11 Октомври, Македонците и Тито

Историјата може да нѐ лаже нас, но не е во ред ние на живо да ја лажеме историјата. Без оглед кој што мисли, а секој може како сака да мисли, 11 Октомври, Денот на востанието, е еден од историските светилници на македонскиот народ и неговата денешна држава Република Северна Македонија, име избрано не по своја волја туку наметнато со ултиматуми и меѓународни уцени.
Низ овој датум, со сите негови прашалници, тогашни и сегашни, се плетат историјата, националноста, државноста, самостојноста, минатото и иднината на Републиката. Дали на 11 Октомври 1941 година во Прилеп (и Куманово) се случија космички зрачења, дали проговорија историските околности, дали беше неосмислен инцидент или организирана акција, дали проработи карактеристичниот прилепски инает или авантуризмот кај една група млади луѓе, дали била во прашање заблудата во комунизмот како надежен систем, не се прашања што ја поматуваат важноста на тој чин. Тие се само сенка на величественоста на денот што стана историски меѓник.
По таа бурна октомвриска ноќ се разгоре низ Македонија Народноослободителната борба, истовремено проследена со атрибутите за национална и социјална слобода на нејзиниот народ. Се сопре анационалниот, асимилаторски процес, се разви националниот, интензивно самостоен и автентичен. И се стигна до победата и до ослободувањето, до потврда на идентитетот, на јазикот, на писмото и, што е најважно, се извојуваа сигурни делови од географската територија што со векови се викала Македонија.
Густи се шарите на балканскиот историски килим, на ткаената батанија. Историјата на македонскиот народ нема од што да се срами, уште помалку да се плаши. Таа историја има поврзани, споделени, заеднички делови со Отоманската Империја (денешна Турција), со Бугарија, со Србија, со Грција, најмалку со Албанија. Сите меѓу себе минувале низ разни периоди, си имаат водено војни, направено повеќе злосторства одошто добри дела. Речиси двесте години сѐ е меѓу себе врзано, како сврзани садови низ кои течело минатото, а не запира и во сегашноста. Но факт е дека ништо од ова не може да се зема и да се парчи на единечни делови и да се води натпревар чиј удел бил помал или е поголем. Да претендира на чиста своина и непорекливост.
Прилепско–кумановскиот 11 Октомври, во разгорената Втора светска војна, беше еден од првите македонски обиди да се пресече балканскиот јазол, иако не е споредливо со она што го направил Александар Македонски кога со еден отсечен рез со мечот го расекол јазолот во Гордион. Не се знае дали оние што ги испукаа првите пукоти ја имале за пример таа античка легенда, но се знае дека ги читале Маркс, Енгелс и Ленин, користеле, се опивале со илегална комунистичка литература и имале визија за една слободна Македонија, ослободена не само од тогашниот бугарски окупатор туку и од кој било друг поробувач. Како составен дел на заедништвото пееле песни секакви: српски, бугарски, понекоја грчка и турска за мерак.

Како што се знае, 11 Октомври е почетокот, некои го нарекоа „зората на вториот Илинден“. Дали тоа репетирано име беше само возобновено сеќавање на славните илинденски денови, дали беше партизански пропаганден трик, случајно совпаѓање или мудро, премудро, искористена историска паралела, повикувањето на Илинден 1903 си ја постигна посакуваната цел. Го крена народот. Победата дојде подоцна, од стартот до целта поминаа четири години.
Востанието на македонскиот народ од 1941 година е дел од заедничката или споделена историја на Македонија со југословенските народи. Тој факт во секое време може да се документира написмено, постојат кубици архиви, напишани се илјадници книги за таа историја. Во тоа заедништво, централно место, како личност, не како настан, зазема Јосип Броз Тито, хрватски (или австриски, руски) човек што ги предводеше комунистичката револуција и Народноослободителната борба. Некои во Македонија го сакале (и сѐ уште го сакаат), други не го сакале (до ден-денес го мразат), но, го сакале или го мразеле, Тито е дел од македонската историја и ќе остане како таков колку и да се прават обиди да биде избришан и заборавен.
Со сите негови мани, со диктатурата на еднопартискиот систем, „браварот“ создаде држава во која школството и здравството беа бесплатни, вработените добиваа бесплатни станови, годишни одмори и разни социјални поволности. Денес ликот и делото му се мошне извалкани, се забораваат неговите светски успеси, а се истакнуваат склоностите кон виски и жени, кон елиминации на неговите неистомисленици и противници од највисоко до најниско.
Тито во овој 11 Октомври е повторно жив меѓу Македонците благодарение на офанзивата на бугарската официјална политика, дел и на бугарската наука, кои тврдат дека македонската нација е создадена благодарение на Титовата визија и итрина. Последниве години, во рамките на бугарското ембарго за прием на Македонија во Европската Унија, бугарските власти упорно ја туркаат тезата дека Македонците се Титова измислица, како што се измислица и македонскиот јазик и писмо. Како да им е криво што на некрунисаниот југословенски црвен монарх му успеало тоа што не му успеа на царот Борис Трети, обединителот, кој, види несреќа, не ја обедини Македонија со Бугарија.

Тито не ги измисли Македонците, тој само им го призна она што другите го негираа – ја сфати, ја разбра и ја поддржа нивната долгодецениска борба за слобода, им ги призна самобитноста на идентитетот. Тој факт до денес стои како коска во грлото на бугарската негаторска политика.
Со текот на годините називот „Денот на востанието на македонскиот народ“ го јаде забот на времето, како што јаде многу нешта од минатото. Не од историски причини, туку како плод што го раѓа дрвото на политичките и општествените, домашни и меѓународни промени, се користат разни варијанти на именувањето избегнувајќи го македонскиот народ како главен носител на Народноослободителната војна. Властите од двете најголеми македонски партии обидувајќи се да лавираат меѓу минатото и сегашноста, често и свесно работат во име на сегашноста на штета на минатото.
Сигурно дека има некои оправдани причини за таквиот однос, но нужно е предупредувањето да не се претерува со заборавањето и настаните од историјата да не се нарекуваат со лажни, фалсификувани имиња заради нечии туѓи интереси. Заборавањето ќе биде исто толку штетно како што во некои времиња беше штетно глорифицирањето.

pande.k@novamakedonija. com.mk