Филмот досега е прикажан на сите светски континенти, на повеќе од 50 меѓународни фестивали, музеи и културни и уметнички иницијативи
Во лондонскиот музеј „Тејт модерн“ беше прикажан филмот „Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова, проследен со разговор со авторката. Ова е трет значаен светски музеј во кој се прикажува „Молкот на разумот“, по Музејот на модерната уметност во Њујорк – МоМА (февруари, 2024) и центарот „Помпиду“ во Париз (март, 2024), каде што филмот ја имаше својата француска премиера во рамките на филмскиот фестивал „Синема ду реел“. Проекцијата во Лондон е британска премиера на филмот.
„Молкот на разумот“ ги апстрахира претставите на насилство, истовремено засилувајќи ги гласовите на оние што не може да бидат замолчени. Се отвора како експериментална архива, претставувајќи смел приказ на незамисливото, се наведува во авторскиот текст на музејот „Тејт модерн“, со кој се најавува филмот. По проекцијата на филмот, следуваше проекција и во Кралскиот колеџ во Лондон, како дел од активностите на „Тејт модерн“ за развој на публиката на музејот, како и панел-разговор со авторката на филмот и со некои од најзначајните професорки и истражувачки на универзитетот, како Рејчел Кер, Дениса Костовицова и Сесил Бурне-Фарел.
Филмот освои повеќе од 20 меѓународни награди, меѓу кои наградата за најдобра режија на ИДФА во Амстердам, наградата за најдобар меѓународен филм на „Синема реел“ во Париз, гран при на „Пунте де виста“ во Шпанија, најдобар среднометражен филм на „Хотдокс“ во Канада, како и регионални награди во сите земји на поранешна Југославија: наградата за најхрабар филм на Авторскиот филмски фестивал во Белград, „срцето на Сараево“ за човекови права, најдобар филм за човекови права на „Докуфест“ во Призрен, посебно признание на жирито на „Македокс“ во Скопје. Филмот е прикажан на сите светски континенти, на повеќе од 50 меѓународни фестивали, музеи и културни и уметнички иницијативи.
„Молкот на разумот“ е поддржан со уметнички грант од страна на БИРН, а е во македонско-босанска копродукција. Гостувањето на Кумјана Новакова во Лондон е целосно поддржано од „Тејт модерн“ во Лондон.
В.Д.