Македонските митови

Во не толку далечната историја македонскиот народ живеел, се потпирал на три митови што се движеле меѓу суровата реалност и националниот сон. Првиот е митот за Александар Македонски и за древното потекло на современиот Македонец. Вториот, митот за обединета Македонија во нејзините некогашни географски, делумно и етнографски и јазични граници. Третиот мит е поврзан со ВМРО (Внатрешната македонска револуционерна организација) и со неговата улога во историјата – позитивна или негативна

Презедовме ли обврска да се ослободиме од нашите митови со потпишувањето на договорите со Грција и со Бугарија?

Од независноста на Република Македонија (денес Северна) трите мита поминаа низ неколку фази на реанимација и рехабилитација, но денес, официјално, политички и државно, се ставени во архива како завршени. Остануваат живи само за некои поединци и групи како недосонуван сон, како пуста желба за нешто далечно и недофатливо. Со потпишувањето и спроведувањето на договорите со Грција и со Бугарија, со уставните измени и со новото име Република Северна Македонија, новоименуваната држава си презеде обврска не само да се ослободи од нив туку да ги закопа во гроб.
Не навлегувајќи во докажување или во спор дали денешните Македонци се директни или индиректни негови потомци или навистина немаат никаква врска со Александар Македонски, може да се каже дека култот на Александар се негувал подолго време меѓу народот. Неговото име го има во народни песни, во приказни на целата македонска говорна територија, многу новородени деца, машки и женски, го носат неговото име. Сигурно тоа не е случајно, сигурно влече дамнешни корени.
За време на бивша Југославија, како и во првите години од осамостојувањето, ниту историчарите, ниту науката, ниту политиката покажаа големо интересирање или свртеност кон историјата од пред две илјади и триста години. За волја на вистината, култот на Александар беше жив меѓу македонската дијаспора во Америка, Австралија, Канада и Германија. На таа дијаспорска наклонетост во комунистичка Македонија се гледаше, во извесна смисла, како на непријателска дејност и можна опасност од пренесување на жешката национална атмосфера во сама Македонија, што подоцна навистина се пренесе.
Сепак, и покрај внимателноста и оградите, Александар Трети Македонски (Александар Велики), творецот на големата македонска античка империја, се најде повторно меѓу Македонците. Може да не се согласуваме, но воскреснувањето на неговото име и темата за него беше неизбежно да се случи во бурните историски преиспитувања во почетните години на независна и самостојна Македонија. Него на голема сцена го оживеа Васил Тупурковски-Циле, еден од најпопуларните политичари во тоа време. Објавувајќи луксузни биографски книги за Александар, работени врз записи во Националната библиотека на Америка, го предизвика бранот на привлечност на закопаната античка историја, вклучувајќи ги и легендите за коњот Букефал.
Но, ако за Тупурковски величината на култот беше возбудлив историско-белетристички прилог, употребната вредност на големиот војсководец ја намириса навреме и максимално ја искористи Никола Груевски, откако застана на чело на ВМРО-ДПМНЕ, а особено откако стана претседател на Владата. Јавајќи на приказната за древното потекло на денешните Македонци и нивното поистоветување со една од најзначајните личности во светската историја, освои илјадници гласа во неколку по ред изборни победи.
Тоа е едната, може да се рече, светлата страна на медалот, на таа античка кулминација, силно поткрепена со антиквизацијата, со подигнување голем број споменици и особено со градежниот проект „Скопје 2014“. Од другата, враќањето кон Александар и неговото време и барањето на националните корени преку него, не без основа, се истретира како удар врз научно прифатениот словенски идентитет на Македонците и наводна навреда на Грците. И покрај сите напори и вложени големи пари, замислен како национална катарза, тој проект, крајно гледано, наместо единство, внесе нов национален раздор со долгорочни последици. Апсурдот е во тоа што величието наместо да го одржи, го погреба митот.
Договорот за пријателство со Бугарија и спогодбата со Грција за името на државата, освен митот за Александар, урнаа уште еден мит, уште еден неостварен односно нестварен сон и дел од македонските заблуди. Митот за обединета Македонија (територијално, географски, етнички и државотворно) што не беше згаснал повеќе од еден век дефинитивно ја испеа својата лебедова песна во Нивици, грчка Мала Преспа, на брегот на Преспанско Езеро.

Копнежот за Пирин Планина и Егејско (Бело) Море содржи елементи што носеле (не)среќа?!

