„Апотеоза на пределот“ е изложба на Кирил Гегоски, која ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во „Чифте-амам“. На отворањето на изложбата ќе се обрати директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими.
Творештвото на Кирил Гегоски од најраните дела, па сè до денес се одликува со минимализам и редуцирана симболика, префинет вокабулар и отсуство на какви било непотребни детали во третманот на сликата. Уметничкиот израз е исполиран до последниот детаљ, што може да се сфати како производ на воздржаниот, но софистициран фокус на авторот за потенцирање на суштината на нештата, беспрекорната реализација, а пред сè, извонредното чувство и познавање на својствата на материјалите што ги користи.
– Од почетокот на 2000 година и во текот на изминатите години до денес, евидентно е менувањето на неговиот ликовен израз, кој, за разлика од претходно, е поекспресивен. Кирил Гегоски во својата сликарска страст и посветеност не се задоволува само со една пронајдена матрица и во својата досегашна работа експериментираше на три нивоа на сликарската практика: материјално-техничката, концептуално-аналитичката и естетско-чувствената. Иако е евидентна стилска различност, тој се задржува на архетипските модели и истражувања на односите во кои ги согледува одговорите на сопствените размислувања за прасликата и искуствата во доживувањата на животот, во кои неповратно се врежани човековите искуства и претстави. Преку ова Гегоски го претставува јадрото во кое се преклопуваат содржината и односот помеѓу неговото доживување на прасликата и значењето на конкретното уметничко дело. Неговите дела ја задржуваат својата препознатливост во различноста, што е одлика на изграден уметнички идентитет. Оваа препознатливост се заснова врз осмислена креативна постапка во која значењето и формализирањето не се доминантни, туку се читаат индиректно преку материјалноста и сензуалноста на сликата и нејзиното непосредно афективно дејство врз гледачот – велат од Националната галерија.
Во духот на зен-филозофијата, тој верува во внатрешната чистота што се отсликува во едноставни форми и во силната енергија со која зрачи делото.
Неговите феноменолошки карактеристики, засновани врз колористички оркестрации, суптилни во изразот, чисти, често лирски, а понекогаш и драматични по карактер, светлосните ефекти и субјективните чувства во доживувањето на дадената тема и мотив, ги задржуваат споменатите особености на авторовиот ракопис.
Куратор на проектот е Горанчо Ѓорѓиевски.