Мировните преговори за Украина да се одржат во Охрид

Знаејќи дека Македонија е во стратешко партнерство со Соединетите Американски Држави, а македонскиот е братски народ со украинскиот народ и рускиот народ чие покрстување и описменување е во Охрид, Македонија – православниот Ерусалим во Европа, имајќи предвид дека Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, од почетокот на војната во Украина, бараа нејзин крај со историско руско-украинско помирување и Договор за траен мир и добрососедство помеѓу Украина и Руската Федерација, и потсетувајќи дека Македонија беше коспонзор на Резолуцијата на САД за траен мир во Украина, што Советот безбедност ја усвои на седницата одржана на 24 февруари 2025 година, Светскиот македонски конгрес ѝ предлага на македонската влада да им предложи на американскиот и рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин, мировните преговори помеѓу САД и Руската Федерација одделно и заедно со Украина, кои започнаа на 18 февруари 2025 година во Ријад, Саудиска Арабија, да продолжат и да се одржат во Охрид, Македонија, од каде што доаѓаат христијанството во државите на Западна Европа и писменоста и покрстувањето на народите во Источна Европа. А, организацијата на безбедноста и одржувањето на овој голем историски настан, важен за нормализацијата на односите помеѓу САД и Руската Федерација, унапредувањето на американско-рускиот детант, и мирот и развојот на светот, македонската влада да побара да биде во коспонзорство со унгарската влада и турската влада заедно и за таа цел под итно да се формира меѓувладин македонско-унгарско-турски комитет што ќе ги спроведе подготовките за сите активности!
СМК потсетува дека Резолуцијата за Украина по предлог на САД, од 15 земји членки на Советот за безбедност на ООН, на 24 февруари 2024 година „за“ гласаа десет земји членки – САД, Русија, Кина и африканските и азиските земји – Алжир, Гвајана, Пакистан, Панама, Република Кореја, Сиера Леоне и Сомалија, додека петте европски земји беа „воздржани“ – Данска, Грција, Словенија, Франција и Велика Британија.
Резолуциите на Советот за безбедност на ООН се правно обврзувачки, а право на вето имаат постојаните земји членки – САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција. Франција и Велика Британија не го искористија правото на вето, поради што американската резолуција за Украина се смета за усвоена! Во Резолуцијата за Украина по предлог на САД „се признава трагичната загуба на животи во текот на руско-украинскиот конфликт“, „се бара брз крај на конфликтот“ и дополнително „се повикува на траен мир меѓу Украина и Русија“, но никаде не се спомнува агресијата на Москва.
Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, веруваат дека со Божји благослов од Македонската православна црква-Охридска архиепископија, Исламската верска заедница, Католичката црква во Македонија, Еврејската заедница во Македонија и Евангелско-методистичката црква во Македонија, дијалогот помеѓу САД и Русија ќе доведе до крај на војната во Украина и мир во светот во целина!

Тодор Петров