Во традиционалниот термин, од 26 до 28 август, во Охрид, Струга, Вевчани, Белчишта и во селото Црвена Вода, ќе се одржи балканскиот поетски камп за млади „Ванчо Николески“, кој годинава ќе понуди атрактивни содржини и учесници. Организатор е здружението за култура и литература „Мацково“ од Охрид.
Манифестацијата, годинава, ќе биде четврта по ред. Традиционално се отвора во зградата на Општина Охрид, со прием од страна на градоначалникот Кирил Пецаков. За учесниците прием приредува и градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески.
Учесниците, традиционално, имаат прием од страна на менаџментот на светскиот поетски фестивал – „Струшките вечери на поезијата“, како и посета и прием во населбата Вевчани, со разгледување на Вевчанските Извори, Куќата на Михајло Пупин и други атрактивности.
И годинава, учесниците ќе имаат можност да се сретнат и да разговараат со видни македонски литерарни дејци. Меѓу другите, со професор д-р Христо Петрески, претседател на ДПМ, потоа Јордан Плевнеш, поетот Димче Шипинкароски и други.
Годинава е особенo атрактивен составот на учесниците, кои доаѓаат од Украина, Бугарија, Србија, Грција, Албанија, како и од Македонија – овој пат, претставник од помалите етнички заедници, преку детската амбасада „Меѓаши“.
Меѓу чесниците е и Ана Багрјана, украинска писателка, поетеса, драматург и преведувачка, поранешна секретарка на Националниот сојуз на писателите на Украина за работа со млади автори и главна уредничка на списанието „Гранословие“. Преведува од словенски јазици. Составителка и преведувачка е на „Антологијата на современа поезија на Македонија“ на украински јазик.
Од Бугарија доаѓа младата надарена поетеса, чудото од дете во литературата, Оксана Христова. Учесник од Србија, за жал, виртуелно поради семејни причини, е Милутин Ѓуричковиќ, писател и научник, претседател на Институтот за детска книжевност од Белград. Од најрана младост објавувал песни за деца на француски, македонски, албански и на турски јазик. Член е на Светската академија за култура и наука, со 2.000 члена, односно еминентни научници и творци од целиот свет, од кои 34 се нобеловци. Носител е на наградата за роман на годината, „Раде Обреновиќ“, како и на „Доситеево перо“, награда на критиката за деца, потоа признанието – најдобра книга за деца во Црна Гора. Младата поетеса, Сара Џелили, од Елбасан, Албанија, по вторпат учествува на кампот.
Годинава, за првпат, свој претставник испраќа детската амбасада „Меѓаши“ од Скопје, од помалобројните етнички заедници во Македонија, од областа Река.
Од Грција, со виртуелен настап учествува Теодора Тантсополу.
Манифестацијата, втора година, се одржува без поддршка на Министерството за култура.