Комедија за македонскиот идентитетски егзодус од Европа
Од печат како самоиздадена неодамна излезе новата книга на Ефтим Клетников „Трпе и Европа“. По малку изненадувачки за овој автор, поет, есеист, критичар и преведувач, станува збор за комедија. Всушност комедија во која на комичен начин е пресликана трагичната македонска ситуација со насилничко преименување, што претставува идентитетски геноцид врз цел еден народ, според антрополозите најстрашната смрт што може да му се случи на цел еден народ. А тоа му се случи на македонскиот.
Мотивското средиште од кое се развива комедијата на Клетников е старогерманската легенда, искористена и за „Фауст“ на Гете, во која Фауст си ја продава душата на Мефистофел (ѓаволот) во замена за интелектуалното знаење и сензуалната наслада, за што е жртва убавата Маргарета. Клетников во ова сиже во ликот на Фауст ја препознава Европа, нејзиниот бескрупулозен либералкапиталистички лик лаком за секакви други блага, освен за благото на душата и нејзините скапоцени вредности. Комедијата почнува со одлуката на ЕУ-парламентот да ѝ се најде душа, и тоа не каква било туку најдобрата по можност на Стариот Континент, на обездушената Дама со кусо фустанче, длабоко деколте и црвени штикли. И изборот паѓа на Македонија, како најбогата со тој елемент во европската Менделеева таблица на вредности. А во неа изборот паѓа на кроткиот преполн со убава душа Трпе од Прилеп. Кај него доаѓа мадам Европа да му ја исцица душата и да ја вгради во себе за да се облагороди, арно ама при примопредавањето Трпе нешто згрешува и бриселската Дама останува бремена. Уште таа по посетата на Прилеп во Македонија, а потоа и на Атина и Софија по својата балканска турнеја се враќа назад во Брисел гологаза без гаќички, па така ЕУ-комисијата тргнува во испитување на тој енигматичен настан и тука се заврзува и истовремено и одврзува комичниот јазол на делото на нашиот автор, уште повеќе и откако бремената Европа ќе ја роди ќерката со име Македонија. Со тоа настапува уште една специјалистичка ЕУ-експертиза да се утврди чија е таа: на Трпе од Прилеп, Оѕијас од Атина, или на Росен од Софија кај кои престојувала убавата но малку потсвената Дама на својата балканска турнеја. Стапува на сцената ДНК-анализата на генетичката ЕУ-лабораторија во Брисел, во која се утврдува дека ќерката на Европа му припаѓа на Трпе од Прилеп, но тука се вмешува експертот и дипломат од Империјата зад океанот Бејлсад, кој не го признава наодот на бриселската лабораторија, туку оној на вашингтонската, со кој му се одзема татковството на прилепчанецот и тоа треба да му се додели на Оѕијас од Атина или на Росен од Софија. Итн.
Комедијата на Клетников постапно ја крева комичната температура и врие од комични ситуации, кои фактички, такви, се цивилизациски алузии на една апсолутно европска морална хипокризија на ситни интереси и антихуманизам, на газење на сите вредности на она што се именува со поимите Душа, Убавина, Емотивност. Во тој контекст, пак, во комедијата на нашиот автор учествуваат и некои имагинарни европски ликови-духови како: Иго, Волтер, Бодлер, Гете, Хелдерлин и Верлен како морални корективи на расипаната бездушна мадам Европа, кои ја укоруваат неа за злото и неправдата што им ја прават на Трпе и Трпана од Прилеп, Македонија. А тука во слична улога е и духот на приказничарот и терзија Цепенков, кој во рајот му шие бечви на Господ. По многу перипетии на заплетените настани, комедијата на Ефтим Клетников како финале се разврзува во еден силен крешчендо стил, кога конечно во Прилеп во домот на Трпе и Трпана истражителната ЕУ-комисија од Брисел, со помош на екстраинтелигентниот истражителен пес Наполеон, конечно ги открива заборавените гаќички на гологазата мадам Европа во плакарот на спалната од сиромашните прилепски тутунари. Во истиот миг, како поканета да го прослави ова цивилизациско откритие, во домот на Трпе и Трпана пристигнува славната прилепска музичка банда на Чамо, „Чамовци“, и сè се завршува со македонско свадбарско оро и познатиот македонски ороводен извик „И-и-и-х!“.
Со еден збор, комедијата „Трпе и Европа“ на Ефтим Клетников е градена со една префинета стилска комедиографска перфекција, со фигурите на иронијата и парадоксот на една нарцисоидна цивилизација со лажни морални и хуманистички вредности, кои сега на своја кожа во неа најмногу ги почувствуваа Македонците. Една брилијантна комедија, која со уживање се чита, а која е извонредно, се разбира, атрактивна и за театарска изведба. Комедија што прави, без анестезија, хируршки рез на аморално болниот организам на Европа, рендгенска снимка на нејзината тешка болест со име бездушност по нејзината продажба на душата на ѓаволот. Прашањето што лебди во комедијата на Клетников цело време е дали неа, потоната во морално распаѓање, воопшто и може да ја одуши, одушеви, опреми со душата Македончето Трпе, тутунар од Прилеп. Дали? Оти за неа како да нема враќање од Мефисто (ѓаволот) назад.