Да се просветлиме сами, за подоцна да не ни се стемни!

Кога пред еден месец Шпанија и Португалија останаа во мрак поради прекин во снабдувањето со електрична енергија, се отворија многу прашања што ќе се случи ако дефектот не е само пет-шест часа туку многу подолго. Дури и во тој неколкучасовен период без струја настана тотален хаос, луѓето не можеа да повлечат пари од банкоматите, кредитните картички беа нефункционални, авионите не можеа да летаат, запреа возовите, бензинските пумпи не работеа, прекина интернетот, со други зборови, човештвото остана во мрак.
И додека теоретичарите на заговори веднаш излегоа со објаснување дека ова е моќна порака од вонземјаните, дека кога сакаат можат да удрат по нашиот енергетски систем, оние што повеќе се држат до науката објаснувања најдоа во интензивирањето на сончевите бури и големите електромагнетни зрачења што доаѓаат од сонцето, кои ги онеспособуваат мрежите и генерално повеќето електронски уреди. Имаше и такви што исчезнатите 2,2 гигавата електрична енергија од мрежата ги наведоа на размислување дека зад тоа стојат тајни научници што управуваат со големите хадронски колајдери што влијаат врз јадрото на планетата и предизвикуваат целни земјотреси, си играат со климата и слични приказни што можат да произлезат само од бујните фантазии на еден Спилберг, Камерон и да не ги редам другите.
Она што можеше да се забележи од снимките од погодените подрачја на Пиринејскиот Полуостров, како и во делови на јужна Франција, повеќе личеше на сцени од некој холивудски блокбастер во кој секогаш на крајот некој херој од калибарот на Итан Хант во последен момент успева да ја врати струјата и да го просветли човештвото. Имаше и такви што затемнувањето едноставно го објаснија со хибриден напад како задолжителен одговор на сите прашања на кои нема објаснување. Кога не знаеш нешто да објасниш, тресни само хибриден напад и тоа е.
Како и да е, на крајот, барем според официјалните соопштенија на надлежните, излезе дека прекинот настанал поради дисбаланс во европската енергетска мрежа најверојатно предизвикан од исклучувањето на соларните фарми на југот или југозападот на Шпанија. Кога ќе го ставите зборот „најверојатно“ во објаснувањето на некоја причина, тоа значи и дека можеби и не е тоа, но…

И додека затемнувањето во Шпанија, Португалија и делови на Франција брзо се заборави, а и како нема да се заборави кога светот од ден на ден се соочува со сѐ повеќе драматични и апокалиптични настани (размената на жесток оган меѓу Индија и Пакистан, две моќни нуклеарни сили), пред некое утро и на Македонија ѝ се стемни или, да бидам попрецизен, снема струја во цела држава. Среќа беше недела рано наутро кога уште многумина спиеја, па не беше страшно како во Португалија и Шпанија, а и надлежните релативно брзо го санираа дефектот, така што многумина не ни знаеја дека снемало струја. Причина за овој прекин, објаснето со стручен жаргон, биле високите напони на 400-киловолтната мрежа во целиот регион, што се одразило врз македонскиот систем и го предизвикало краткотрајниот испад на енергетските трансформатори 400/110 киловолти во трансформаторските станици. Слични испади имаше и кога понекоја лисица ќе влезеше во трансформаторите, но тогаш без струја остануваа две-три населби. Шегата настрана. Без оглед на брзата интервенција, она што се случи е потврда дека и домашниот енергетски систем е ранлив, особено кога е дел од повеќето регионални системи и е дел од европската енергетска мрежа, така што ако се случи курцшлус во соседството или на некоја друга мрежна точка, отидовме и ние јабана. Тоа е маната на тоа да си дел од единствен енергетски систем без да имаш домашен бајпас во случај на не дај боже.
Овие примери покажуваат колку е важно државата да развие сопствена енергетска стратегија, која ќе предвидува наши домашни енергетски капацитети што во секој момент ќе можат да понудат задоволување на домашните потреби за електрична енергија и нејзина безбедна дистрибуција, дури и во ситуација да се случат вакви хаварии. Деновиве одново се актуализира идејата за изградба на најголемиот енергетски капацитет што кај нас се заговара веќе со децении, а тоа е Чебрен.

Откако пред нешто повеќе од една година со силна заложба на домашните енергетски експерти беше осуетена намерата на поранешната влада да им го даде овој стратегиски проект на Грците, сега повторно се спомнува некакво партнерство, некој нов тендер и слично. Едно треба да е јасно, државата мора тој проект да го истера сама, па нека чини и милијарда и два-триста. Чебрен нема да се изгради за година-две, туку веројатно ќе бидат потребни седум-осум, а можеби и 10 години. Тоа се повеќе државни буџети и ако од секој од нив се одвојат по 250 милиони евра годишно, што не се многу пари, за осум години Чебрен ќе биде државен капацитет од кој и ќе се произведува домашна струја по поволна цена, но и ќе има водоснабдување на земјоделските површини каде што ќе се одгледува македонска храна. Двоен бенефит. Тука се и инвестициите во помали когенеративни централи, кои ќе го дополнуваат производството на електрична енергија заедно со топлинска енергија за домаќинствата. Истовремено, треба да се поработи и на гасификација на РЕК Битола, а ад хок не треба да се отфрла ниту идејата за мали нуклеарни централи, кои функционираат во САД и Велика Британија и кои своите искуства можат да ги споделат со земјава со оглед дека едните веќе се, а другите се на пат да станат наши нови стратегиски партнери.
Со фотоволтаиците и ветерните паркови треба да се оди со усул, особено ако се узурпира земјоделско обработливо земјиште за да се градат вакви соларни и ветерни паркови. Ветерниците треба да одат на ридиштата каде што има најмногу промаја и ветер, додека соларните паркови исто може да се позиционираат на ридски подрачја што се осончени најголем дел од денот за да може нивите да останат слободни за земјоделско производство. А за квалитетна и стабилна дистрибуција на произведената електрична енергија, не треба ниту да споменувам. Тоа и се подразбира во пакетот есенцијални енергетски национални зафати, со еден долгорочен, но перманентен карактер! Тоа е она што ни треба, наша енергија, наша вода и наша храна.
Затоа, за да не ни се затемни повторно, подобро е со време да се просветлиме и конечно да сфатиме дека само она што самите го произведуваме ќе носи просперитет за граѓаните, стопанството и за државата. Сѐ додека зависиме од други, тогаш дефинитивно црно ни се пишува.