Констатацијата за постоење на седум агенции чија намена е борба против организираниот криминал и високата корупција предизвикува логично прашање што може повеќе квалитативно да се постигне на овој план со формирање осма агенција со иста намена. Предлагачот на законот според кој треба да се формира новата агенција, пратеникот Павле Трајанов, вели дека тоа ќе биде независна агенција, надвор од политичка и партиска моќ, а постојните агенции работат под државна капа
На повидок уште еден закон и агенција за борба против корупцијата и организираниот криминал
Корупцијата и организираниот криминал, поврзани неделиво во единствена дефиниција кога станува збор за декларативните заложби за нивно сузбивање, се покажуваат како жилав и отпорен општествен феномен, кој сериозно го загрозува како економскиот така и демократскиот развој на државата. Портфолиото на борбата против овие општествено девијантни и криминални појави во Македонија е исполнето со контроверзни резултати на институциите формирани специјално токму за таа намена, со образложение за нефункционалност на претходно постојните системски институции со таква намена.
Со такво искуство (пред сѐ со специјалното јавно обвинителство), најавата за формирање нови институции за борба против високата корупција и организираниот криминал наметнува многу посериозен пристап во аргументацијата за нивната целисходност.
Нова независна агенција, надвор од политичката и партиска моќ?!
Пред неколку дена пратеникот и претседател на Демократски сојуз, Павле Трајанов, достави во Собранието предлог-закон за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција. Како што образложи на прес-конференција, овој предлог-закон треба да овозможи искоренување на тешките облици на корупција, неселективна војна против криминалот и имплементација на европските вредности. Трајанов предлага да се формира независна агенција, надвор од политичката и партиска моќ, која ќе биде отпорна на какви било партиски, корупциски или бизнис-влијанија, составена од професионалци, кои ќе можат да работат на откривање тешки облици криминал што го прават носители на високи државни функции. Според образложението на Трајанов, агенцијата треба да работи и на откривање на скриениот имот на носители на државни позиции што го стекнале на криминален начин. Освен што ќе открива тешки кривични дела со вредност над 100.000 евра, таа треба да ги следи и јавните набавки преку кои се одлеваат милиони евра во приватни џебови, бидејќи, според Трајанов, над 90 проценти од нив се наместени.
Сепак, лидерот на Демократски сојуз, како предлагач на новиот закон, открива дека во Македонија има седум агенции за борба против корупцијата, меѓутоа сите тие се политизирани и не можат да функционираат. Затоа е доставен предлог за ваква независна агенција. Трајанов јавно ги повикува сите пратеници и политички партии да се приклучат како предлагачи на овој законски проект, за да се успее преку јавна расправа до крајот на март да биде донесен овој закон.
Седум постојни специјализирани тела за борба против организи раниот криминал и високата корупција – недоволни, осмото ќе биде ли?
Констатацијата за постоење на седум агенции чија намена е борба против организираниот криминал и високата корупција предизвикува логично прашање што може повеќе квалитативно да се постигне на овој план со формирање осма агенција со иста намена.
– Сите овие постојни агенции на некој начин се под државна капа и може да се каже дека на одреден начин се истурени единици на Министерството за внатрешни работи, односно се поврзани со актуелната власт. Нивното досегашно дејствување беше поврзано со прогон на криминалите и корупцијата на претходната власт, но досега немаат „препознаено“ криминал во кој е поврзана актуелната власт. Со новиот предлог-закон за борба против тешките облици на корупција и организиран криминал се предвидува формирање независна агенција, која нема да биде под директни ингеренции на државните органи на власта, односно ќе може да ја насочува дејноста на веќе постојните агенции и да може да ги презема предметите за кои ќе смета дека власта може да влијае. На предлог-законот се работеше подолг период, а учествуваа познавачи на материјата, од универзитетски професори, претставници на невладините организации, новинари, политичари, пратеници…
Функционирањето на агенцијата, односно нејзината надлежност да спроведува истраги за корупција и организиран криминал ќе произлегува и ќе биде под контрола на управен одбор. Надлежноста за избор на првичниот состав на управниот одбор на агенцијата е во собраниската комисија за избори и именувања. Изборот на понатамошните состави, по истекот на мандатот на првиот состав, е регулиран со законот. Сакаме да создадеме агенција што ќе има надлежност да спроведува истраги, односно да има контрола над тековни предмети, како на пример јавни набавки, во кои се вклучени партиите на власт. За функционално конституирање на оваа агенција се предвидува да бидат превземени кадри од постојните институции, така што нема да има зголемување на бројот на вработените, ниту да се издвојуваат повеќе средства. Ќе се укинат некои работни места, односно ќе се алоцираат средства од постојните во новата институција – накратко за „Нова Македонија“ ја објаснува пратеникот Павле Трајанов суштината на предлог -законот што го има поднесено до Собранието.
Како соодветен пример за потребата за формирање агенција што во реално време ќе може да спроведува контрола на јавните набавки, Трајанов конкретно ја посочува предвидената набавка на енергенти за ТЕЦ-Неготино, во вредност од 200 милиони евра. Тој смета дека без контрола на процесот, барем 30 милиони евра ќе се одлеат во корупциски канали.
– Со отворање војна против корупцијата и криминалот навистина ќе зачекориме кон европските вредности и тоа е систем како и на кој начин да се стигне до полноправно членство во ЕУ. Сѐ друго, поделбите за тоа кој е против или за ЕУ се класични манипулации и тие не нѐ доближуваат до ЕУ и европските стандарди – вели Трајанов.