- Моралот е езотерија, односно масовна хипноза што може да биде корисна, а може да биде и фатална. Нацизмот е алтернативен морал, масовна хипноза што брутално однесе милиони животи, а и денес е оперативна. Постои и хипнотична блокада на мозокот, која вели дека нацизмот, фашизмот, тероризмот, џихадизмот, УЧК-измот се морални
- Македонецот е изворен езотеричар, а македоноцидот е езотеричен пир на предавници. Правиме ирационален спој меѓу насилникот и измамникот. Исконски непомир на бугаризмот и македонизмот е религија на неопрост меѓу средниот век и антиката. Есхатологијата е мошне фатално-апокалиптична (на пр. провидението Јованово) асоцијативно на пророците (Исаија, Језекил, Јов, Еремија). Апокалипсата на Европа сега е градење херметички џиновски робот со малечко главче
По дефиниција од Оксфордскиот речник, езотерично е знаење и разбирање што му припаѓа на мал специјален круг луѓе што се познавачи или тренирани за да имаат такви познавања. За тие што ги немаат, тоа им изгледа мистично и опскурно. Мислиме дека езотеријата им припаѓа на антиката и средниот век, а денес е прагматиката. Не е точно. Во секојдневноста размислуваме прагматички, но креативноста и иднината се езотерички. Езотеричарот не гледа предмети, туку суштества. Итрецот делува мистично. Мислите дека секогаш може да ве измами, а вие сте немоќни. Не, тој само од порано ја учел итроста. Глупавоста е воспитание. Вас ве научиле да бидете глупоид – од дома, во школо, во партија или институции.
Болестите често се лечат со сугестија. Сета твоја реалност е сугестија. Основно е денес – кога мислиш „нормално, секојдневно“ тоа е едноставно, шематско и научено, кога размислуваш за цел на некое откривање или просветлување – тоа е езотерично. Може да го доживееш како илузија, а ќе видиме, илузијата е секогаш реалност.
Имотот е илузија. Да имаш многу е пат кон омраза. Ако се мачиш за голем имот ќе се изгубиш во пустина. Ударна сугестија е хипнозата. Сигурно сте слушнале за хипнотерапии, дури и анестезија при тешки операции. Сте слушнале за Дејвид Коперфилд, кој пред маса од стотици илјади гледачи правел „да исчезне“ Статуата на слободата, а потоа пак „правел да се појави“. Сепак, тоа е корисна илузија или можеби корисна измама, бидејќи е забава и укажува дека е можна масовната хипноза. Моралот е езотерија, односно масовна хипноза што може да биде корисна, а може да биде и фатална. Нацизмот е алтернативен морал, масовна хипноза што брутално однесе милиони животи, а и денес е оперативна. Постои и хипнотична блокада на мозокот, која вели дека нацизмот, фашизмот, тероризмот, џихадизмот, УЧК-измот се морални.
Обично сегашново време го сметаме за реализам, позитивизам и постпозитивизам, а езотеризмот е минато. Не е така, езотеричното размислување и сега помага при некои болести или состојби каде што се наоѓате, може да си ја сознаете судбината, дури и да ја детерминирате. Имало многу езотеричари што изучувале магија, астрономија, астрологија, алхемија, излекување, паранормални особини, изведување од проблематична состојба, советување, лекување, хипноза, хипнотерапија и давање совети за сешто како Вангелија Павлова Гуштерова (Баба Ванѓа). Фасцинира колку нејзините претскажувања и совети се прецизни и точни и од цел свет доаѓаа да се советуваат.
Има физички проблеми што ги ставаме во езотерија. Инвенцијата и истражувањето се состојби каде што мислењето е езотерија. Уметноста е езотерија, инаку би била „соцреализам“. Политиката е чиста езотерија – ќе зборуваме подоцна. И комунизмот е масовна хипноза, која беше потребна за да се победи фашизмот, а после ги покажа забите. Комунизмот е античка езотерија (ќе се вратиме на неа), која е историски искористена за повраток на уште побрутален капитализам (либерал-капитализмот). Неврзаните на Тито и Нехру се всушност „трансегалитаризам“ и „панпсихизам“ на Рерик и Блаватска.
Историскиот материјализам е езотеризам што активира социјална кинетика. Артифициелната интелигенција е нов историски материјализам. Класите се категории. Категориите се „синтези а приори“ (Кант), кои го овозможуваат „категориски императив“ (нужност за движење). И моралот е нужност, императив што произлегува од Бог или ако сакате – космичка нужност. Моралот е езотерично внуче на религиите. Поезијата е езотерија на љубовта. Кој си без љубов?… Тој што ќе изгуби близок, најдобро знае што е илузија. И што да прави? Барај, барај, негде е таа, новата љубов, биди езотеричен командос на љубовта.
