- Суштината е едноставна: колку повеќе се обидуваат да нè замолчат со писмени поднесоци до надлежни институции во кои фингираат некакви прекршувања на закони и кодекси, толку повеќе се открива значењето на нашата работа. Колку повеќе се трудат да нè одвратат од темите што ги следиме, и тоа практикувајќи начини што се далеку од етички, морални, правни или професионални, толку повеќе станува јасно дека токму тие теми се клучни и неопходни за јавноста и ние ќе ги третираме во согласност со професионалните норми и во рамките на позитивното право
Се сеќавам на една сцена од редакцијата – доцна навечер, сите уморни, а на масата пред нас куп хартија со поднесоци, жалби на нашите новинарски трудови. Еден колега со иронија рече: „Еве го новиот број на весникот – само што не е наш, туку нивен“. Сите се насмеавме, но зад таа шега стоеше горчлива вистина: наместо да пишуваме, да анализираме, да информираме, да истражуваме и да ја следиме реалноста, ние сме принудени да трошиме ресурси (интелектуални, професионални, време, енергија, консултации со правни советници, адвокати, а богами и пари…) за да одговараме на бесмислени напади. И тоа стравотно нѐ троши. Ни ги загрозува нашата новинарска автономија, самодоверба, објективност и придржување кон новинарските стандарди, принудувајќи нѐ за секој напис и став да проверуваме и за нешто што е фактичка состојба или ноторна вистина?! Па до кога бре колеги, високи интелектуалци што седите во контролно-надзорните институции од нашата професија?! Ние очекуваме како новинари да бидеме заштитени од вас. Вие сте првата брана што го прима ударот од непринципиелните фингерајки и клевети кон нас. Дајте, ве молам, еднаш прво погледнете го она што стигнува до вас и доколку констатирате дека нема основа за она што најчесто бидува да е „обична, препознатлива од авион – клевета“, немојте понатаму да го процесирате. Заштитете ја професијата од притисоци, и тоа страшни политикантски притисоци! Заштитете ја и од начинот на кој некој сака да ги обликува весниците и медиумите по свој терк, загрозувајќи ги новинарската објективност и автономија. И на крајот, заштитете нѐ од „исцрпувачка војна“ (израз што сега многу е популарен), со која финансиски сакаат да нѐ исцрпат оние што располагаат со многу пари давани од одредени центри на моќ, токму за оваа намена. Ние медиумите финансиски едвај врзуваме крај со крај, па за секој одговор на нивните поднесоци мораме да плаќаме адвокатски тарифи. А тоа не е малку. Наместо да ги пренасочиме средствата за награди за новинарски залагања, ние се исцрпуваме со пари за форматирање одговори до Советот за етика. Рака на срце, тешко дека новинар ќе знае да се повика на член од законот или на правилник или, пак, да состави одговор што ќе биде правно коректен. Или ако го прави тоа, тој мора својски да се потруди, што повторно значи трошење на редакциските ресурси. И тоа поради некои клевети и фингирања неетичност или говор на омраза?! Ама ви се молам…
Еве, одговоривме и пред недела-две на такви поднесоци. И само што ќе се одбијат претходните жалби од „Трибуна“, веднаш следуваат нови. И не е првпат. Мноштво има досега… Тоа е како некој да ти затропува на врата секој ден со истата празна кутија – знаеш дека е празна, знаеш дека нема ништо внатре, но сепак мораш да ја отвориш, да ја провериш и да ја вратиш назад. Така ни ги трошат ресурсите, ни ја одземаат енергијата и ни ја попречуваат новинарската работа. Ова не е само институционален проблем туку и личен. Како што се примерите и со другите колеги од „Нова Македонија“, и јас сум се соочил со истите механизми на притисок – жалби без основа, обиди за дискредитација, создавање атмосфера во која новинарот треба да се брани наместо да истражува.
Колку и да звучи чудно, само што ќе бидат одбиени претходните жалби од „Трибуна“ пред Советот за етика, веднаш следуваат нови. Се создава впечаток дека сме влезени во еден бескраен круг на беспредметни напади, каде што секоја одлука за отфрлање не значи крај, туку почеток на нова рунда. Наместо аргументирана дебата или суштинска критика, добиваме административни пречки, кои имаат единствена цел – да нè исцрпат, да ни ги трошат ресурсите и да нè одвратат од темите што ги следиме.
Оваа постојана лавина од жалби не е само административна формалност – таа е внимателно осмислена стратегија на одвраќање, заморување, на пренасочување на нашата енергија од суштинските прашања кон бесмислени одбрани. Секој нов документ што стигнува во редакцијата е како камче фрлено во машината што треба да работи за јавниот интерес – ситно, но доволно да ја забави, да ја натера да чкрипи и да троши сила на непотребни поправки. Наместо да се занимаваме со истражувачко новинарство, со теми што ја засегаат јавноста и што бараат храброст и аналитичка острина, ние сме принудени да одговараме на празни напади, да пишуваме реплики на жалби што немаат основа, да губиме часови и денови во административни лавиринти. Тоа е како да ти ја врзат раката со бесконечен конец – секогаш кога ќе го пресечеш, веднаш се појавува ново парче што те врзува уште еднаш. Суштината е јасна: ова не е борба за вистина, туку обид да се задуши вистината. Да се исцрпи новинарот, да се одврати редакцијата од темите што навистина болат и што навистина ја разголуваат реалноста. Секоја жалба е како сенка што се обидува да ја покрие светлината на истражувањето, но токму тоа ја потврдува важноста на нашата работа. Зашто ако не беше значајна, ако не допираше до суштината, немаше да има толку упорни обиди да се попречи.
Но ако навистина сакаат да се занимаваат со прашања од јавен интерес, би било многу покорисно да погледнат кон проблемите што секојдневно ги потресуваат бугарската држава и бугарското општество, а се поврзани со Македонија. Во Бугарија има доволно теми што заслужуваат внимание – од правата на македонското малцинство, кои со децении се игнорираат и маргинализираат, до корупцијата, која е хроничен проблем и која како тивка болест ја поткопува довербата во институциите, ја разјадува демократијата и ја осиромашува јавната сфера.
Тоа се вистинските предизвици, тоа се темите што бараат храброст, одговорност и вистинска новинарска посветеност. Зашто новинарството не е игра на административни пречки, не е натпревар во поднесување жалби и создавање бирократски лавини. Новинарството е борба за вистина, за јавен интерес и за слобода на зборот. Тоа е постојано настојување да се осветлат темните агли на општеството, да се разобличат неправдите и да им се даде глас на оние што се заглушени. А секој обид да се задуши таа борба, секој напад што има цел да ја одврати редакцијата од суштинските прашања, само ги потврдува нејзината неопходност и нејзината сила.
Суштината е едноставна: колку повеќе се обидуваат да нè замолчат со празни жалби, толку повеќе се открива значењето на нашата работа. Колку повеќе се трудат да нè одвратат од темите што ги следиме, толку повеќе станува јасно дека токму тие теми се клучни и неопходни за јавноста. И токму затоа, наместо да се занимаваат со бесцелни напади против македонските новинари, би било многу поплодотворно да се свртат кон вистинските проблеми – кои бараат вистинска храброст, а не административна еквилибристика.































