Хрватска се соочува со несекојдневен судир меѓу претседателот Милановиќ и премиерот Пленковиќ
Претседателот и премиерот, кои не се од иста политичка партија, наместо да ги синхронизираат меѓусебните односи во насока на државниот и национален интерес по низа политички прашања, тие кохабитираат со негативен предзнак, предизвикувајќи многу меѓусебни тензии, кои негативно се рефлектираат и врз самата држава, граѓаните и општеството
Ангел Митревски, Специјално за
„Нова Македонија“ од Хрватска
Политичката сцена во Хрватска се соочува со една несекојдневна, непосакувана ситуација. Имено, односите меѓу првите луѓе на Хрватска, премиерот Андреј Пленковиќ и претседателот Зоран Милановиќ, се на најниско ниво на соработка, а првите последици од таквиот начин на практикување на кохабитацијата веќе се чувствуваат. Имено, претседателот и премиерот, кои не се од иста политичка партија, наместо да ги синхронизираат меѓусебните односи во насока на државниот и национален интерес по низа политички прашања, тие кохабитираат со негативен предзнак, предизвикувајќи многу меѓусебни тензии, кои се рефлектираат и врз самата држава, граѓани и општество.
Ваквата појава не остана незабележана, па веќе започнаа да се прават различни анализи и да се објавуваат мислења на домашни и странски автори. Интересно е дека дури и некои европски медиуми му даваат големо значење на проблемот, со оглед на тоа што Хрватска е членка на Европската Унија и не е сеедно како се одвиваат работите во големото европско семејство.
Една од доминантните тези во таквите анализи е дека ако до вчера Зоран Милановиќ и Андреј Пленковиќ понекогаш си подаваа рака и си разменуваа понекој збор, тешко дека ќе се повтори тоа во скоро време. Ваквото тврдење се базира на сознанието дека премиерот веќе не одговара ниту на писмата што ги добива од претседателот, а Пленковиќ пак го обвинува дека неговото однесување е незаконско.
– Нема потреба да се води каков било дијалог со него – вели премиерот, додавајќи дека ниту еден претседател досега не се однесувал како Милановиќ.
Од своја страна, Милановиќ одговара дека врвот на власта е виновен за однесувањето на некои партиски другари, како неодамна уапсениот вуковарски жупан Дамир Деканиќ, кој пијан криел сообраќајна несреќа и притоа изјавил дека сопатникот возел.
Несогласувањата се провлекуваат подолго време, но се чини дека нивната врска се прекина откако канцеларијата на Милановиќ на 9 март објави писмо што тој му го испрати на Пленковиќ на крајот на минатата година, барајќи да се сретнат. Премиерот не одговори на писмото, туку го обвини претседателот дека игра игри за да го одвлече вниманието од сопствените скандали.
– Не можете да навредувате некого, а следниот ден да се понудите да разговарате – рече тој.
Во меѓувреме, острата реторика меѓу претседателот Зоран Милановиќ и премиерот Андреј Пленковиќ продолжува. Пред два дена меѓусебно се прозиваа и се обвинуваа за прекршување на Уставот.
– Премиерот е целосно неуставен, отворено го прекршува Уставот и не сака да соработка таму каде што Уставот го обврзува на тоа. Не сакам да ми биде сведок на Бар мицва или на некоја друга свеченост или на прво причестување, едноставно Уставот нѐ обврзува на тоа – рече Зоран Милановиќ.
Премиерот Андреј Пленковиќ веднаш му одговори.
– Милановиќ со години постапува неуставно и незаконски. Според хрватскиот устав, задача на претседателот на Републиката е координирано да се грижи за работата на хрватските институции. Начинот на кој се однесува тој е целосно недоличен и противуставен. Тој со своето политичко дејствување де факто се обидува постојано да ја урива Владата и да ја напаѓа владејачката партија, и тоа на најбрутален начин, навредувајќи ги членовите на Владата и министрите – рече тој.
Во меѓусебната расправија преку медиумите, на моменти дури и се поминуваат границите на вообичаената комуникација.
– Па, ова не е некаква психотерапија, каде што еден ден слушаме изливи на глупост и најлоши навреди, а следниот ден доаѓаме на состанок и договор за кадровски прашања – рече Пленковиќ за однесувањето на претседателот Милановиќ.
Но ни тој не остана покус.
– Понекогаш се радувам на некаква конкуренција и надмудрување, но со такви досадни ликови, органски е болно да се има таква интеракција. Законот не го признава тоа – вели Зоран Милановиќ.
И така, несогласувањата се продлабочуваат. Дополнително, хрватскиот премиер вели дека не гледа перспектива за соработка со претседателот на земјата. Претседателот, пак, од своја страна, вели дека премиерот не покажал „ни најмал интерес“ за решавање на голем број прашања каде што нивните јурисдикции се преклопуваат.
