Цвеќиња до портретите на жртвите и комеморативна плоча / Фото: ЕПА

ФРАНЦИЈА ГО ОДБЕЛЕЖИ 13 НОЕМВРИ – ДЕСЕТ ГОДИНИ ПО ТЕРОРИСТИЧКИТЕ ИСЛАМИСТИЧКИ НАПАДИ

  • Од „Стад де Франс“ до „Батаклан“, граѓани и службени лица во четвртокот им оддадоа почит на 132-те убиени во нападите од 13 ноември во 2015 година. На Плоштадот на Републиката, церемонија ги собра парижаните до доцна во ноќта

Кој момент да се избере? Која слика да се запамети? Ајфеловата кула украсена со симболот на мирот? Црковните ѕвона на Париз што ѕвонат едногласно? Радосната рокенрол-изведба на „Shooting Stars“ од Хорот од 13-ти, составен од жртви и некои од нивните најблиски, толку среќни што заедно ја изведуваат оваа химна против омразата? Или длабоката и почитувачка емоција на толпата собрана на Плоштадот на Републиката до доцна во ноќта? Сеќавањата се судираат, многубројни се.
Артур Денуво, преживеан од „Батаклан“ и претседател на здружението на жртви „Живот за Париз“, непотребно се грижеше: овој ден на сеќавање, десет години по крвавите напади што ја погодија Франција, ќе остане врежан во нашите сеќавања. Непосредно пред почетокот на комеморациите, тој им се довери во француските медиуми дека се надева дека конечно ќе доживее голем момент на национално единство на овој клучен ден. Оваа желба беше невозможно да се исполни веднаш по терористичките напади, поради вонредната состојба прогласена од тогашниот претседател Франсоа Оланд и продолжена до 31 октомври 2017 година.
– Знаете што би сакал на овој 13 ноември? Ова е моќен доказ дека луѓето сè уште страдаат со нас и не нè заборавиле… Претходните комеморации беа доста празни, мора да го признаеме тоа – изјави Артур Денуво.
Тој може да биде сигурен дека никој не заборавил и не може да заборави. Емоцијата е сè уште тука, сурова и незаборавна. Тешко беше да не се види тоа кога Софи Диас зборуваше во четвртокот во 11.30 часот пред портата Д на „Стад де Франс“ во Сен Дени (Сен-Сен Дени), првата станица од меморијалната турнеја на Емануел Макрон. Нејзиниот татко, Мануел Диас, беше првата жртва на џихадистите. Овој возач на автобус беше убиен во експлозија на еден од тројцата бомбаши самоубијци, извршена пред стадионот каде што се играше пријателски фудбалски натпревар помеѓу Франција и Германија.
– Од 13 ноември постои празнина што не може да се пополни, отсуство што тежи многу секое утро во последните десет години. Но, постојат спомени што ништо не може да се избришат – изјави таа, потсетувајќи се колку нејзиниот татко го сакал животот.
Кога претседателскиот конвој го напушти Сен Дени, се упати кон терасите на 10-от и 11-от арондисман во Париз, цел на командосите. Читајќи ја официјалната програма од Елисејската палата, човек би можел да се исплаши дека свеченоста ќе преовладее над духот на заедништвото истакнат од Артур Денуво. Церемониите, со положување венци и минута молчење, следуваа една по друга пред Ле Каријон и Ле Петит Камбоџ, потоа Ла Бон Биер, Ле Комптоар Волтер и Ла Бел Екип. Но, тие не беа без зборови. На секоја станица, имињата на жртвите, вкупно триесет и девет, беа читани наглас во текот на церемониите, под насолзениот поглед на нивните најблиски и преживеаните, заштитени од набљудувачите, како што многумина побараа. Сепак, тие беа далеку од сами.
Откако беа предупредени дека посетените места на нападите ќе бидат строго обезбедени, парижаните претпочитаа да се соберат на Плоштадот на Републиката,, каде што на огромен екран се емитуваа слики од церемониите. Атмосферата беше исполнета со длабоко размислување, како и со емпатија. Тифан Матрас и Луиз Марсолиер имале девет години во 2015 година. Таткото и сестрата на Тифан биле на „Стад де Франс“ таа трагична вечер.

