„Мојот роден град“ e концерт на камерно-солистички дела на Властимир Николовски што ќе се одржи во фоајето на ЦК „Марко Цепенков“, денеска, со почеток од 19 ч. Ги изведуваат солисти од ансамблот „КонТемпора“. Учествуваат Валентина Велковска-Трајановска како модераторка, баритонот Горан Начевски, Елена Атанасовска-Ивановска – пијано, Ана Митоска – сопран и Христина Никоска-Тасеска – пијано. Авторка на плакатот е Лидија Митоска- Ѓорѓиевска.
Во годината кога СОКОМ го одбележува својот 75ти јубилеј, ЦК „Марко Цепенков“ во соработка со ансамблот „КонТемпора“ организира концерт посветен на еден од композиторите што ги изградиле музичката култура и наследство со своето богато творештво, дела на кои во неговиот роден крај не сме се навратиле повеќе од четириесетина години (можеби и повеќе), дела што го сочинуваат фондот на македонската музичка творечка историја, композиторот роден во Прилеп – академик Властимир Николовски.
– Избраните дела од овој композитор се ретко застапени на концертните подиуми поради тежината и комплексноста што со себе ја носи неговата современа творечка мисла. Од богатото творештво на Николовски, СОКОМ во соработка со НУЦК „Марко Цепенков“ направи избор и ги обезбеди партитурите за неколку камерно-солистички дела што ќе бидат изведени на концертот. Низ делата публиката ќе ја спроведе модератор, кој ќе се наврати на сеќавањата за овој композитор и неговите творечки импресии – велат од „КонТемпора“.

Ка.М.