Камбана

Тие гредите што ги донесе од твоето село, уште ги чуваш или ги фрли, ме праша Петре, колега и долгогодишен пријател. Не, не ги фрлив, но имаа чуден крај. Кога ги донесов во новиот дом, ги намачкав со безбоен лак, и ги поставив на важно место од моето ателје. По година-две забележав дека почнаа да се ронат како струготина. Видов однатре се скапани. Нормално, по толку години, селото празно, со неотворена куќа, предметите скапуваат дури да се и од железо. Добро што и толку издржаа. Понекогаш си мислам, процесот на скапување можеби се забрза со промена на температурата.
И вратничката ја сподели таквата судбина? Малата врата сѐ уште стои на нејзиното место од ателјето. Види, од едната страна беше обоена со сина боја, штиците од кои е направена вратничката се од варена бука. И иконите на тој начин се изработувале, на варена бука, и така имаат долг век. Варена бука не може да ја оштети каков било јадач. Во една фиока го чувам и катинарот.
Селото веќе не постои, но дали знаеш или дали се случило некој од селото што случајно или намерно поминувал таму да оди до црквата и да заѕвонува со камбаната. Дали се случило такво нешто, без разлика што во тој простор никој не живее?
Ме прашуваш дали може некој да оди до црквата, да се искачи во камбанаријата и да заѕвони со камбаната? Да, тоа те прашувам и сакам да знам. Замисли си, камбана ѕвони, а нема никој. Надреалистичка слика нели? Дали се случило такво нешто?
Не, откако е напуштено селото такво нешто не се случило, ниту може да се случи. Зошто не може да се случи, изусти Петре? Не може бидејќи во камбанаријата од црквата „Свети Ѓорги“ во Бапчор нема камбана.
Нема камбана? Да, нема. Ќе ти раскажам една друга надреална случка поврзана со камбаната од црквата во Бапчор.
Вака, патот што води од селото кон Костур поминува покрај друго село Жервени. Во времето селаните од двете села си живееја домаќински и пријателски како што им доликува на стамени соседи. При разните средби тие од Жервени велеа вашата камбана посилно ѕвони од нашата, која има помек звук! Нашата е помала и ја нема таа јачина како вашата камбана, тврдеа селаните од Жервени.
Годините минуваа, се случи и Граѓанската војна и селото Бапчор остана празно. Сега ќе се вратат селаните, утре ќе се вратат, никогаш не се вратија. Куќите почнаа да се руинираат, времето одзеде и дел од црквата, се сруши горниот дел од камбанаријата. Падна и камбаната.

Селото Жервени остана цело, а кога се уверија дека селаните од Бапчор нема да се вратат, идејата, со добра намера, им отиде до камбаната, која долго време ја немаа чуено. Организирано отидоа до Бапчор, видоа дека камбаната стои во куп од рушевини. Ја зедоа и ја сместија во нивната црква. Оттогаш камбаната од Бапчор, наместена во црквата од Жервени, почна повторно да ѕвони. Денес некои велат и мислат, звукот од камбаната се слуша дури до Костур.
Пред неколку години, што значи не толку одамна, група соселани, меѓу кои и јас, организирани како туристи, го посетивме Бапчор. На одење кон Костур наминавме и во Жервени. Кметот и селаните од Жервени нѐ дочекаа искрено и пријателски, во разговорите се спомна и камбаната од црквата „Свети Ѓорги“ во Бапчор. Кметот, со добра намера, нѐ уверуваше дека ако некогаш заживее селото ќе ја вратат камбаната во Бапчор, но сега засега подобро е таа да ѕвони од Жервени, со тоа на некој начин може да се помисли како да ѕвони од Бапчор.
И, ме запраша Петре? Ништо, оттогаш работите не се променија, но приказната продолжува на еден исто надреален начин.
Митре Каламаров (Димитрис Каламарис) е роден во Бапчор, дел од младоста со семејството ја поминува во Лерин. За време на Граѓанската војна во Грција, Митре заминува за Атина каде што се запишува во Ликовната академија од Атина. По завршувањето на академијата, се враќа во северна Грција, во Лерин работи како скулптор и станува познат ликовен деец во цела Грција. Има изработено скулптура на Ангелиос Гацис, познат грчки јунак што се бори против Отоманската Империја. Скулптурата на Митре е поставена во С’батско од областа Аридеа. Скулптури на Митре Каламаров има во Солун и во Атина. Попознато дело е скулптурата „Воин што умира“, алегорија поврзана со хеленската античка култура и историја. Ова дело на Митре е поставено во сообраќајниот центар од Атина.

Коле Манев: Остатоци од Бапчор

Те молам, дај да се вратиме кај камбаната, ако има уште нешто да се каже за неа, ме прекина Петре. Ова беше потребно за да дојдам до камбаната, реков. Митре како познат скулптор се преселува во Атина, таму се оженува, им се раѓа прво дете машко и по предлог на сопругата, со пријатели и свештено лице, одат во Бапчор да го крстат нивното прво дете.
Во селото, што да видат, рушевини на сите страни, покривот од црквата овиснат и прокиснува во внатрешноста, дел од камбанаријата срушена, камбаната ја нема. Митре и сопругата и во такви услови го крстат детето, се враќаат во Атина и решаваат да вложат средства за поправка на покривот од црквата. Нашите соселани иселени во Австралија и од други места од светов донираат средства со кои се доизградува и камбанаријата. Не знам дали Митре повторно наминал во Бапчор, во неколку наврати се обидував да се поврзам со него, но, за жал, не успеав. Митре починува во 1996 година во Атина. Колку што знам, камбаната не е вратена, бидејќи кметот од Жервени ни рече дека ако некогаш селото заживее, тогаш ќе ја вратат и камбаната.
Ете, пријателе, толку за камбаната што сега ѝ служи на црквата од Жервени и како што кажуваат тие што се разбираат од камбани, кога таа ѕвони нејзиниот звук се слуша дури до Костур.
Да те прашам уште нешто, дали мислиш дека селаните од Жервени, со тоа што ја зедоа камбаната од Бапчор и ја поставија во нивната црква, направија добро дело или лошо?
Искрено не се разбирам од камбани, но од емотивна страна мислам дека повеќе направија добро дело отколку лошо. Со камбаната и со сите наши носталгични емоции, со звукот на камбаната селото Бапчор продолжува да живее. Петре, тоа е, друго нема.
Да се вратиме во нашето совремие. По ваквите емотивни и трагични случувања, што мислиш, ќе ја зачуваме државата или и неа ќе му ја дадеме некому да се служи како сака и умее, со тоа и ќе ја загубиме?
Колега Петре, нели гледаме дека насекаде околу нас е руина, пустош. Државата ја држиме за влакно. Не сакам да изгледам како песимист или разочаран и депримиран граѓанин. Тоа е жива вистина, исто како и спомените што ги чуваме за оваа или за некоја друга работа. Ги продадовме Македонците од Егејот, Грција. Исто правиме со тие од Бугарија или Албанија. Во Република Македонија самите се ставивме на погрешни шини што водат кон никаде. Последната шанса, во изборите што следуваат, да одбереме вистински личности, а не улични ветрушки, папучари или покондирени персони. Ако тоа не го направиме, ветерот ќе нѐ дувне по Стајкова пресека. Тоа е израз што се употребуваше во нашето село.

Коле Манев