– Не зборуваме многу за тоа дома, но настанот остави трага во моето семејство – вели Луиз раскажувајќи дека кога првпат била на концерт, на 12-годишна возраст, се запрашала како ќе излезе надвор ако има проблем.
И Тифан пораснала со страв од затворени простори. На пример, при посета на кино таа претпочита сали каде што седиштата не се склопуваат, бидејќи, како што вели, „можете да се скриете под нив, за секој случај“.
Дали е тоа затоа што станува збор за „Батаклан“, најпогоденото место со 92 жртви (од кои две извршија самоубиство по масакрот)? Многу луѓе, заобиколувајќи го Плоштадот на Републиката, избраа да се соберат во близината на концертната сала на булеварот Волтер во четвртокот попладне. Службените лица доцнеа, но тоа не беше важно. Толпата трпеливо чекаше. Колку и да изгледа чудно, парискиот живот навистина застана пред „Батаклан“. Дали тоа беше поради свеченоста? Дали тоа беше соопштението преку звучникот што го најавуваше претстојниот момент на тишина? Одеднаш, соседството замолкна. Ниту звук, ниту бучава, дури престанаа да пеат и птиците во градината Мај-Пикереј, која се наоѓа спроти концертната сала. Момент на благодат, незаборавна причест што траеше неколку долги минути пред пристигнувањето на претседателот на Републиката, Емануел Макрон, и на градоначалничката на Париз, Ан Идалго.
Слично чувство на национално единство се почувствува за време на завршната церемонија во градината на 13 ноември 2015 година, која се наоѓа зад Градското собрание, во подножјето на црквата „Сен Жерве“. Оваа зелена околина е ода на животот, со своите грмушки, повеќегодишни растенија и големо брестово дрво, но е и место на сеќавање, каде што стојат шест стели, секоја од нив одговара на една од локациите на кои целеле терористичките групи. Имињата на жртвите се врежани на нив.
Во договор со Артур Денуво и Филип Дуперон, претседател на здружението на жртви „Братство и вистина“ и татко на Томас, кој почина во „Батаклан“, Ан Идалго го избра Тиери Ребул да ја води последната комеморација. Тиери Ребул е диригентот од Летните олимписки игри во Париз во 2024 година, на тој голем момент на национално единство, чии слики, без разлика дали се од котелот или од ѕвездата пејачка Аја Накамура придружувана од Републиканската гарда, толку длабоко резонираа со јавноста.

Момент на мир и братство

Во четвртокот вечер, како би можеле да го заборавиме Реквиемот на светлината, компониран од музичарот Виктор Ле Масне, музички директор на Олимписките игри? Или оваа енергична изведба на „Никогаш нема да одиш сам“ од Хорот на 13-ти и Хорот на Радио Франција, во придружба на Џеси Хјуз, гитаристот на групата „Орли на дет метал“, кои свиреа во „Батаклан“ таа судбоносна ноќ. „Кога одиш низ бурата, држи ја главата високо и не плаши се од темнината“, се наведува во текстот.
– Париз се спротивстави, Париз стоеше исправено, Париз ја држеше главата високо – се присети Ан Идалго, самата видливо трогната.
И потоа француската химна Марсејеза отпеана а капела од Аксел Сен-Сирел, чиј кристален глас ја трансформира воинствената химна во момент на мир и братство. Мецосопранот веќе ја отпеа на покривот на „Гран пале“ за време на Летните олимписки игри во 2024 година. Со погледи залепени за џиновскиот екран, парижаните собрани на Плоштадот на Републиката се воодушевени од сценографијата на Тиери Ребул; таа е опиплива. Атмосферата е мирна и спокојна. Кога завршува церемонијата, околните барови се полнат. Исто како и пред десет години, времето е многу благо. Многу луѓе сè уште влегуваат низ безбедносните контролни пунктови, палат неколку свеќи и застануваат за момент на размислување. Изгледа како ова чувство на заедништво да може да трае цела ноќ.
Десетици луѓе ги оставаат своите отпечатоци од палци на колективно комеморативно уметничко дело, замислено од уметникот Оливие Терал. Тоа ќе се чува во Музејот на сеќавањето на тероризмот, заедно со она создадено пред девет години со жртвите, нивните семејства и жителите на погодените населби, насловено како „Отпорност на 13 ноември“, насликано на црно платно. Ова е насликано на бело платно и наскоро ќе биде насловено „Резонанси на 13 ноември“.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција


Францускиот претседател Емануел Макрон со уверување дека Франција е безбедна

Нацијата гарантира дека ќе се преземе сѐ за да се спречат какви било понатамошни напади

Претседателот на Франција Емануел Макрон, зборувајќи на церемонијата по повод отворањето на спомен-градината што се наоѓа во срцето на Париз, изјави: Обединети и заедно, преку нашата сила во водењето на овие битки, ќе се соочиме со предизвикот на утрешнината, ќе излеземе уште посилни, носители на тоа кои сме и она што се обидоа да го уништат. Тие сакаа да посеат смрт, вие го воздигнавте животот. Сакаа да нè парализираат со страв, ја зголемија нашата будност, нашата љубов кон нашите вредности, нашиот жар за живот. Сакаа да разделат, а ние сме обединети. Сакаа да избришат, нè потсетија дека нашите борби се универзални. И ние сме тука и утре повторно ќе застанеме покрај вас. Она што се случи е секако непоправливо. Секое ваше страдање е бесмислено, неправедно, неподносливо. Понекогаш ви велеа да се вратите во нормалниот живот, но ништо не е нормално во живот прекинат во својот најубав период, кај дете што умира пред своите родители, кај бебе родено сирак.
Макрон потоа изрази сочувство за сите жртви на тероризмот и ја истакна храброста на безбедносните сили, односно на редарите, болничарите, пожарникарите и сите други што им помогнаа на жртвите од 13 ноември.
– Секој ја одигра својата улога. Оној што помогна да се извлечат. Оној што потоа го ризикуваше својот живот за да помогне да се лоцираат, правејќи го единствениот избор што мораше да се направи. Да, оној кому му должиме уште поголема благодарност. Оние мажи и жени скриени меѓу безживотните тела што тивко ја држеа раката на странец за да не се удават во страв – порача Макрон.
Откако увери дека се зголемени човечките и финансиските ресурси за внатрешната безбедност на земјата, претседателот на Франција изјави дека „85 напади се спречени за десет години, вклучувајќи шест годинава“.
– За жал, никој не може да гарантира крај на нападите. Н, можеме да гарантираме дека, за оние што ќе се кренат на оружје против Франција, одговорот ќе биде бескомпромисен – категорично напомена Макрон.
Францускиот претседател увери дека борбата против тероризмот ќе се води немилосрдно.
– Ниту еден од механизмите и правата што вие, вашите здруженија, ги изградивте, тула по тула, нема да биде залуден. Ниту еден живот нема да биде заборавен, ниту една капка од вашите солзи нема да биде потрошена залудно. Десетте терористи од 13 ноември не ве целеа поединечно, не целеа на вашите деца. Не целеа на вашите најблиски. Тие целеа на Франција. Целеа на нас затоа што сме Французи. Тие целеа на начинот на постоење во светот, исполнет со вкоренетост и универзализам. Свет каде што жените се еднакви со мажите. Свет каде што се среќаваме со другите во нивната различност. Ги гледаме лице в лице, каде што секој може да мисли што сака и да каже што мисли (…). Кога терористите сакаат да ги нападнат демократијата и слободата, тие целат на Франција. И прво Париз. Таму избираат да ги фокусираат своите напади – им се обрати Емануел Макрон на преживеаните и семејствата на жртвите.
Шефот на државата истовремено алудираше на домашната закана.
– Сто триесет и две лица беа убиени од терористи што се залагаат за идентификувана, активна и структурирана исламистичка идеологија, организирани во мрежи и зони на влијание, со свои кодови и методи на работа. Направивме сè за да го ограничиме и потиснеме овој проектиран џихадизам, но тој се преродува во друга, подмолна, помалку забележлива и помалку предвидлива форма. Во секој момент проектираниот исламистички тероризам може повторно да се појави на Блискиот Исток, во Централна Азија, Африканскиот Рог или на друго место – кажа Макрон.
Претседателот на Франција уверува дека нацијата „гарантира дека ќе се стори сè за да се спречат какви било понатамошни напади и немилосрдно да се казнат оние што би се осмелиле да ги извршат“. Т.Г.