Светот е сцена

Во галеријата „Шон Кели“ во Њујорк, Абрамовиќ го повтори својот познат перформанс „Уметницата е присутна“, за да им помогне на Украинците. Со реконструкција на нејзиното познато дело „Уметницата е присутна“, Абрамовиќ собира донации за помош по инвазијата на Украина.

– Пред 80 години, нацистичките сили предводени од Адолф Хитлер масакрираа невини луѓе во Бабин Јар, Украина. Денес руските сили, предводени од Владимир Путин, бомбардираат и убиваат невини луѓе во Бабин Јар. Војните се различни, но исходот е ист. Светот се обединува во борбата против нацистичкиот режим, мора повторно да се обединиме за да им помогнеме на Владимир Зеленски и на храбриот народ на Украина. Ова е битка на сите – напиша уметницата Марина Абрамовиќ на својот профил за својот нов настап.

Перформансот „Уметницата е присутна“, Абрамовиќ го изведе во 2010 година во МоМА во Њујорк. Стотици луѓе чекаа во ред да седнат спроти неа, а многумина соочени со нејзиниот поглед имаа неочекувани емотивни реакции.
Настапот особено го обележи појавувањето на уметникот Улај, поранешниот партнер на Марина Абрамовиќ.

Сите заинтересирани што сакаа да добијат шанса да седнат спроти Абрамовиќ можеа да се пријават на аукцијата на платформата „Артси“. Беа понудени две искуства, за едно лице и две лица, кои моментално вредат 11.000 долари. Најголемиот понудувач ќе добие и фотографија од познатиот фотограф Марко Анели, кој го овековечи првиот настап во МоМА.

Приходите од аукцијата се наменети за добротворната организација „Директ релиф“, која работи со украинското министерство за здравство и обезбедува медицински материјали за организациите во областа зафатена од војна.