Поимите за добро и лошо се езотерични архетипови, проектирани од предисториските цивилизации. Сатанизмот е појава пред сатаната во постпотопот (постделувиум, Акад) со сатанистички иницијации кај деца, за да се помни со страв авторитетот. Сега е во реприза. Сатаната се споменува два пати во Стариот завет (книгите на Захарија и Јов), а многу во кабализмот. Сатан е најблискиот – како кај Езекил, Брут кај Цезар, Далила кај Самсон, предавниците на Самоил, Хитлер спрема Рем, Мосад спрема претседателот Рабин, Арапот и Евреинот во денешното буљу-средноисточие, Европа версус Америка, безбедност версус власт. Од измамник ангел не бидува. Љубов е ѓавол (Шекспир), дрога е од минатиот свет (Харе Кришна). Ѓаволот не го сака пеколот – нас нѐ сака. Сатаната е цела институција – Рим што го изгоре Ерусалим, потоа импресивно пренесено кај христијаните, како и холокаустот од нацизмот и она што доаѓа од Армагедон. Сатанот е во тебе!
Дури и кај животните езотерот е органски – во колективност одбрана, барање храна, ритуална сексуалност, еволуција. Зошто ти е потребна вистината кога ја дознаваш на крајот од животот? Зошто ти е мудроста, кога никој не ја цени? Религијата е барање одговори за тривијални појави, но и барање духовна совршеност и надмисловни појавности, вклучително и непојавни извесности. Езотеријата е егзалтираност во фон на смиреност. Најголема молитва е тишината (Мајстор Екхарт), медитација без почеток и крај. Моралот не постои во физиката на ѕвездите, но произлегува од целестијалните посматрања кај абориџинските заедници. Пештерскиот човек ја барал космичката смисла во преквантитативни изрази. Бројките како што ги знаеме сега се доцнежно откритие (Арапите), но примитивниот човек имал поим за „еден“, „два“ и „многу“. Прстите доцна станале бројач на примитивноста, како слики за множество, дистрибуција, далечина, дури и хипербола или парабола (примитивен интеграл). Њутн сметал дека сѐ е интерно во објектот и неговиот квантитет, Лајбниц – во меѓупросторот, а Кант – во а приори каде што се времето и просторот во интуицијата. Дали е светот когнитивност?
Во некои понатамошни излагања ќе видиме дека целокупното знаење сѐ до денес е сублимат на езотерични протофази – херметизмот, кабалата, или азијатските филозофии. Ќе видиме дека Њутн е кабалист, Лајбниц е херметицист, Грците се херметицисти (плус и со семитски влијанија), Кант, Маркс и Ајнштајн се кабалисти, а исто и Тесла, иако официјално се изразуваат како „антирелигиозни“. Комунизмот има елементи од кабализмот, но и од езотерицизмот и космизмот од руските мудреци (стариот шаманизам, Гурџиев, Берѓаев, Фјодоров, Рерик, Циолковски, модерни езотерицисти итн.). Еврејските фундаменталисти од Агудас, кои се многу влијателни во САД, велат дека нивниот кабализам се базира на кантијанизмот. Христијанството и исламот се производ на јудејската религија, но и елементи на хеленизмот, па се комбинирани кабалистичко-херметистички формации. Исихазмот и аскетизмот се кабалистичка носталгија (од пророците). Мудростите Исусови, а и хадис во исламот, асоцираат на мидрашите и мудростите Бенсиракови. Антисемитизмот е кабализам на оние што мислат дека не можат да бидат Евреи. Македонецот е изворен езотеричар, а македоноцидот е езотеричен пир на предавници. Правиме ирационален спој меѓу насилникот и измамникот. Исконски непомир на бугаризмот и македонизмот е религија на неопрост меѓу средниот век и антиката. Есхатологијата е мошне фатално-апокалиптична (на пр. провидението Јованово) асоцијативно на пророците (Исаија, Језекил, Јов, Еремија). Апокалипсата на Европа сега е градење херметички џиновски робот со малечко главче.
Базата на неколку излагања од оваа серија се базирани на една моја поранешна книга, „Мистична историја на разузнавањето“, која не е печатена, но и на нови сознанија. Езотеризмот може да се базира на фантазија (истражување) или на искуство. Тој може да биде минатост или историја (магија, шаманизам, паранормално, алхемија) или идна реалност – нови математики, квантна информација, астрофизика, идни форми на живот и комуникации или идни форми на морал.