Како најголем успех низ годините го сметам континуитетот во освојувањето награди, а секоја година списокот е збогатен со нови признанија од домашни и од меѓународни натпревари, вели Петар Беслаќ

Пријател на децата и креативец: Петар Беслаќ, наставник по ликовно образование

За Петар Беслаќ уметноста е медиум за самоизразување, но преку неа може да се влијае на луѓето на многу начини. Пред сѐ, таа за него е извор на инспирација за создавање убави нешта. А како нема да биде така, кога тој е дипломиран ликовен педагог, вработен во ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ и во ООУ „Кузман Шапкарев“ во Скопје, каде што со децата другарува осум години. Претходно четири години бил ангажиран во едукативниот ликовен клуб „Еко-арт“. Многубројните награди и признанија што ги освојуваат неговите ученици се доказ дека е на вистинскиот професионален пат за лично усовршување, но и како креативец што на младите таленти им отвора врати за напредок и идни успеси.

Како станавте дел од наставничкиот тим на ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ и на „Кузман Шапкарев“ во Скопје?
– По дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности, на Педагошкиот оддел, желбата да се докажам во професијата за која сум се определил беше пресудна, но секако имаше и совпаѓање на околностите што го трасираа мојот пат како професор по ликовно образование.
Најпрво, учествував на конкурсот за креативни бизниси во организација на „Македонската артисанска трговска асоцијација“ (МАТА) и мојот бизнис-план за отворање школа за курсеви од областа на уметностите беше еден од наградените. Така почна мојата работа со деца што сакаат да научат нешто повеќе за ликовните техники и дисциплини во форма на едукативниот ликовен клуб „Еко-арт“. По четири години работа со млади таленти во клубот се создаде и можноста да предавам во основно училиште, за што многу сум ѝ благодарен на директорката на ООУ „Н.Г.Дуња“ во тоа време, Зорица Русевска, која ми ја даде можноста мојата љубов и посветеност кон професијата да им ги пренесам на идните генерации.

Дали се чувствувате задоволно и исполнето на професионален план?
– Презадоволен сум затоа што имаме прекрасни и талентирани деца на кои треба само да им се посвети малку повеќе внимание и да им се отворат првите врати за да можат да го покажат својот раскошен талент. Тие подоцна грабаат напред кон успехот. Нема поголема награда за еден учител од успехот на неговите ученици, особено ако се успешни и препознаени насекаде низ светот.

На кој начин ја поттикнувате детската фантазија на часовите по ликовно?
– Се обидувам во рамките на мојот ангажман како наставник по предметот Ликовно образование да ги поттикнам учениците да размислуваат пред сѐ креативно, да ја ослободат својата фантазија, велејќи им дека слободното изразување во ликовната уметност ќе придонесе тие да бидат креативни и во изнаоѓање решенија за проблемите по другите предмети, но и во животот. На часовите покрај техниките и мотивите што секогаш се трудам да им ги доближам на интересен начин, им пуштам и разни видеа преку кои можат да се запознаат со најразлични начини и техники на ликовно изразување. Исто така ги поттикнувам да учествуваат на разни конкурси каде што може да ги презентираат тие техники и, секако, сопствениот талент.

Наградите и пофалбите што ги красат витрините на училиштата во кои сте ангажирани, во голем дел се и ваша и заслуга на вашите ученици. Што би издвоиле како најголем успех низ годините?
– Секако дека сум горд на успехот на своите ученици, особено ме радуваат успесите на меѓународни натпревари на кои учествуваат таленти од целиот свет, а уште повеќе кога ќе бидат наградени на овие конкурси. Како најголем успех низ годините го сметам континуитетот во освојувањето награди, а секоја година списокот е збогатен со нови признанија од меѓународни натпревари. Тоа е доказ дека со посветеност, желба и љубов учениците можат да се поттикнат да бидат креативни и да ги искажуваат своите таленти на различни конкурси и натпревари.

