ВРЕМЕПЛОВ – КОГА БЕВ УЧЕНИК: ЗОРАН РУДАН-ЦЕКИ, КАНТАВТОР И ПРОДУЦЕНТ
Зоран Рудан-Цеки, нашиот познат кантавтор и продуцент, кој во својата долга кариера бил и прв човек на детски фестивали, а сѐ уште неуморно ја освојува публиката не само во Македонија туку и во регионот, се потсети на своите училишни денови.
Цеки вели дека со љубов за музиката се „заразил“ уште од училишните клупи. Веќе како 12-годишник имал свој бенд, со кој настапувал во Скопје. Најпрво кога како гитарист и пејач ја формира групата „Икс идеја“, а потоа членува и во групите „Рок систем“, „Мистер џиниус“ и дуото „Целофан и Вањо“.
Гитарата и тапаните биле неговите најомилени детски играчки, но тинејџерските денови ги памети и по неговиот омилен стрип-јунак Загор, по филмот „Брилијантин“, по првата љубов и по многубројните будалаштини што ги правел со верната дружина.
Се сеќавате ли на вашата учителка?
– Многу добро ја паметам мојата наставничка од прво до четврто. Се викаше Анка Куковска и беше голем авторитет за мене.
Каде учевте, со кого ја делевте клупата и каков ученик бевте?
– Основно училиште завршив во ОУ „Кирил Пејчиновиќ“, во паралелка А. Клупата ја делев со многу другари, но најмногу се дружев со мојот подоцнежен кум, басистот на „Мизар“, за жал сега починат Сашо Крстевски. Како ученик не бев баш многу амбициозен, но затоа нешто подоцна бев вистински талент за организирање журки и забави.
Ќе ни го откриете ли името на вашата прва љубов?
– Се викаше Соња, морам да ја споменам.
Кои предмети ви одеа најдобро?
– Математика и македонски ми беа омилени предмети на училиште, а нормално и физичко, музичко и „губење час“. За сите други предмети често бев оправдано неподготвен.
Кажете ни нешто повеќе за вашите најдобри другари.
– Освен Сашо басистот, тука беа и Вањо, прекрасен човек и талентиран музичар, кој исто така прерано нѐ напушти, и Мишко, со кого и денес се дружам. Секако, музиката ни беше најголемата и најдрага играчка и затоа, на само 12 години, ја формиравме веројатно најмладата група во Македонија, па и пошироко. Толку бевме амбициозни и упорни што успеавме да направиме концерт на нашата полуматура, па дури и да заработиме од тој настап.
Како се облекувавте, што беше тогаш во мода?
– Како мал никогаш не пребирав, носев што ќе ми купат родителите, но во второ-трето одделение „влегов во филм“ и се облекував како познатиот стрип-јунак Загор. Носев тесни сомотски панталони со хоризонтални линии и тесни маици. Во седмо-осмо одделение, пак, станав панкер-рокер. Така повеќе привлекував внимание. Долго носев црно-бел шал зашто навивав за Партизан, како и сите мои другари, а не сакав да признаам дека Црвена звезда ми е скриена симпатија. Се разбира, навивав за Вардар, за кој подоцна снимив и навивачка химна.
Кои филмови, книги, стрипови, песни ви останале во сеќавање од тоа време?
– Мојот омилен филм од тоа време беше незаборавниот „Брилијантин“ и сметам дека сѐ уште ниеден друг не може да го замени. Од стриповите, мој омилен херој, како што споменав, беше Загор, а контрабанда беа децата што го сакаа Блејк. Јас толку многу читав стрипови, што ми недостигаше време за читање книги (ха-ха). Но, книгата што ми беше и сѐ уште ми е омилена е „Малиот принц“, сум ја читал стопати, а верувам ќе ја читам уште толку. Во музиката број 1 за мене беа: „Дип парпл“, „Леб и сол“, „Екатерина Велика“, „Рибља чорба“ и „Бело дугме“, чија музика денес јас ја интерпретирам во трибјут-групата „Бело копче“, со која настапуваме насекаде во земјава и во целиот регион.
Кога првпат настапивте јавно пред публика?
– Не сметајќи ги училишните и маалските свирки, јавно со мојата група „Рок-систем“ првпат настапив 1982 година во Чаир, на еден рок-хепенинг, летото кога бев меѓу прва и втора година средно.
По што најмногу ќе ги паметите училишните денови?
– За мене најдобрите и најеуфорични години на училиште беа оние од шесто до осмо одделение. Засекогаш ќе ги паметам по другарувањето, по свирките и по првата љубов.
Мислите ли дека сега децата се поинакви, послободни, оти побрзо созреваат?
– Децата си се исти и исто созреваат. Разликата е само во достапноста до информациите. Можеби поради тоа денешните деца пореално гледаат на животот. Освен тоа имаат многу пообемен материјал за учење, дополнителна настава, разни курсеви, но тоа не значи дека се и посреќни. Сепак, не можеме да се споредуваме со нив или да им кажеме да не играат на компјутер, зашто треба да играат „камај“ или да се качуваат по дрва, како што правевме ние. Сѐ во свое време.
