„Првите кралеви на Европа“ во Чикаго
Во Филдовиот музеј во Чикаго, во петокот, беше отворена изложбата „Првите кралеви на Европа“, во која со свои раритетни предмети од неолитот учествува и Македонија. Овој престижен музеј ги повикува посетителите да нурнат во историјата преку артефактите што за првпат се претставуваат на едно место и да патуваат назад во 5.000 година пред нашата ера до железното време за да осознаат како воините се претворија во кралски членови и засекогаш ја променија структурата на општеството.
Македонските претставници на оваа ексклузивна збирка од 700 предмети, координирана од Гоце Наумов, доаѓаат од Завод и музеј – Битола, Музеј – Гевгелија и Завод и музеј – Прилеп.
Изложбата „Првите кралеви на Европа“ е реализирана со поддршка од Амбасадата на САД, која и овој пат покажа големо разбирање за афирмацијата и заштитата на културното наследство на земјава.
– Изложбата беше спроведена во партнерство со 11 земји, на кои им се приклучија Соединетите Американски Држави и Канада, и 26 различни музеи. Многу од културните предмети никогаш не биле изложени надвор од нивните земји на потекло, а некои никогаш не биле изложени. Изложбата „Првите кралеви на Европа“ е единствена можност да се видат на едно место – вели Вилијам Паркинсон, куратор на оваа изложба.
Координаторот на изложбата од Македонија, Гоце Наумов, вели дека е голема чест што жртвеникот од Врбјанска Чука е еден од првите и најстари предмети со кои започнува мистичното патување низ балканската предисторија. Освен него, свое катче си имаат енеолитскиот скиптар од Шуплевец и железнодобниот накит од Милци, кои се дел од оваа приказна што буди голем интерес во светот. Македонските раритетни пронајдоци од изложбата „Првите кралеви на Европа“ се дел од турнејата во Северна Америка што почна во 2022 година, во Њујорк, а по Чикаго, ќе заврши во 2024 година во Отава, Канада.
Изложбата е структурирана во четири главни дела: Територија пред кралевите: неолитски период; Првата позлатена доба: бакарната доба; Нови патишта на моќта: бронзеното време; Раѓањето на кралското семејство: железната доба.