Фигура на плодноста, народ Бамана, Мали, е еден од вредните експонати презентирани на актуелната изложба „Духовите на Африка: ритуална западноафриканска уметност“ во Музејот на Македонија. Со оваа изложба во Скопје гостува Музејот на африканската уметност од Белград.

Двојната антропоморфна фигура ја карактеризира цилиндричното тело, а на врвот на продолжетоците што ги претставуваат горните екстремитети се наоѓаат идентични глави, исто така, со двојни јанусовски лица. Симетријата и повторувањето на бројот два укажуваат на идејата на предците, а умножувањето на лицата и главите, како и на женските гради, сугерира на плодноста. Идејата за плодноста ја потврдуваат и други примери на вакви скулптури, кои можат да бидат украсени со каури-школки – симбол за плодност и изобилство. Оваа фигура ја изразува идејата за женскиот предок, како витален елемент од кој зависат опстанокот и животот на заедницата.