Отворањето на музејот е замисла на уметницата и претседателка на музејскиот одбор Вал Коросвајт, која го почна овој проект пред неколку години со група уметници и научници. Таа со години работеше на основање на музејот и самата има собрано примероци од доцните 1800-ти години до денес, создавајќи архива од 7.000 историски вредни постери

Во Њујорк е отворен „Постер хаус“, првиот музеј во САД посветен на уметноста на плакатот. Тука на различни изложби ќе бидат презентирани 7.000 историски плакати собрани од целиот свет, како и околу илјада современи плакати. „Постер хаус“ ќе биде музеј што ја слави уметноста на дизајнирање постери, а се простира на околу 15.000 квадратни метри, на два ката од деловната зграда сместена во менхетенскиот кварт Челси.
Денес плакатите најчесто ги користиме за огласување, а во последните неколку години уметници од различни подрачја со своите дела му даваат важност на овој единствен дизајнерски облик на уметноста. Токму тоа е движечка сила што новоотворениот музеј со својата колекција сака да им ја понуди на посетителите.

Отворањето на музејот е замисла на уметницата и претседателка на музејскиот одбор Вал Коросвајт, која го почна овој проект пред неколку години со група уметници и научници. Таа со години работеше на основање на музејот и самата има собрано примероци од доцните 1800-ти години до денес, создавајќи архива од 7.000 историски вредни постери.

– Знаејќи дека во САД не постои музеј на плакат, Вал се ангажира за почнување на овој проект – вели директорката на музејот, Џулија Најт.

Музејот е отворен со две различни изложби, кои ќе траат до 6 октомври.
– Едната изложба ги претставува делата на чешкиот сликар и дизајнер и најзначаен протагонист на уметничкото движење арт нуво, Алфонс Муха – вели кустоската на изложбата Ангелина Липерт, додавајќи дека неговите дела во САД не се изложени од 1921 година.

Светски се познати плакатите што Муха ги направил за глумицата Сара Бернхард, како и неговите постери-реклами за цигари, пиво или алкохолни пијалаци. Со своите дизајни тогаш создал слика за модерната жена, која ја нарекуваат новел феме.
– Стилизираните, сигурни жени што ве гледаат од неговите плакати ги изменија изразот и насоката на модерното огласување – вели Липерт.

Втората изложба е дијаметрално спротивна и претставува дела од источноберлинската графичка дизајнерска куќа „Цијан“, која се претставува со изложба со наслов „Танцување низ ѕидот, Цијан во 1990-тите“, а на посетителите им ја приближува уметноста на изработка на плакати по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година.
Во големиот простор на музејот посетителите ќе пронајдат баш сѐ – од постери со омилените ликови од детството, преку реклами за бургери, до магични комплексни примероци на плакати од историјата.