Мојата азбука: Живко Поповски-Цветин, сликар и хуманист

А – азбука, која ја учев од татко ми Александар, кој ми беше првиот учител. Во негова чест мојата втора ќерка се вика Александра, таа е музичарка, педагог и ликовна уметница. Мојот внук се вика Андреј и е студент на прва година на ФИНКИ.

Б – Брезово, моето село, и Блаже Конески, кој за мене е многу значаен, бидејќи првата песна што сум ја добил во ракопис е напишана од него. Поради овој дар, јас веќе 35 години на „Струшките вечери“ разменувам мои цвеќиња со ракописи и факсимили од поети на сите јазици, Бистрица Миркуловска, која ми ја посвети својата книга „Цвеќе на мирот“, и Богданка, мојата сопруга, која ја зедов бегалка, а, еве, годинава прославивме златна свадба.

В – воз, имав изложби во воз, од Скопје кон Гевгелија, Велес, Прилеп, Битола, а во реката Вардар пуштам пораки за мир за да стигнат до целиот свет.

Г– гори, кои ги има околу моето село и прекрасниот „Гороцвет“, како што се вика моето здружение за обичаи, култура и традиција.

Д – дар, секојдневно ги создавам цвеќињата на мирот и им ги дарувам на сите луѓе, заедно да се бориме за мир и подобро утре, и Друштвото на писателите на Македонија, каде што секојдневно другарувам со писателите и поетите.

Ѓ – Ѓурѓовден – со задоволство учествував на Ѓурѓовденски средби на пастирот, стадото и шарпланинецот или караманот. Годинава имавме средба во селото Суводол, ѓердан, а најубав е оној од цветови.

Е – есен, ја разубавува природата со листови во најразлични бои, кои повторно се враќаат во земјата, за напролет пак да изникнат во цветови, па во плодови и така во круг.

Ж – живот, Живко, моето име, жубор, желба. Самата буква е како цвет и секогаш со задоволство ја осликувам со цветови.

З – здравје, зачеток, закрила.

Ѕ – ѕвоно училишно, првпат го слушнав во ОУ „Кочо Рацин“ во моето село Брезово, потоа во „Гоце Делчев“, во Битола, во средното училиште „Борис Кидрич“, па во Белград на Земјоделскиот факултет….

И – икона, иконостас, нашите корени и идентитет.

Ј – Јана Шапкар Марин, кога беше ученичка ми напиша песна „Цвеќе на мирот“, која се пееше на детскиот фестивал „Калинка“ во Гевгелија во 1996 година, музиката ја напиша Томислав Таневски.

К – „Колибри“, мојот омилен придружник и ведар пријател

Л – липа, која е симбол на Скопје, ластовичка, латица…

Љ – љубовта кон луѓето, животните, растенијата, кон животот.

М – Македонија, Мајка Тереза од која имам писмо добиено во 1984 година и сите мајки на кои на секој 8 Март им подарувам цвеќиња на мирот

Н – „Нова Македонија“ е мој врсник и со неа соработувам во мисијата на мирот од почетоците.

Њ – Њујорк каде што имав изложба во1990 година, а во септември годинава во овој мегалополис, моја слика „Цвеќе на мирот“ доби Антонио Гутереш, генералниот секретар на Обединетите нации.

О – Охрид, нашиот бисер со 365 цркви, нашиот Ерусалим, „Оревот што живот значи“, манифестација во моја организација, која се случи во неделата во ресторанот „Ореов лад“, во Скопје.

П – писма што сум ги добил од многу познати личности, меѓу кои се: Ла Пасионарија, Раџив и Индира Ганди, Сандро Пердини, Перез де Куелјар…

Р – радост, Радика и сите реки во Македонија, Радован Павловски, кој ми подари песна, како и голем број други поети.

С – Снежана е името на мојата прва ќерка, таа работи во Државниот завод за статистика и е моја голема поддршка.

