Амандманите на Уставот од 16 ноември 2001 година и кус
осврт на некои ставови во врска со уставните измени
- На 16 ноември 2001 година Собранието на Македонија ги прогласи 15-те амандмани на Уставот, кои произлегоа врз основа на Охридскиот рамковен договор од 13 август 2001 година. Амандманите 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13, 14, 15, 16 и 17 станаа составен дел на највисокиот правно-политички акт на Македонија. Овие 15 амандмани на Уставот на Македонија од 17 ноември 2001 година означија длабоки и суштински, би се рекло тектонски промени во уставниот поредок и политичкиот систем на државата
На 16 ноември 2001 година Собранието на Македонија ги прогласи 15-те амандмани на Уставот, кои произлегоа врз основа на Охридскиот рамковен договор од 13 август 2001 година. Амандманите 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13, 14, 15, 16 и 17 станаа составен дел на највисокиот правно-политички акт на Македонија. Овие 15 амандмани на Уставот на Македонија од 17 ноември 2001 година означија длабоки и суштински, би се рекло тектонски промени во уставниот поредок и политичкиот систем на државата.
Особено треба да се укаже на последиците од два од споменатите 15 амандмани од 2001 година: од амандманот 4 и амандманот 5. Со четвртиот амандман се смени преамбулата на Уставот, а со петтиот амандман де факто се воведе двојазичност во Македонија: покрај македонскиот јазик, официјален стана и албанскиот јазик, со наведени случаи кога може да се употребува како службен, покрај македонскиот.
1. Академик Катица Ќулафкова: Коренито преустројство на Уставот од 1991 година, амандманите од ноември 2001 година се сведоштво за ревизијата на асномска Македонија
Говорејќи на 28 ноември 2014 година на темата „Контроверзите на мулти/етничката демократија“ на научниот собир во МАНУ по повод седумдесетгодишнината од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ, академик Катица Ќулафкова ќе истакне дека уставните амандмани од 16 ноември 2001 година претставуваат коренито преустројство на Уставот од 1991 година.
– Скршнувањето што го направи Македонија во 2001 година е толку радикално, што може да се толкува како повреда на претходните уставни акти и поништување на усвоените аксиоми и идеали на македонскиот народ за своја национална држава… тестаментално формулирани во актите на АСНОМ (2.8.1944) и на Македонското научно и литературно другарство во Санкт Петербург (1902, 1903)… Амандманите од ноември 2001 година се сведоштво за ревизијата на асномска Македонија од суверена и унитарна држава во дезидентификувана, дезинтегрирана, децентрирана „рамковна“ мултиетничка Македонија. Со ревизијата на Уставот на РМ во 2001 година е направена редукција и маргинализација на улогата на македонскиот народ во конституирањето на Р Македонија, при што е минимизиран конститутивниот државотворен карактер на македонскиот народ во формирањето на РМ. Всушност, направена е системска деградација на статусот на македонскиот народ во „еден од деловите на народите“, кои ја конституираат РМ, со тенденција да се замени категоријата народ во категоријата „етничка заедница“ – предупреди Ќулафкова на научниот собир, што е преточено и во нејзиниот научен труд потоа.
Според неа, со тие ноемвриски амандмани пред 24 години е ревидирана, поточно е фалсификувана историската вистина за улогата и правото на македонскиот народ да конституира самостојна држава, да изгради македонска нација и да ги засили својот суверенитет и идентитет на меѓународен план.
– Со ревизијата на преамбулата на Уставот на РМ е направена ревизија не само на темелниот концепт на државата и на нејзиното уредување туку е ревидирана и приказната за македонскиот народ и за неговата улога во конституирањето на македонската република од 1944. Со ваквата интервенција во меганаративот за конституирањето на РМ се ревидира историската меморија, историската вистина, за да се добие содржински, морален, политички и конституционален изговор за коренита ревизија на македонската држава и на нејзиниот идентитет: не е, значи, во прашање, само идентитетот на македонскиот народ туку и идентитетот на македонската држава – заклучи академик Катица Ќулафкова пред 11 години.
2. Проф. д-р Христина Рунчева: Со амандманот 4 се промени националниот карактер на македонската држава
Во својата научна статија „Дваесет години уставност на Република Македонија низ призма на споредбена анализа во регионите“ од 2011 година проф. д-р Христина Рунчева од Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје констатира дека со амандманот 4 се промени националниот карактер на македонската држава.
– Граѓаните фигурираат во преамбулата на чело на текстот како конституенси (создавачи) на македонската држава, македонскиот народ се дефинира како етнос, а националните малцинства од националности се трансформираат во делови од народи – посочи Рунчева.
