Искуството на визуелните уметници од педесетина земји од светот, вклучувајќи и дел од македонските, ја демистифицира економската бенефиција од тоа да се биде уметник

Новите истражувања, кои се базираат на одговорите на околу илјада визуелни уметници, фрлаат ново светло на економскиот аспект на создавањето уметност. Повеќето од визуелните уметници што создаваат денес заработуваат помалку од 30 илјади долари годишно, покажува новата студија на „Криејтив индипендент“, спроведена меѓу 1.016 уметници од САД, Велика Британија, Канада, Франција и близу 50 други земји, за да се демистифицира економската бенефиција од тоа да се биде уметник.

Иако некои од откритијата не се многу изненадувачки, како тоа дека задоволството на уметниците расте пропорционално со времето што го поминуваат во своето ателје, други се доста просветлувачки, особено оние кога е во прашање економскиот аспект. На пример, само 12 отсто од испитаниците кажале дека продажбата во галерии им е од корист, мнозинството (61 отсто) рекле дека слободниот уметнички статус (фриленс-работа) е најголем економски фактор за нивната уметност. Само 17 отсто изјавиле дека три четвртини од нивната заработка доаѓа преку занимавањето со уметност, а близу половината од нив изјавиле дека уметноста им носи меѓу 0 и 10 отсто од заработката. Преостанатиот дел го обезбедуваат занимавајќи се со други професии.
– Поради митот за „чист“ уметник, кој е во можност да живее од продажбата на своите дела во галерии и преку грантови, или на некој друг мистериозен начин, гледаме многу уметници што се сметаат за неуспешни едноставно поради тоа што мораат да се занимаваат со некоја друга работа – вели Вила Коернер, креативна директорка на „Криејтив индипендент“.

Според неа, школите за уметност би требало да ги подготват подобро идните уметници за економските аспекти на тоа да се биде визуелен уметник, затоа што на тој начин тие би биле во подобра форма да си обезбедат егзистенција, не обвинувајќи ги секогаш системот и општеството за ситуацијата во која се наоѓаат и за својата финансиска нестабилност, која, пак, може да се надмине и преку други популарни извори на заработувачка, а не само преку галериска презентација и продажба.

– Многу е тешко да се издржуваш како визуелен уметник. Не постои еден испробан и вистински метод да се преживее од уметност. И морате да пробате многу работи пред да го најдете начинот што функционира. Но луѓето се снаоѓаат, а со текот на времето изгледа сѐ подобро им оди тоа – вели Коернер.

А дека и македонските уметници се снаоѓаат како знаат и умеат во овој век во земјава, која со децении е изложена на низа транзициски промени, кои се чини како да немаат крај, деновиве потврдија и неколкумина од нив, наедно потврдувајќи ја и својата љубов кон уметноста и творештвото како кон составен дел од себеси.

– Имајќи ја предвид економската ситуација во земјава, илузорно е да се очекува дека уметниците можат да живеат од својата професија. Секаде е тешко, особено во Македонија. Не постои никаква пазарна стратегија ниту, пак, галериска дејност (бижутерии во кои се изложени слики не се галерии), меценството постои само како именка, публиката главно е неедуцирана. Ретки се уметниците што живеат исклучително само од својата уметност. Најчесто станува збор за автори што создаваат комерцијална уметност, приспособена на вкусовите на широките народни маси. Тоа комплетно се коси со мојот идеализам. Во тој поглед сум бескомпромисен. Редовниот работен однос ми овозможува комплетна слобода, да го создавам тоа што го сакам. Сликарството е света работа. Не можам да дозволам да се проституирам со својата уметност. Дополнителниот извор на средства го стекнувам со занимавање со применета уметност (графички дизајн, сториборд, илустрации) – вели уметникот Атанас Т. Ботев, вработен во Отвореното графичко студио при Музејот на градот Скопје.

Уметницата Славица Jанешлиева-Бачварска, која е и професорка на Факултетот за ликовни уметности, вели дека всушност само неколку (може да се избројат на една рака) од големиот број ликовни уметници (наши и од светот), кои лично ги познава, заработуваат само од своето ликовно/визуелно творештво, и тоа само поради фактот дека се претставувани од галерија, односно таа е еден вид нивен менаџер. Таа укажува дека кај нас галериите не функционираат така, тие се продавници.

– Сите други работиме и нешто друго, креативно, но применето, и на тој начин поисплатливо. Продажби на уметничко дело се случуваат, ама не толку често. Речиси никој не сфаќа дека ликовниот уметник од своето уметничко дело заработува само еднаш, а кај нас делото исклучително ретко достигнува вистинската пазарна вредност. За разлика од другите уметници, на ликовните уметници не ни се исплатува никаков хонорар кога поставуваме своја самостојна изложба, кога го позајмуваме своето дело за изложба, кога ќе ни се репродуцира дело во печатено или дигитално издание, за одржано предавање за сопственото творештво, не ни се покриваат продукциските трошоци итн. Затоа ликовните уметници се занимаваат со графички дизајн, применет дизајн, со настава, со проекти и сл. Но ова е неопходно не само за да преживеат туку и за да можат да творат, односно да можат да набават материјали за работа – истакна Јанешлиева-Бачварска, која додава и дека е среќна и задоволна што веќе 12 години ја работи „втората најдобра работа“ за ликовен уметник и во своите секојдневни работни ангажмани ги пренесува своето професионално знаење и искуство, опкружена со млади креативни луѓе, идни ликовни/визуелни творци, дизајнери, наставници, студенти…

Запрашана колкав процент од нејзината заработка доаѓа од занимавањето со уметност, одговори дека целата заработка ѝ доаѓа од занимавање со уметност, директно или индиректно.

