Проф. д-р Марјан Бојаџиев ја прима наградата од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Несекојдневно достигнување на семејството Бојаџиев, кое има тројца добитници на наградата „13 Ноември“

  • Професор д-р Марјан Бојаџиев ја доби наградата во областа на науката на завчерашното свечено доделување одржано во Националната опера и балет. Претходно со признанието се закитија и неговата сестра, проф. д-р Соња Бојаџиева, во 2022 година и нивниот татко, проф. д-р Илија Бојаџиев, во 1997 година

Семејството Бојаџиев може да се пофали со несекојдневно постигнување, со три члена што се носители на престижното признание „13 Ноември“ од Град Скопје, откако проф. д-р Марјан Бојаџиев ја доби наградата во областа на науката на завчерашното свечено доделување одржано во Националната опера и балет. Претходно со признанието се закитија и неговата сестра, проф. д-р Соња Бојаџиева, во 2022 година и нивниот татко, проф. д-р Илија Бојаџиев, во 1997 година. Станува збор за докторско семејство, каде што и покрај многубројните признанија и постигнувања, цврсто е всадено уверувањето дека најголема вредност е хуманоста, како што истакнуваат и лауреатите на ноемвриската награда Марјан и Соња Бојаџиеви во разговор за „Нова Македонија“.

Почитуван профeсоре Марјан Бојаџиев, вие сте трет професор Бојаџиев што ја добива престижната награда на Град Скопје – „13 Ноември“. Вашиот татко, професор Илија Бојаџиев, ја доби во 1997 година, а вашата сестра, проф. д-р Соња Бојаџиева, во 2022 година. Кажете ни нешто повеќе за вашиот татко.
– Д-р Илија Бојаџиев беше редок човек и одличен лекар. Тој е еден од основоположниците на клиничката имунологија во државава. Во 1970 година станал основоположник и раководител на Одделот за имунологија на Клиниката за детски болести во Скопје. Таму работи сѐ до пензионирањето во таа 1997 година. Долги години беше и шеф на Катедрата за педијатрија. Одделот за имунологија денес го носи неговото име – Оддел за имунологија „Проф. д-р Илија Бојаџиев“.

Кои беа главните причини поради кои тој ја доби наградата во 1997 година?
– Илија Бојаџиев беше народен човек, секогаш достапен за секој што имаше потреба од него. Беше достапен 24/7, се разбира, апсолутно бесплатно за секој што имаше потреба од преглед, совет или консултација. Беше „француски ученик“, на секои две-три години добиваше стипендии од француската влада за усовршување. Сепак, секогаш беше човек од народот и за народот. Ден-денес, сретнувам луѓе на улица што раскажуваат случки од прегледите кај Илија Бојаџиев. Кога почина во 2006 година, сите соседи од нашата улица се собраа и поднесоа иницијатива улицата Стрезова да се преименува во Илија Бојаџиев, и тоа се случи десетина години подоцна. Ова е веројатно најдобар индикатор за тоа колку беше популарен во народот.
Почитувана професорке Соња Бојаџиева, вие ја добивте наградата „13 Ноември“ 25 години по вашиот татко, односно во 2022 година, од областа на здравството, за долгогодишен придонес во здравствената заштита на младата популација и значаен придонес во хуманитарните активности. Како ја цените наградата? Дали таа ви донесе одредени промени во животот? Што сметате за ваше најважно достигнување?
– Секако, добивањето на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје во 2022 година од областа на здравството, за долгогодишен придонес во здравствената заштита на младата популација и значаен придонес во хуманитарните активности, беше од исклучителна важност и моја најпрестижна награда, бидејќи доаѓа токму од градот во кој сум родена и живеам. Верувајте, нема поголема среќа од тоа да му се помогне некому, особено кога станува збор за децата, во превенција од болести, здравствена заштита и придонес во здравството кај младата популација. Педијатриската популација во секоја држава е клучна алка во целокупниот здравствениот систем.

Професор д-р Соња Бојаџиева (десно) како лауреат од 2022 година

Професоре Марјан Бојаџиев, три години по вашата сестра и вие сте добитник на наградата „13 Ноември“. Кои се вашите најзначајни достигнувања или настани што ги сметате за меѓници?
– Несомнено, добивањето на наградата „13 Ноември“ за достигнувања во науката го сметам за едно од најзначајните достигнувања. Би ги истакнал зборовите на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој кажа дека наградата „13 Ноември“ е благодарност за луѓето што со својата работа, знаење и човечност ја продолжуваат борбата за подобро Скопје. Во тој контекст, мислам дека оваа награда е добра порака на поддршка за сите што сме одлучиле својот живот да го градиме во нашиот град, во нашата Македонија.

Професоре Марјан Бојаџиев, која е вашата порака до граѓаните, а и до политичарите? Како Мaкедонија дa биде подобро општество и подобра држава?
– Летово ми беше на посета драг професор од Франција, вљубеник во македонските планини. При доаѓањето ме праша каде ја гледам иднината на моите деца. Бевме на вечера, заедно со личноста што ми е најголема награда во животот: сопругата Ирена, без чија поддршка ништо не би вредело. Му велам, еве ги нашите деца Илијана, магистер по бизнис и финансии од Тор Вергата, Лука, магистер по маркетинг со бачелор од Тор Вергата и мастер од Американ колеџ. Двајцата живеат во Скопје, каде што ги имаат сите услови и удопства. Работат за меѓународни фирми. Но, ако решат да заминат во странство, можат да заминат веднаш, имаат дипломи од врвен универзитет. Но, сметам дека ништо не може да го замени животот во татковината, земјата на раѓање. Ние имаме света и нераскинлива поврзаност со земјата во која сме родени, каде што сме го минале детството.
Затоа, за најважна мисија во животот ја сметам изградбата на подобра држава тука, каде што сме. Мојата филозофија е дека студентите треба да ги изградиме во подобри личности, па сите тие ќе градат подобри организации и сите заедно ќе создаваме подобро општество. Р.Н.М.

Проф. д-р Илија Бојаџиев на доделувањето на наградата во 1997 година Фото приватна архива