Можеби Јапонците не продолжија понатаму во фудбалското натпреварување за светски прваци, но затоа сите можат да им симнат капа дека се покажаа како прваци во однесувањето со отпадот. На сите ни одржаа лекција како треба да се однесуваме. Сѐ уште се зборува за нивниот гест, се развиваат дебати на социјалните мрежи и можеби ќе заврши и Светското првенство во фудбал, а сепак за нив долго ќе се прикажува
Сѐ уште не можеме да се освестиме од гестот на Јапонците како сами си го исчистија ѓубрето пред да си заминат од Светското првенство во фудбал во Русија. Навивачите на трибините со најлонски вреќи си го собраа сето ѓубре што во текот на натпреварот го направиле, а фудбалерите пак ја светнаа соблекувалната и им се заблагодарија на Русите, оставајќи им писмена порака. Можеби Јапонците не продолжија понатаму во фудбалското натпреварување за светски прваци, но затоа сите можат да им симнат капа дека се покажаа како прваци во однесувањето со отпадот. На сите ни одржаа лекција како треба да се однесуваме. Сѐ уште се зборува за нивниот гест, сѐ уште се развиваат дебати на социјалните мрежи и можеби ќе заврши и Светското првенство во фудбал, а сепак за нив долго ќе се прикажува. Ако по некоја случајност дојдеа во нашиов град и играа на нашиов градски стадион, каков срам ли ќе бевме ние. Не дека и сега не треба да се срамиме, бидејќи нашиот однос со отпадот е пак во сосема една друга крајност од она што го претставија Јапонците. Колку пати на нашите стадиони се оставало не само ѓубре туку и искршени столчиња. Да не зборуваме за ѓубрето што се остава на шеталиштето покрај Вардар или во градскиот парк. Секој викенд кога има повеќе посетители се забележуваат преполни канти со отпад, расфрлано ѓубре наоколу, а во тревниците на градскиот парк, каде што се забавуваат група млади, освен хартиите, остануваат и празните шишиња од испиените пијалаци во текот на ноќта. Ѓубре пред дискотеките, ѓубре оставаме и во зоолошката градина, не вртејќи се по своето дете кога ќе ја исфрли празната амбалажа од испиеното сокче и слично.
Е, кога сме кај децата, оттука и почнува нашиот проблем. Се сеќавате ли на еден краток филм, кој исто така можеби и до скоро се вртеше по социјалните мрежи, како деца Јапончиња од некоја поголема група во градинка или почетници во училиште самоорганизирано си го послужуваат појадокот или ручекот и потоа организирано раскреваат и ги мијат чиниите, за потоа да заминат повторно на час. Е, затоа Јапонците се такви, од мали нозе ги учат правилата. Ние не сме во тој филм, затоа што и сега има примери на мајки и татковци, кои држејќи си ги за рака своите дечиња, брзајќи кон градинка оддалеку го фрлаат своето ѓубре во контејнерите. Пред очите на најмилите го промашуваат контејнерот и продолжуваат. Примери за лошо однесување со отпадот имаме колку сакаме. Па, замислете, фонтаните, кои летово на овие тропски температури ни се неопходни да се разладиме, ние ги полниме со ѓубре. Каде во светот има друг пример хартиени амбалажи и ѓубре да се остави таму каде што се пие вода. Никаде, навистина, никаде нема таков пример.
Преполни контејнери по населбите речиси насекаде, па и во централното градско подрачје, и ѓубре околу садовите за отпад. Замислете, се случува во централното градско подрачје во малите канти за ситен отпад некој да си ја фрли полната ќеса ѓубре од дома наместо во контејнер. Ваков пример има и на станиците. Зарем ова не покажува колку сме ние далеку од Јапонија и Јапонците. Се обидовме малку да се модернизираме и да мрднеме чекор понапред, па направивме подземни контејнери, за да не се гледа ѓубрето на површина. И, замислете, во строгиот центар на Скопје, еве на булеварот Кочо Рацин, некои од станарите од кулите во градски ѕид ѓубрето го оставиле покрај подземните контејнери. И не само таму, ваква слика се забележува и на други локации. Некогаш затоа што тие биле преполни и комуналците не ги исчистиле навреме, но некогаш затоа што така сакале да се однесуваат. На секоја улица, станица, на железничката, меѓуградската автобуска станица, пред амбулантите, институциите, тротоарите, улиците, насекаде догорчиња од цигари и ѓубре.
Па, отворете ги весниците, ние сѐ уште третираме информации од типот „таа и таа општина реализира акција во која се собрани толку и толку тони ѓубре“. Зарем е тоа за фалење и нели е срамота што сме расфрлале толку ѓубре. Еден поранешен градоначалник на Скопје во еден неврзан разговор ни раскажа како при една негова средба со еден германски градоначалник разговарале за функционирањето на комуналните претпријатија и начинот и третманот со отпадот и колку ѓубре собираат. Германскиот колега го засрамил кога му кажал: „Вие, колега, како да се фалите колку ѓубре сте собрале, наместо да се фалите со тоа колку помалку ѓубре имате за собирање“. И навистина е така. Зарем ќе дозволиме и натаму да фрламе ѓубре кај ќе стигнеме и да правиме безброј диви депонии, кои летово се извор на смрдеа и зараза? Време е да се покаже повисока свест. Време е за сите, па и за комуналците, да се однесуваме поинаку и подоследно како граѓани на метропола. Вистински момент е да научиме нешто позитивно од другите.