Главната улога треба да ја одиграат големите (возрасните), кои наместо да говорат за големи албански држави, треба да почнат да зборуваат како да им го подобрат животот на сите граѓани, без оглед на нивната етничка, верска или каква било друга припадност. Јасно е дека немаат идеи како реално да го направат тоа, па затоа продаваат националшовинистичка демагогија. Проблемот е што малите учат од големите, па затоа настанува курцшлусот во македонското општество. А за да не дојде до „краток спој“, тука се институциите, кои конечно треба да почнат да работат на спречување на овие големодржавни манифестации, па макар тие се нарекувале „предизборна реторика“
Во време кога домашната јавност е целосно преокупирана со историскиот министерски совет на ОБСЕ во Скопје, исправена пред дилемата дали ќе се покажеме како добри или лоши домаќини, дали ќе ја спасиме Организацијата или сè ќе отиде во неповрат, случајно налетав на една информација преземена од полицискиот билтен, во која се наведува дека ученик во средно училиште во Велес во училишниот двор го истакнал знамето на Република Албанија. Директорот го пријавил случајот во полиција, а полицијата соопшти дека, да се изразам со полициски жаргон, „обавила службен разговор со малолетникот, знамето било одземено, а против него ќе бил поднесен соодветен поднесок“.
И веројатно ова нема да предизвика никаква бура во јавноста затоа што никој повеќе не се потресува за ваквите инциденти, туку му стануваат нормална работа. Истакнале туѓо знаме, голема работа, па низ половина држава се истакнати такви знамиња и никому ништо. Е, од таквата рамнодушност си патиме, а некој друг убаво го користи тоа.
Ајде, во име на мултиетничноста и меѓусебното разбирање, и тука почна да се слави Денот на албанското знаме, иако станува збор за знаме на туѓа држава и во ниту една друга земја во светот не се прави тоа. Замислете да земе некој во Франција да го слави знамето на Германија или, пак, во Велика Британија, да се слави француското знаме, а да не зборуваме да се одбележува Денот на албанското знаме во Грција и половина Грција да биде накитена со албански знамиња. Такво нешто ниту имало ниту, пак, ќе има во држави што држат до сопствениот национален дигнитет.
Но кај нас не е така, бидејќи Македонија е држава што им ги дозволува сите можни права и слободи на малцинските заедници, а една од нив, најголемата, дебело ги злоупотребува. Во ред, нека го слават знамето, но тоа да се слави еден ден во годината, а другите денови не мора да го слават, но барем да го почитуваат македонското државно знаме. Па, ни во соседна Албанија нема толкав култ кон знамето колку што се прави тоа кај нас. И згора на сè, малку беше што половина држава беше накитена со туѓа иконографија, туку меѓу државните албански знамиња најпрво инцидентно, а сега редовно почнаа да се појавуваат и знамињата на „голема Албанија“. Навистина збунувачки е колку „Германци“ се појавија во оваа држава во последно време, па сите се фатија да го веат спорното знаме. И не само на политичките собири, пред некој ден такви знамиња и мапи осамнаа и во основните училишта во Струга, меѓу децата, да гледаат и да учат кон што треба да се стремат во иднина, наместо да се воспитуваат да ја сакаат својата татковина Македонија. Ниту тука нема ништо чудно бидејќи таа нелојалност кон сопствената држава се негува уште од најмали нозе и затоа младите генерации, задоени со такви идеи, се качуваат на јарболи среде снежна бура да закачат туѓо знаме, навиваат на фудбалски натпревари за друга репрезентација, едноставно се задоени со такви примери. Дали оној средношколец што го споменав на почетокот на текстот ќе го истакнеше знамето на Албанија во училишниот двор во Велес ако семејството дома го воспитувало да си ја сака својата татковина Македонија, која му овозможила да расте и да учи во неа, во која неговите родители заработуваат и ги уживаат сите удопства? Но малите учат од големите и некои работи никогаш нема да се сменат.
Со такви идеи ги задојуваат сите македонски политичари од албанска националност, за кои замислата за голема Албанија не само што е реалност туку е и поттик за работа исклучиво на таа кауза. Неодамна тетовскиот градоначалник јасно и недвосмислено кажа дека и „Македонија наскоро ќе станела албанска држава“. Повеќето коментари беа дека тоа било предизборна реторика, дека немало врска, дека сето тоа е да се привлечат граѓаните да гласаат за нив.
Нереагирањето на институциите сиве овие години доведе ова да се припишува само на некаква предизборна реторика, но веќе почнува да станува и правен преседан преку кој утре таа реторика ќе се официјализира како политички став што ќе треба да се реализира.
А кога некој ќе каже дека ваквите изјави се обична предизборна реторика и нема да следува институционална реакција, тоа несомнено ќе ги мотивира сите други да се правдаат со истиот опасен наратив. Тоа утре ќе нè доведе во ситуација овој наратив да стане легитимно барање кога гласачите на кои им било ветувано ќе побараат „Македонија да стане албанска држава“.
Клучното прашање е зошто тогаш пред малите се истакнуваат ваквите идеи ако големите вистински не мислат така.
Бидејќи знаат дека идејата се всадува од мали нозе, се одржува да тлее низ детството, за да се разгори во оној момент кога младите ќе станат оној бран што ги носи процесите во државата. Ако идејата е ретроградна, такви ќе бидат и процесите во иднина. Но ако тие деца биле задоени со идејата да ја сакаат својата Македонија, да го веат нејзиното знаме, да го говорат јазикот што сите ќе ги поврзува, тогаш ќе можеше да се зборува за вистинско заедништво и некакво едно општество за сите. Вака, повеќе може да зборуваме за општества едни покрај други.
Но за секоја состојба има решенија ако се има желба да се превенира. Тука главната улога треба да ја одиграат големите (возрасните), кои наместо да говорат за големи албански држави, треба да почнат да зборуваат како да им го подобрат животот на сите граѓани, без оглед на нивната етничка, верска или каква било друга припадност. Јасно е дека оние што немаат идеи како реално да го направат тоа, продаваат националшовинистичка демагогија. Проблемот е што малите учат од големите, па затоа настанува курцшлусот во македонското општество.
А за да не дојде до „краток спој“, тука се институциите, кои конечно треба да почнат да работат на спречување на овие големодржавни манифестации, па макар тие се нарекувале „предизборна реторика“.
Крајно време е возрасните да престанат да се однесуваат како мали деца и да почнат малите да ги учат на вистински вредности, а не да се навраќаат на сеништата од минатото и со тоа да ги трујат младите генерации. Новиот бран треба да донесе младешка енергија за развој на Македонија, а не деструкција што никому нема да му донесе добро.