И можеби јавноста на оваа кавга би гледала со доза на хумор, како што вообичаено се случува при политички недоразбирања во Хрватска, но овој пат работите отидоа малку подалеку и веќе се чувствуваат првите сериозни последици. Додека тие двајцата се расправаат, тоа значи дека еден куп празни места во дипломатската служба и вооружените сили на Хрватска ќе останат непополнети во скора иднина, барем додека изборите не натераат еден или двајцата да се тргнат од функцијата.
Но се поставува прашањето како да се издржи дотогаш, бидејќи парламентарните и претседателските избори треба да се одржат следната година.
Интересно е дека Милановиќ уште кога стана претседател на почетокот на 2020 година, како кандидат на опозициските социјалдемократи, често ги вкрстуваше копјата со централнодесничарската влада на Пленковиќ. Критичарите на претседателот го обвинуваат за приближување кон политичката десница по повеќе прашања, а тонот на некои негови изјави во јавноста предизвика сериозни коментари, па дури и загриженост во одредени кругови. Двајцата уште тогаш разменија неколку непристојни навреди, како што се „запален јазовец“, „мазга“, „потпалувач“ и „мал расипник“, и се расправаа за многу прашања, како што се справувањето на Владата со пандемијата на ковид-19, војната во Украина, именувањата на Врховниот суд …
Ваквата непријатна ситуација прв се обиде да ја прекине Милановиќ, со своето писмо од 22 декември до Пленковиќ, во кое побара тие да се сретнат за да решат голем број проблеми на полето на надворешната политика, одбраната и националната безбедност, каде што има улога на претседател.
„Во согласност со Уставот на Република Хрватска, моја должност е да обезбедувам редовно и координирано работење и стабилност на државната власт во Република Хрватска. За жал, хрватската влада, барем кога станува збор за надворешната политика, одбраната и националната безбедност, не дејствува координирано и тоа не е нормална ситуација“, напиша тој
Притоа Милановиќ го потенцира неуспехот да се пополнат испразнетите места во хрватската дипломатска служба.
– Непополнети се четири испразнети амбасадорски места – истакна тој, додека 45 од 88 шефа на претставништва се на функција подолго од стандардните четири години, а на уште 36 ќе им истече мандатот следната година.
Милановиќ изрази загриженост за „состојбата на оружјето“ во вооружените сили, што, како што рече, фрла сомнеж во одбранбената способност на земјата, и наведе голем број празни места во командата, меѓу кои и командант на Хрватската воена академија, командант на крајбрежната стража, раководител на Одделот за логистика во Главниот штаб на вооружените сили, ГСОС, началник на оперативниот оддел во ГСОС, заменик-директор на Воената безбедносно-разузнавачка агенција и воен претставник во НАТО и ЕУ.
Милановиќ исто така изрази жалење за „недостиг од консултации“ со владата на Пленковиќ во врска со прашањето за учеството на Хрватска во мировните сили на Европската Унија во Босна и Херцеговина, нешто за што Милановиќ и владата на Пленковиќ досега неуспешно притискаа.
По три месеци чекање, Кабинетот на претседателот соопшти дека Пленковиќ не одговорил. Тој не покажал „дури ни најмал интерес да започне да ги решава овие проблеми“, се вели во извештајот.
Конечно, на 9 март, откако Милановиќ го спомна писмото, Пленковиќ излезе со противнапад, обвинувајќи го претседателот дека се обидува да го оттргне вниманието од неговиот личен живот, очигледна алузија на стипендијата што синот на претседателот ја доби од градот Загреб. Пленковиќ рече дека нема намера да седне да разговара со Милановиќ пред да истече мандатот на Владата.
Следниот ден, Милановиќ одговори.
– Премиерот го прекршува Уставот и дава неверојатни причини за да го попречува функционирањето на државата – рече тој.
Политичкиот аналитичар Давор Џенеро ја прокоментира новонастанатата ситуација со зборовите дека премиерот е во „многу непријатна позиција“.
– Се чини дека тој има само еден начин да се справи со претседателот, а тоа е да поведе постапка за импичмент. Постојат цврсти и основани причини за тоа, но проблемот е фактот што за такво нешто му треба двотретинско мнозинство во парламентот, а премиерот го нема – коментираше Џенеро.
Циниците веќе ја коментираат ваквата изјава, велејќи дека ако Пленковиќ се залага за чекање за заминување на Милановиќ од функцијата, тој може да се изначека, со оглед на тоа што Џенеро го изнесе своето уверување оти претседателот ќе се кандидира за втор мандат.
– А што би направил друго? Тој не е за пензија. А, од друга страна, е меѓународно многу изолиран, така што не може да очекува каква било меѓународна позиција – заклучува аналитичарот.