3. Проф. д-р Лазар Лазаров: Македонскиот народ го изгуби правото на носител на државноста на Република Македонија
Проф. д-р Лазар Лазаров од Институтот за национална историја од Скопје во 2007 година фрли светлина врз амандманите на Уставот во 2001 година и од гледна точка на историската наука, констатирајќи и тој дека со нив македонскиот народ го изгуби правото на носител на државноста на Република Македонија.
– Не знам дали се работи за игра на случајноста или на судбината, бидејќи некако датумот 13 август е кобен со негативни последици за Македонија и македонскиот народ. Почнувајќи од 13 август 1903 година, со задушувањето во крв на Илинденското востание и Крушевската Република, потоа 13 август 1913 година со крајот на Балканските војни и потпишувањето на Букурешкиот договор, кога се потврдени распарчувањето на македонскиот национален и географски организам и неговата поделба меѓу четирите соседни балкански држави, па до 13 август 2001 година со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Со тој договор, меѓу другото, е изменета преамбулата на Уставот на Република Македонија од 1991 година и македонскиот народ го губи правото на носител на државноста во полза на граѓаните. Ваква примена на т.н. „консензуална експериментална демократија“ не постои никаде во светот, освен во Република Македонија – напиша Лазаров во својата научна статија „Погледи на создавањето и развојот на македонската државност и уставност со посебен осврт на уставите по Втората светска војна“.
4. Инсталирана т.н. „консоцијална демократија“
Во универзитетскиот учебник „Политички систем“ од 2023 година, заеднички со проф. д-р Јелена Трајковска-Христовска и доц. д-р Марко Кртолица од Правниот факултет „Јустинијан Први“, нивната колешка, професорката по уставно право и политички систем д-р Рената Тренеска-Дескоска прецизно укажува каква „консензуална“, односно „консоцијална демократија“ „инсталираа“ „рамковните амандмани“ во македонскиот устав во 2001 година. Но и со какви последици.
– На консоцијалната демократија ѝ се забележува дека е недоволно ефикасна во постигнувањето стабилна и успешна власт, поради тоа прекумерната употреба на вето во одлучувањето од страна на малцинските групи може да доведе до целосен застој. Опасноста од употребата на правото на вето е можноста од тиранија на малцинството, а тоа право на вето го имаат сите малцински групи. Консоцијативната демократија се смета како опасна, затоа што ја слабее кохезијата во државата, односно води кон внатрешна конфедерализација на системот. Консоцијалната демократија е решение од „крајна нужда“ во државите, кои се соочуваат со сериозна опасност од распад по етничките шевови. Како алтернатива на консоцијативниот модел, се развил интегративниот модел – нагласува Тренеска-Дескоска.
5. Д-р Гордана Силјановска-Давкова: Првпат во историјата на конституционализмот е сменета една преамбула без да се донесе нов устав
Учествувајќи на 10 декември 2007 година во научната расправа во МАНУ, која се одржа на темата „Еволуција на уставниот систем на Македонија кон усвојување на уставниот договор на ЕУ“, д-р Гордана Силјановска-Давкова, тогаш професорка по уставно право и политички систем во Правниот факултет „Јустинијан Први“, истапи во својот научен реферат со констатацијата дека во 2001 година врз македонската држава беше спроведен „рамковен и уставен инженеринг“ во режија на меѓународната заедница.
– Основните решенија на рамковниот договор беа обликувани така што претставуваа постконфликтна реконструкција на Македонија како слаба држава, во која меѓународните претставници се „градители на државата“ (state builders), а граѓаните се „локални засегнати страни“ (local stateholders)! Под притисок на сила, во услови кога дел од македонската државна територија беше надвор од контролата на македонските власти, беше сменет Уставот на Република Македонија. Првпат во историјата на конституционализмот е сменета една преамбула без да се донесе нов устав.„‘Меѓународната заедница“ активно учествува во внатрешната политика на Р Македонија во рамките на градењето на државата, демократијата и мирот. Притоа е реална заканата Македонија да стане „држава без душа“ – нагласи Гордана Силјановска-Давкова во излагањето, кое се преточи во научниот труд „Глобализацијата, демократијата и македонскиот рамковен и уставен инженеринг“.
Значи, денес се наметнува дилемата: како да се елиминира длабоката внатрешна поделеност по етнички линии, дополнително нагласена и со уставните измени од 2001 година.
Свето Тоевски

