– Многу мал процент доаѓа од продажба и откуп на дела, тоа е навистина точно, за жал, но моето работно место како професорка на ФЛУ се должи на моите професионални резултати (изложби, студиски престои, награди…) и автентичност, а истото тоа се однесува за сите стручни активности на кои сум повикувана – вели уметницата.

За неа слободниот уметнички статус значи слобода во секој контекст.

– Тоа е најсреќната опција за секој сериозен автор. Но иако околу десетина години се обидував да опстојам како самостоен уметник, одамна сфатив дека за да бидам материјално независна, ќе мора да направам компромис. Да се заработува за живот само од ликовна/визуелна уметност е можно, но е многу тешко, секаде во светот, а особено кај нас, бидејќи животниот стандард е многу низок, а дополнително и поради непостоењето на критериуми на вреднување на вистинските вредности – нагласи Славица Јанешлиева-Бачварска.

Сликарот Страхил Петровски, советник-конзерватор во Националниот конзерваторски центар, говорејќи на истата тема, смета дека aпсолутно не може да се потпре само на продажбата на своите дела во галерии или на работа на проекти.

– Состојбата во културата на сите ни е многу добро позната (особено со платите на оние што работат во културните установи во кои спаѓам и јас), да не речам маргинализирана, па во тој контекст уметникот мора да бара алтернативни начини да заработува и да се бори. Од една страна, морам да напоменам дека, за среќа, имам постојана работа како советник-конзерватор, но, од друга страна, работата ми одзема особено многу време комплетно да се посветам на она што најмногу ме исполнува, а тоа е моето творештво, мојот свет – вели Петровски.

Тој не можеше прецизно да одговори колкав процент од неговата заработка отпаѓа на занимавањето со уметност, но напомена дека тоа не е ни одблизу доволно за да се преживее.

– Уметноста е скапа работа и мора многу да се вложува, но никогаш не можеме да бидеме сигурни дали и во колкава мера ќе ни се врати. Во светот постојат цели тимови од галеристи, куратори, менаџери, кои ги промовираат да не речам „продаваат“ уметницитe. За жал, кај нас, во оваа наша средина, не е така! Има автори, секако, што живеат од продажба на дела по галерии, нарачки итн., меѓутоа тоа е еден мал процент. Секоја чест на оние што успеваат во тоа – вели тој.

Петровски открива и дека досегашното искуство како сликар му говори дека најдоброто нешто за еден автор е континуирано да твори како фриленсер, меѓу другото да успее да заработува доволно и да живее од уметноста.

– Секако, тоа е најголема привилегија. Во денешни услови работите се поинакви и не би можел да кажам дека фриленсерството како статус може да се смета за најголем економски фактор. Единствен излез е уметникот да најде начин сам да се избори да контактира и да се поврзе со менаџери и галеристи од Запад и да го испромовира своето творештво. Во тој контекст би додал дека не секогаш продажбата на дела значи и дека си и квалитетен автор. На уметноста не мора само да гледаме од економски аспект (иако се работи за огромен бизнис) туку и да оставиме некаква трага зад нас, да оставиме историјата да ги испише страниците – истакна Петровски.

Керамичарот Филип Фидановски, професор во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“, вели дека доколку живееме во држава со високи културни вредности, би можело да се живее од продажба во галерии и од одредени проекти.

– Тоа не е случај во Македонија, бидејќи свеста и за уметност и познавањето на уметноста се на многу ниско ниво. Поради тоа македонскиот уметник примарно се занимава со друга работа од егзистенцијален аспект, па потоа со уметност. За жал, ние немаме ниту културолошко образование, ниту навика за да си купиме уметничко дело за нашиот дом, а да не размислуваме дека би купиле некакво уметничко дело за подарок на некој близок. Едноставно речено, нема култура и традиција за купување уметнички дела – истакна Фидановски.

Тој открива дека многу ретко и продава од своите дела, поради што смета дека не може да каже дека заработува од својата уметност.

– Заработувам плата и од неа живеам како секој просечен Македонец. Да си самостоен уметник во Македонија е права уметност, бидејќи нема да можеш крај со крај да фатиш, а камоли да заработиш доволно за да ги намириш основните потреби како човек – истакна керамичарот.

На продажба во галерии не може да се потпре ниту скулпторот Сашо Саздовски, бидејќи, како што вели, со години нема продадено ниту една скулптура.

– Кога станува збор за проектите што ги работам надвор од Македонија, тие се претежно покриени од организаторите, а хонорарите што ги добивам се доволни само за обнова на моите алати, набавка на материјали за работа или за финансирање следен проект. Кога станува збор за Македонија, многупати ни се случува заедно со мојата сопруга Пандора сами да ги дофинансираме проектите за кои аплицираме преку Министерството за култура. Последниот пример беше со изложбата во Музејот на градот Скопје и самостојната изложба што треба да се случи во Галеријата за современи уметности во „Дубаи дизајн дистрикт“ во ноември. Поддршка од матичната држава речиси и немаме. Со еден збор не може да се опстане со уметност и неопходно е паралелно да се занимаваш со друга работа, дури и повеќе од тоа, бидејќи мојата професорска плата не е доволна за покривање на месечните сметки, а да не зборувам за другите трошоци што ги имаме како четиричлено семејство – вели Саздовски.

Тој имал слободен уметнички статус десет години пред да се вработи како професор.

– Доколку се одлучите да работите комерцијална, применета уметност, тогаш може да се зборува за некаква заработка. Јас сум сериозен автор, не изработувам по нарачка и не прифаќам компромис кога станува збор за скулптурата, така што од лично искуство тврдам дека економска бенефиција од тоа да се биде слободен уметник во Македонија нема – вели скулпторот.