Т – татковина, траги што секој ги остава во животот.

Ќ – ќилм персиски, што го добив од Садам Хусеин.

У – убавина, успех, училишта, кои често ги посетувам.

Ф – факултет. Јас завршив земјоделски, но мене целиот живот ми е факултет, а на МИТ-универзитетот во 2012 година бев прогласен за почесен доктор на науки. Ќе ја споменам и птицата феникс, која дава надеж за подобро утре.

Х – хамер, на кој ги создавам моите слики, но и холивудски ѕвезди на кои сум им ги подарил. Меѓу нив се: Ричард Гир, Клаудија Кардинале, Роџер Мур…

Ц – цвеќе, цут, Цветанка, мојата мајка, по која го зедов името Цветин, церемонии на кои сум постојано присутен, цветната македонска градина, Цветиновата награда за мир што ја дарувам од минатата година.

Ч – човек, за мене да се биде и остане човек е најважно нешто во животот!

Џ – џунџуле, џин, џаде…

Ш – Широк сокак во Битола, каде што под балконот на Елени Коринте имав изложба на мои цветни слики пролетва.


Живко Поповски-Цветин (78), нашиот познат уметник и хуманист, чија примарна професија е агроном инженер, со своите цветни цртежи ја ослика цела Македонија, речиси сите поважни установи, училишта, споменици… Неговиот талент за цртање прв го забележал тогашниот наставник по ликовно Коста Хаџиантоновски, кој подоцна го основа „Малиот битолски Монмартр“, но сепак, Цветин се одлучи за друга професија, дипломира на Земјоделскиот факултет во Белград, Србија. Во текот на професионалниот стаж имал голем број важни и одговорни функции, но уредувал и списанија и бил претседател на Црвениот крст на Македонија.
Пред 35 години, неговото хоби, сликањето, сѐ повеќе го преокупира, а главен мотив му е цвеќето, кое прераснува во симбол на мирот.
Досега има подарено над 55.000 слики „Цвеќе на мирот“, кои се наоѓаат во колекциите на познати државници, политичари, поети, музичари, нобеловци, студенти и ученици, артисти, спортисти и разни хуманитарни организации и здруженија.
Досега Поповски има организирано над 300 изложби во земјата (во 150 основни и средни училишта, 30 детски градинки, домови за деца без родители, старски домови, факултети) и во странство, меѓу кои во Полска, Канада, Германија, Романија 1985 год., САД во 1986 год., Загреб (Хрватска) 1987, Белград (Србија) 1989, Њујорк во ООН 1990, во Сан Ремо (Италија) 1995, Австралија (Мелбурн, Сиднеј) 2019 и др.
Во 2009 година, Поповски беше кандидат за Нобелова награда за мир, каде што од 205 кандидати беше меѓу првите пет во потесен избор.
Неговите слики се наоѓаат на 14 доплатни марки издадени од Црвениот крст на Македонија, на разгледници, на 50 насловни страни на книги, календари, на 10 документарни филмови. Има издадено три книги со добиени факсимили по пат на размена со негови слики на „Струшките вечери на поезијата“ и есеи за „Цвеќето на мирот“.

Во 2013 год., Поповски е добитник на државната награда „Мајка Тереза“, како и на многу признанија од Црвениот крст. Организатор е на повеќе манифестации.
Живко Поповски -Цветин и „Нова Македонија“ се врсници, бидејќи на 4 октомври и овој наш неуморен креативец наполни 78 години.
Со своите цветни пораки тој бил дел од многу случувања и одбележување на важни датуми за нашиот весник, а лани на „Нова Македонија“ ѝ ја додели и неговата „Цветинова награда за мир“.
Инаку, Цветин му подари слика и на „Колибри“ за 55-годишнината од постоењето и соработката со него на нашите страници трае со години, а се надеваме дека ќе биде така уште долго.

М.Т.