По повод Деветти мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, „Нова Македонија“ разговараше со македонски револуционери и првоборци во НОБ за прашања поврзани со значењето на Народноослободителната војна против фашистичките окупатори и споредбата на славниот период од минатото со актуелните случувања денес.
Деведесет и седумгодишниот доктор Никола Стојановски, кој е претседател на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија, но истовремено и долгогодишен медицински работник, за „Нова Македонија“ вели дека, како доктор и некогашен борец, има огромна разлика од времето кога македонскиот народ се бореше против окупацијата и од времето кога се справуваме со пандемија, но додава дека опасноста е голема и во двете времиња.

– Во периодот помеѓу 1941 и 1945 година, кога се боревме, тогаш беше исклучително тешко, јас и моите соборци трчавме во голем број операции, бевме затворани во затвори и војувавме да го избркаме окупаторот и да си ја ослободиме својата земја за сега да станеме држава. Кога некој зборува за тоа од точка на денешно време, просто и не се споредуваат тие времиња – раскажува Стојановски.
Македонскиот револуционер се потсетува дека кога конечно на 9 мај 1945 година ѝ се стави точка на војната, со голема помош на сојузниците САД, Русија и Британија, животот и натаму беше тежок за народот.
– Војната и нејзините ужаси продолжија и во наредните години. Имавме разрушена држава по окупацијата, имавме многу загинати и распарчени семејства, а имаше и многу инвалиди, како и разни болести предизвикани од сиромаштијата што ја зафатија земјата – вели Стојановски.

Според него, сепак, како што минувало времето, работите во македонската држава почнале да се подобруваат, а тоа важело и за животот во државата, која истовремено пополека почнала и да се гради и со текот на времето да заличува на она што го имаме ние денес.
– Не е лесно да се изгради држава. Таа се гради со години, исто како што се гради куќа. Тоа е голема тешка и мачна работа – вели Стојановски.
Како доктор и револуционер, денешните случувања со ковид-19 и оние за време на Втората светска војна вели дека не може да се споредат, но може да се каже дека денешните настани се исклучително здравствено опасни. Стојановски додава дека ги поддржува мерките на земјата за борбата со пандемијата, бидејќи тие се единствениот излез од настаните.

– Јас лично се надевам дека болеста ќе исчезне со времето, кога за неа ќе бидат најдени лек и вакцина. Дополнително се надевам дека за месец или два животот пополека ќе ни се нормализира во земјата и сѐ ќе си биде нормално – вели Стојановски.
Некогашниот новинар Петар Карајанов, кој е еден од членовите на организацијата, а сегашен член на републичкиот, но и на градскиот одбор на Здружението на борци од НОБ, во својот осврт на случувањата поврзани со Денот на победата на фашизмот вели дека станува збор за исклучително тешко време.
– Можам да кажам дека пандемијата на ковид-19, која го погоди целиот свет и му нанесе штета и закочување на развојот, истовремено нѐ погоди и нас во Македонија.

Пандемијата во земјава се одрази и на нашето здружение и држава, бидејќи со неа беа ограничени или забавени чествувањата на редица значајни општествени моменти, но и многу важни политички настани. Истовремено, долгата битка со вирусот го ограничи одбележувањето на низа значајни моменти, како јубилејот од антифашистичките демонстрации во НОБ од 1941 година, комеморацијата на смртта на Гоце Делчев и годишнината од починувањето на Јосип Броз-Тито. Очигледно е дека во овие околности не можевме да ги одбележиме нашите активности како во претходните години, но тоа, и покрај сѐ, го сторивме во ограничена форма, со положување венци во склоп на државните делегации – објаснува Карајанов.

Инаку, тој додава дека искрено се надева дека овие кризни времиња ќе завршат што побргу, а неговата надеж влече корени од времето на Втората светска војна, кога во неговата родна Гевгелија се живеело во многу тешки услови, со оптимизам дека германскиот окупаторот ќе биде избркан од Македонија.

[email protected]