Дали, според вас, нашата земја води доволна грижа за талентите во ликовната уметност?
– Некогаш ми се чини дека јас сум повозбуден и посреќен од самите ученици кога ќе освојат награда, особено од некој светски, меѓународен конкурс. Најверојатно тоа е така затоа што, за жал, ретко е нивниот талент да се препознае и награди во сопствената земја, бидејќи во моментов уметноста и се поврзано со неа кај нас се става на маргините на општеството.
Освен поголемо внимание за талентите, посакувам да се најде начин да се наградат ангажманот, вложувањето и постигнувањето и на наставниците што успеваат да ги поттикнуваат своите ученици да ја претставуваат Македонија, како дома така и во странство.

И оваа година што е зад нас беше многу успешна, а вашите талентирани ученици повторно освојуваа признанија. Кои ученици би ги издвоиле според постигнатите резултати?
– Оваа година повеќе ученици од ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ и од „Кузман Шапкарев“ учествуваа на повеќе домашни и меѓународни конкурси и натпревари по ликовно образование и остварија навистина одлични резултати. Како ученици што дадоа свој придонес во промоција на часовите по ликовно образование преку ликовно изразување и учество на многубројни домашни и меѓународни конкурси и натпревари за кои сведочат и многубројните награди, дипломи и признанија што ги освоија, посебно би ги издвоил: Сара Цветановска, ученичка во 8-б одделение при ООУ „Н.Г.Дуња“, деветтоодделенките од истото училиште Вероника и Цветанка Коруноски и Арабела Тудиќ, седмо одделение во ООУ „К.Шапкарев“.

Освен во училница, дали со децата сликате и надвор, посетувате ли музеи, гледате ли некои филмови за познати сликари, им посочуваш ли книги за македонски и светски уметници за да го надградат своето знаење?
– Секоја година, кога дозволуваат временските услови, дел од часовите ги држиме и надвор од училница, и ги поттикнувам инспирацијата да ја бараат во тоа што го гледаат, тоа што ги опкружува. При запознавање со одредени ликовни техники и дисциплини гледам да им спомнам и некои од македонските автори што со своите дела оставиле печат, не само во домашната туку и во пошироката уметничка сцена.

Неодамна во кафе-галеријата „Концепт 37“ во Скопје се одржа интересна изложба, кажете ни нешто повеќе за тоа?
– Во „Концепт 37“ се одржа завршна изложба на дела од ученици на кои сум им предавал. Инаку, оваа изложба е останата како традиција уште од времето кога држев часови во едукативниот ликовен клуб „Еко-арт“, со тоа што оваа година на изложбата, освен деца на кои сум им давал приватни индивидуални часови, беа вклучени и ученици од ООУ „Невена Георгиева-Дуња“, кои дадоа свој придонес во промоцијата на училиштето и освоија награди на разни конкурси. Тие првпат имаа можност да ги презентираат своите дела надвор од своето училиште.

И вашите ќерки го наследија талентот од вас. Би сакале ли барем едната да се определи за уметноста како своја професија?
– Да, и моите ќерки Леона и Лина Беслаќ, на некој начин го наследија мојот талент.
Помалата, Леона, заврши второ одделение во „Н.Г.Дуња, а Лина шесто во истото училиште. И двете активно учествуваа во промоција на училиштето преку учество на голем број домашни и меѓународни конкурси и натпревари за што сведочат и големиот број награди, дипломи и признанија. Секако дека не би ми пречело доколку барем едната се определи за уметноста како своја професија.

Колку, како ликовен уметник, наоѓате време за свое докажување на креативен план?
– Искрено се обидувам помеѓу сите секојдневни обврски да најдам време и за свое креативно изразување, а во тоа најмногу ми помагаат и ме мотивираат прекрасните цртежи и изработки на моите ученици. Тие изработуваат толку прекрасни цртежи, што го тераат човек едноставно да посака да седне и да почне да твори.


Растење

Дечиња родени во градови и села,
вас ве чекаат големи дела!
И небото кога ќе го допрете –
немојте да сопрете!
Вие сте актери на сцена,
го играте животот тоа нема цена.
Завесата е крената –
откривајте ја вселената!
И еден ден
кога ќе пораснете
и кога ќе се заљубите –
детето во себе да не го загубите!

Димитар Алачки
(Од книгата „Таинствен сликар“)