддржат претставник за разговори со Русија – рече функционерот.
Каја Калас, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи, постојано се позиционира како единствен кандидат за каква било улога во преговорите за иднината на Украина. Поранешната естонска премиерка е цврст сојузник на Киев и ја искористи својата улога за да освои престолнини за поддршка на построги санкции со цел да се принуди Русија да ја прекине својата агресивна војна.
– Ако Европа назначи специјален пратеник, прашањето е кого ќе го претставува ова лице. На кого ќе одговара? Ако тоа биде (претседателката на Комисијата Урсула) фон дер Лајен, која ги става Каја Калас и Службата за надворешни работи (дипломатскиот кор на ЕУ) на маргините, повеќето од пратениците обично беа во рамките на Службата за надворешни работи, тоа ќе биде на толку ниско ниво кога ќе треба да разговараат директно со Путин, што нема да функционира. Но, тогаш, можам само да ги замислам дискусиите во Комисијата ако Советот има пратеник. Тоа никогаш нема да функционира – рече Вокер.
Официјалните лица потврдија дека клучните аспекти на работата – како на пример дали тој ќе ја претставува само ЕУ или целата „коалиција на добронамерните“, вклучувајќи ги Велика Британија и други – сè уште не се разработени. Истото тоа важи и за дипломатскиот ранг и дали формално ќе биде назначен бирократ или улогата ќе му биде неформално делегирана на сегашен национален лидер.
Италијанскиот министер Џованбатиста Фацолари – влијателен сојузник на Мелони, чија украинска сопруга е заслужна за градење поддршка за Киев во рамките на владејачката коалиција во Рим – изјави за време на викендот дека функцијата специјален пратеник треба да му се понуди на поранешниот италијански премиер Марио Драги.
Во меѓувреме, четворица други дипломати забележаа дека финскиот претседател Александар Стуб често се смета за потенцијален претставник на Европа во сите разговори со Вашингтон и Москва. Искусниот дипломат од десниот центар воспостави пријателски однос со Трамп играјќи голф, додека неговата земја граничи со Русија и е цел на хибридните кампањи на Кремљ.
Според едниот од нив, потпирањето на „активен лидер“ значи дека тие можат да бидат „малку послободни во она што го кажуваат“. Сепак, „друго прашање е кога да се разговара со Путин. Дали постои ризик дека со тоа ги легитимирате и неговите ставови?“
Двајца претставници на ЕУ изјавија за „Политико“ дека нема улога за специјален пратеник и дека секоја дискусија за кандидатите е прерана. Покрај тоа, трет забележа дека „ниту едно од овие работни места не постои сè додека тие не постојат“.

Заклучок

Во текстот на „Политико“ очигледно се мешаат елементи на здрав реализам (овде читај: разум) со елементи на идеологија. Имено, да се замислува дека Путин би можел конструктивно да разговара со отворени русофоби, кои досега априори одбиваа каков било дијалог со Москва, паралелно поставувајќи ѝ ултиматуми – како Естонката Каја Калас (со која руските аналитичари и медиуми масовно се потсмеваат токму кога станува збор за компетентност) или, пак, Финецот Александер Стуб, кој исто така до неодамна (сега нешто ја ублажи реториката) испраќаше крајно навредливи пораки до Москва – би било целосно погрешно.
Како што реков во воведот – многу подобар пристап би било пронаоѓање компетентна личност (не нужно од „политичката елита“), навистина подготвена и фокусирана на работа за воспоставување барем минимална европско-руска доверба (која сега ја нема ни во траги), неопходна за барем некои важни европски интереси да бидат вклучени во идниот договор за Украина, кога во неа веќе се вложени толку многу наши пари, а тоа само ќе продолжи да расте.
Она што Путин безброј пати го повторуваше во изминатите години сега се покажува корисно за примена: Русија е подготвена за дијалог со сите оние што го сакаат тоа – и во Европа, и во Америка, или каде било на друго место во светот. Но оние што тој дијалог со Русија самоволно го прекинаа и го оневозможија, мораат да го направат првиот чекор.
Убеден сум дека ставот на Путин во меѓувреме по ова прашање воопшто не се променил. Со еден важен додаток, кој заборавив да го напоменам: тој бара дијалогот да се води со заемно целосно почитување, а не од позиција на надмоќ.
Дали европските политички мудреци се подготвени да ја научат оваа лекција, односно дали се подготвени да ја прифатат, или ќе продолжат да удираат со глава во ѕид настапувајќи „од високо“, ќе дознаеме веројатно многу брзо.
Бидејќи Европа нема време за одолжување со оваа одлука. Времето едноставно ќе ја прегази и ќе ја остави на маргините, поточно на ветрометината на високата геополитика – целосно подложна на САД и на каприците на нејзините лидери.

Автор: Зоран Метер

Авторот е аналитичар и главен уредник на „Геополитика њуз“