Не мора да е точно, но не е и далеку од вистината ако се каже дека идеалот за обединување, кој често бил злоупотребуван, и копнежот за Пирин Планина и Егејско (Бело) Море содржат елементи што не носеле среќа или каква било национална корист. Тие битки дадоа сосема мал позитивен ефект ако се сумира од денешен аспект и ако се суди по денешната позиција на Македонците во тие земји.
Не мала штета направи една голема лага што велеше ќе стигнеме до Егеј, која оживеа во времето на воскреснувањето на ВМРО преку Љупчо Георгиевски и на која наседнаа голем број искрени патриоти, а ја пропагираа квазипатриотите, провокаторите и полициските доушници. Додека некои од Македонците пееја за „Солун е наш“, други нации ја искористија шансата сегашни градови да го загубат мнозинскиот македонски национален идентитет, мерено според бројот на жители.
Третиот жив мит меѓу Македонците е организацијата ВМРО, нејзината не докрај разјаснета улога во борбата за самостојна или автономна Македонија, вклучувајќи ги нејзините контроверзии, историската поврзаност со Бугарија и слично. Сепак, колку некој да не ја сака или не ја трпи, вистината е дека ВМРО безмалку е митска и легендарна појава во свеста кај дел од Македонците, но истовремено и негирана и извалкана кај другиот дел.
Оживувана и прогонувана, слободна или забранета, тајна или јавна, оваа организација покажа историска жилавост за опстојување. Таа слика не е изменета речиси 130 години. Прашање е дали и денешните историчари имаат волја, можности и капацитет да ги расчистат сите контроверзии како за партијата така и за нејзините водачи.
Како и низ историјата така и во независна Република Македонија, многу збиднувања во политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, формална наследничка на историската револуционерна организација, сведочат дека таа ги пребродува истите болести чии вируси ги внесоа уште основачите, а не останаа имуни ни подоцнежните лидери. Изнедрена во утрото на македонската независност, за која има не мал придонес, партијата и во совремието, во повеќепартиски релативен демократски амбиент, обилно го надградува историјатот на меѓусебни колежи, на меѓусебни крвави пресметки, на лукавства, предавства и братоубиства, на подмитливост, подлегнување на клептоманство и предавање (продавање) на соборците за 30 сребреници.
Не е непознато дека низ целиот период Внатрешната организација си ја носи лепенката на бугарска или пробугарска, а такви белези ѝ беа ставани на челото и на македонската политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, особено во времето на нејзиното основање и за периодот на лидерството на Љупчо Георгиевски, кога тој и многумина околу него го доведуваа во прашање националниот идентитет на своите граѓани.
Никола Груевски, по расправиите и тајните кавги со тогашниот бугарски премиер Бојко Борисов, реско ја прекина таа вмровско-бугарска врска, а Мицкоски до денес не ја дофатил. Во меѓувреме беше очигледно дека претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев, има намера да каже, но во последен момент се воздржа, дека Македонците се Бугари, иако тоа го навести велејќи дека Македонците и Бугарите се ист народ.

Политички компас што стамено покажува во ист правец: Македонија на Македонците

Но, еве го изненадувањето. Иако можеби не е за изненадување, по доаѓањето на власт на Христијан Мицкоски трубат други труби. Последниве месеци повеќемина политичари, историчари, публицисти и медиуми во Бугарија сѐ повеќе користат изјави и објави со кои се обидуваат да наметнат мислење дека новите власти (од најголемата партија на власт) во Македонија се поврзани со Белград и спроведуваат српска, бившојугословенска и Титова политика кон Бугарија. Таквите ставови овде во Македонија ги поттикнуваат и поддржуваат дел од македонските Бугари, внатрепартиски противници на политиката на партијата и лични соперници и беспомошни ривали на Мицкоски.
Овие групации сѐ повеќе се обидуваат да наметнат мислење дека партијата ги напуштила автентичните (бугарски-пробугарски) корени и се свртела кон Србија, наводниот лицемерен пријател на Македонија. Речиси без некоја поголема основа, жестоко ја критикуваат врската Мицкоски-Вучиќ, Орбан, одејќи далеку до Владимир Путин, како врв на таа „нова“ сојузничка пирамида. Ова, на некој начин, би требало да подразбира некакво свртување на македонската политика кон Исток (Русија) наместо кон Западна Европа, што е навистина изречен мисловен нонсенс, да не речеме голема глупост. Оттаму потекнуваат и иронизирањата на ВМРО-ДПМНЕ со додавката „српска“ или „чачак-партија“ и за власта што игра по ритамот на „Жикино коло“.
Од врвот на партијата и на Владата покажуваат ладнокрвност и не реагираат на ваквите подметнувања. Сигурно ги имаат предвид, но ги игнорираат веројатно сметајќи дека подметнувачите користат само вербални акробации, а немаат какви било факти да ги оправдаат тие интриги. Како и да е, и тврдењата за просрпство го исцрпуваат и го уриваат митот за ВМРО-ДПМНЕ како бугарска или пробугарска партија, дури и ако се прифати мислењето дека новото ДПМНЕ е само привремен трик за скривање на длабоките врски меѓу партијата и бугарската сегашност. Сепак, без разлика на сѐ, монолитноста кон идеологијата за македонизмот, длабоката и долга традиција, македонскиот супстрат, идентитет, различност… се она што го вкочанува и сегашниот политички компас што стамено покажува во ист правец: Македонија на Македонците и за сите што сакаат да живеат во Македонија!
Митовите, легендите, приказните, бајките, во принцип, и политички и практично, служат за засилување, обединување и зацврстување на националното ткиво на еден народ, на една нација, на еден етникум, голем или мал. Кај нас, меѓу Македонците, се случува обратното. Можеби како нов мит ќе остане името Македонија што замина официјално во историјата, но да не заборавиме дека старите митови во одредени периоди воскреснуваат во нови облици или облеки.

[email protected]