Фото: Архива

За да не ѝ се случи нов брегзит, односно ново излегување на членки од Унијата, за што има сериозни најави, ЕУ сака целосно да се реформира, што е процес што може да трае со декади. Во вакви околности, треба ли Македонија да брза со нови болни отстапки?

ЕУ-РЕОРГАНИЗАЦИЈА НА ДОЛГИ ПАТЕКИ, МК-ИНТЕГРАЦИЈА НА КРАТКИ

Јасните пораки и сигнали што доаѓаат од Европа во изминатиот период недвосмислено укажуваат на потребата од широки и сеопфатни реформи внатре во самата Унија.
Во самата ЕУ веќе подолго време се чувствува замор од проширувањето, што особено почна да доаѓа до израз по приемот на Бугарија и Романија во Унијата, кој се покажа како избрзан потег, бидејќи и двете земји ги немаа исполнето условите за членство. Впечаток е дека некои земји-членки (меѓу кои особено Бугарија) многу повеќе земаат од ЕУ отколку што придонесуваат. Тоа сега ѝ се враќа на Унијата како бумеранг.
Но слабости има и во другите земји-членки, како Полска, Унгарија итн. Да не заборавиме дека Британија како голема држава излезе од ЕУ токму поради внатрешните проблеми, распределбата на парите и др. За да не ѝ се случи нов брегзит, односно ново излегување на членки од Унијата, за што има сериозни најави, ЕУ сега сака целосно да се реформира.
Францускиот претседател Емануел Макрон прв крена рачна за ново проширување и притоа предложи формирање нова политичка заедница, во која би се собрале сите земји што нема да успеат или не сакаат да влезат во ЕУ. Тоа е таа таканаречена втора или можеби трета лига на ЕУ, како некакво предворје или чистилиште пред полноправното членство. Со предлогот на Макрон се согласи и германскиот канцелар Олаф Шолц, но и редица други европски дипломати и политичари.
– Мене ми звучи како реалистичен и разумен предлог да се разговара за алтернативи на полноправното членство во ЕУ, кое и онака нема да се случи во блиска иднина – смета Штефан Мајстер, експерт во германското здружение за надворешна политика
Според експертот за европски прашања Фон Ондар, изминативе години веќе се дискутирало за други модели, како придружно или делумно членство за одредени земји.

– Ова искуство ЕУ веќе го имаше со Турција, откако ѝ беше понудено привилегирано партнерство. Но земјите што сакаат да станат членки, тоа го гледаат како ‘членство минус’, третман како земји од втора класа – предупредува тој.
Повеќето наши соговорници, поранешни и сегашни дипломати и добри познавачи на европските состојби, ги согледуваат ситуациите во ЕУ и повикуваат на претпазливост.
Тие укажуваат дека и во самата ЕУ веќе се размислува за меѓуваријанти во однос на членството, односно дека самиот процес на проширување во самата ЕУ веќе не е во врвот на агендата. Соговорниците го истакнуваат фактот дека има многу земји што до скоро сметаа дека ЕУ е преголема за да прими нови полноправни членки, споменувајќи го примерот со Австрија, која како членка на ЕУ има предложено нонпејпер во Брисел, за тоа „дали е можно пред полноправното членство да има одреден вид парцијално членство“?
Со други зборови, ако Франција, Данска и Холандија не се подготвени во моментов да прифатат нови полноправни членки, тогаш да има парцијално членство, каде што земјите-кандидати ќе членуваат во одредени сектори, но нема да имаат европратеници, нема да имаат комесар, нема да имаат право на вето итн.
Соговорниците тврдат дека вакви документи се пристигнати и во македонското МНР, преку нашите амбасади. Според поранешните македонски амбасадори, би било добро кога таквите материјали би се ставиле под аналитичката лупа на домашните експерти и јавност, за да се видат јасно ставовите на поголемите земји-членки на ЕУ.
Инаку, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, неодамна ги промовираше таканаречените четири столба во однос на политиките на ЕУ кон Западен Балкан и кон Македонија. Во нив е нагласено дека „целта е да се доближи Западен Балкан до единствен европски економски пазар, да се продлабочи регионалната економска интеграција, да се забрзаат фундаменталните реформи во земјите во регионот и да се зголемат претпристапните фондови“. Или, со други зборови, наместо членство, државите од регионот да добијат поголем пристап до фондовите на ЕУ. А членството ќе остане за некое (не)догледно време.