- Мора да признаам дека претстои многу тешка битка за цело Скопје, кое страда од градежниот немар што се претвора во насилство. Кој како ќе стигне таму копа, оградува плацеви, дополнително крева катови. Сѐ по закон, се разбира. Сѐ е по закон, ама ништо не е законски. Самоволно се затвораат улици, се теснат пешачи тротоари. На одредени главни сообраќајници се оставаат тротоари на кои не можат да се движат двајца во разговор, ниту да се разминат движејќи се отспротива. Нема метража, не може да помине мајка со детска количка, ниту пак човек со чадор ако врне. Ќе се закачи чадорот на некој испуст… Знам дека луѓето од градската администрација се на терен, растрчани, на чело со градоначалникот. Но во демократијата е легитимно неговото величество – граѓанинот (овој пат една маленкост – пензионер, како мене)
да си побара приоритет, не за себе, туку за своето маало и, се разбира, за градот…
Додека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најавува историски проекти, лунапаркови, подземни премини, скопска плажа итн., ние синоќа немавме вода… Пукнала цевка на улицата Народен фронт. Без вода повеќе од 10 часа беа и оние на Фронтот и оние од улицата Васил Ѓоргов, половина Капиштец, строг центар на градот. Ова е прво пукање во 2026 година, а шесто или седмо последователно од 2025 година.
Ете, се роди уште една шанса изборните ветувања да се претворат во дела. И оваа шанса опфаќа многу засегнати луѓе (Капиштец, гласачи…), а не бара многу инвестиции. Сигурен сум дека градоначалникот може да ги исправи недостатоците од забот на времето или грешките на претходниците, а се разбира да не ги копира или имитира, да не личи на нив, а сепак е важно и да не прави нови грешки. Но да реагира!
Секој што минува по тротоарот на Народен фронт ќе ги забележи местата каде што водата била посилна од земјата. Покриени со мешавина од жолта земја, песок и чакал, како нови гробови, боже прости ми, изгледаат тие места. Пред зградата кај што живеам уште од летото стои могилата од пукната водоводна цевка, како и еден квадратен метар извадени плочки. Нема стопан што би дошол да ја дозаврши работата, да ги врати назад плочките и да го доведе тротоарот во првобитната состојба. Нели така вели законот.
И не станува збор само за мојата улица. Се разбира, јас се борам за неа и за моите соседи и сограѓани на начин како што најдобро знам. Но, мора да признаам дека претстои многу тешка битка за цело Скопје, кое страда од градежниот немар што се претвора во насилство. Кој како ќе стигне таму копа, оградува плацеви, дополнително крева катови. Сѐ по закон, се разбира. Сѐ е по закон, ама ништо не е законски. Самоволно се затвораат улици, се теснат пешачи тротоари. На одредени главни сообраќајници се оставаат тротоари на кои не можат да се движат двајца во разговор, ниту да се разминат движејќи се отспротива. Нема метража, не може да помине мајка со детска количка, ниту пак човек со чадор ако врне. Ќе се закачи чадорот на некој испуст. Тротоарите се проектираат како по нив да врват кучиња, не луѓе.
Знам дека луѓето од градската администрација се на терен, растрчани, на чело со градоначалникот.
Но легитимно е и граѓанинот, како мене, да си побара приоритет и за Васил Чакаларов или за Васил Ѓоргов… Врвејќи сега, ќе имате чувство дека минувате низ некоја тесна цевка, внимавајќи притоа да не ве закачи некој автомобил чиј возач не мора да бил нервозен и бесен, какви што сме денешните возачи. Да не споменувам за Дебар Маало, каде што прозорците на две згради ги дели растојание колку за еден бакнеж. Карпош, Кисела Вода, Бит-пазар, Чаир, кај што не наминуваме често. Не знам како е во Аеродром, претпоставувам слично. Урбанистичките планери во Скопје најверојатно се водат по принципот – затвори кај што е отворено, бетонирај кај што е зеленило. Не оставај празен простор што би им служел на луѓето, за игри на децата. Загради кај што се движи воздухот, прегради кај што дува ветрот, кај што вентилацијата е природна. И после се жалиме – Скопје било загадено, загаден бил воздухот. Ама не е само воздухот, Скопје е загадено од многу нешта, долго време.
Градот, секој град, обичниот човек го распознава по убави згради, широки булевари, среден сообраќај, сообраќајни знаци, знаци за ориентација, кој важен објект каде се наоѓа, како се стигнува до таму и таму. По патокази, по осветлени улици ноќе. Во таа смисла за Скопје дојде време да го извадиме од вителот надолу за да пропадне како заостанат, грд град, како некоја балканска паланка од минатиот век иако во новиот има над 420 илјади жители.
Ајде малку и за проектот „Безбеден град“ (сејф сити). Со него Македонија сообраќајно се европеизира, Скопје се модернизира, иако подигнувањето на сообраќајната култура не е услов за членство во Европската Унија. Ќе видиме колку дигиталната и вештачка интелигенција ќе ги совладува природната возачка глупост и лудост. Скопје е во центарот на „сејф сити“, зашто Скопје е речиси половина од Македонија, броено по живи луѓе, стари автомобили и неуки возачи.
Колку што „Безбеден град“ бара ум, дисциплина, коректно однесување од учесниците во сообраќајот, толку и учесниците бараат од него. Од Скопје посебно. Не може убаво замислениот проект перфектно да функционира кога Скопје има слепи, вертикални семафори, кои ги гледаш дури кога ќе стигнеш до нив. Градот нема ниту еден висечки семафор што се гледа оддалеку.
Повеќе од половина од сообраќајните знаци се или избледени или исчкртани или поставени на погрешни места, лоцирани за густина на сообраќај од пред триесеттина години. Нема светлечки патокази, како што има огромни рекламни паноа што ги засенуваат сообраќајните упатства и предупредувања. Ретки се или воопшто ги нема улиците и булеварите со свежо офарбана хоризонтална сигнализација. Нема јасни бели линии што трасата видливо ја делат на два дела. Речиси сите пешачки премини се избледени, невидливи. Кога Скопје би ги исполнило и овие задачи, тогаш ќе заличи на вистински урбан, организиран и успешен град.
Мое потсетување кон градоначалникот Орце, и до другите скопски колеги, да не заборави да ги осветли и улиците, да ги освежи коловозите со хоризонтална сигнализација, да ги обнови, модернизира и дигитализира знаците покрај патот, за со лесно срце и чиста душа да може да каже дека станал вистински градоначалник што се грижи за граѓаните. Тој успех ќе го препознае секој скопјанец уште кога ќе го направи првиот чекор штом ќе излезе од дома.
Нему, на премиерот и на министерот на полицијата им е јасно дека проектот „Безбеден град“ не е само техничка операција. Во неговата основа лежи односот меѓу граѓанинот и државата. Државата наредува, граѓанинот е должен да слуша. Колку „сејф сити“ ќе биде подобро спроведуван толку граѓанинот ќе ја гради довербата кон власта. Сите незадоволни санкционирани, онеправдани од овој проект утре ќе бидат гласачи за промена на гарнитурата и партијата што ја држи власта. Скопските таксисти најдобро го знаат тоа. Тие неколкупати го добиле признанието дека се првите петли со чие рано кукуригање го идентификуваат расположението на граѓаните кон власта.

































