Искуството што го стекнуваме низ работата е книга што не може да се купи ни во една книжарница, вели Кокошкарова

Андреј Јанков

Постојано ангажирана, неуморна, инвентивна, а пред сѐ секогаш расположена, освен знаење на децата да им даде и насмевка, да ги охрабри и да им помогне да зачекорат по вистинскиот животен пат, ете, таква е наставничката Јованка Кокошкарова од штипската деветолетка „Ванчо Прке“. Таа ја учи последната генерација деца во својот работен век, досега низ клупите со неа поминале десетици генерации ученици, почнувајќи од подрачното училиште во Балван, па до централното училиште во градот.
За својот ангажман во едукативниот процес таа е добитничка на голем број награди, меѓу кои е и признанието од општината Штип, кое го доби во 2017 година. „Кога ќе влезете во училницата мора да бидете креативни, да бидете посветени, да ве сакаат децата. Сегашните генерации се многу понапредни, па затоа наставникот секогаш треба да биде подготвен за нешто повеќе“, вели една од најомилените учителки во Штип.

Почитувана наставничке, што е тоа што ве прави да се чувствувате среќно и успешно во вашата работа?
– Како долгогодишен наставник научив да бидам посветена, одговорна, упорна и трпелива во работењето со децата. Се чувствувам исполнета, зашто знам дека истите позитивни вредности успешно ги пренесувам на сите генерации, а сето тоа ви се враќа преку задоволства и мигови што немаат цена. Се чувствувам задоволна кога завршува напорниот училиштен ден, а веќе започнувам да се подготвувам за следниот. Кога многу активности планирам и реализирам во соработка со родителите, институциите, установите… Кога одговорните луѓе на многу институции од градот ви ја препознаваат работата со децата и бараат да бидете вклучени преку разни воннаставни активности и проекти, вклучувајќи ги, секако, учениците. Ме прави среќна секоја нивна добиена диплома, на кое било поле. Го сакам секој ден кога имам да споделам со сите нив нивен успех. Ги сакам малите рачиња што не штедат аплаузи.

Според вас, што е она што е најважно за да се биде добар наставник?
– Како учител мора да поседувате општа култура, морални особини, љубов кон децата. Да ги почитувате личноста и интересот на детето, да ја познавате неговата природа, да го откриете неговиот афинитет и да го развивате, да го охрабрувате за да стекнува самодоверба, да умеете да ѝ пренесете вештини потребни за цел живот на младата личност.

Која е вашата движечка сила во животот?
– Живееме во време на брзи промени во секој сегмент од нашиот живот, па и во образованието. Секоја промена не ја доживувам како неизвесност или закана, туку како предизвик за нови можности да го надградувам своето знаење. Ентузијазмот никогаш досега не ме напуштил. Сакам несебично да го пренесувам моето знаење. Секоја нова генерација е приказна за себе. Најважно од сѐ, имам зачувано и здраво семејство, кое е мојата сила, енергија и поддршка да бидам поуспешна во работата.

Со своите ученици присуствувате на промоцијата на книгата „Татковината во детските срца“ во Штип, какви се вашите импресии?
– Среќна сум што не знам по кој пат со моите ученици учествувавме на такви настани. Но првпат, верувајте, како наставник, се подзамислив кога прочитав како авторката Марија Таушанска дошла до идеја да го започне овој проект. Ваков макотрпен труд е само голем потсетник за секој наставник дека доволно не дал сѐ од себе низ педагошкиот живот. Згора на тоа, познавајќи ги нашите наставни програми, има многу теми, помалку или повеќе апстрактни за децата, на кои можеме да се фокусираме и ние наставниците како истражувачи. Авторката зад себе ни оставила читанка во која ги вплела детското поимање и зрелата мисла на поетите на ист мотив. Сакам да го продлабочам моето размислување околу суштината и на целта на авторот преку книгата како моја сугестија. Единствена можност повеќе да се сака и да се пишува за татковината е таа да се запознава преку почести организирани заеднички патувања. Нејзините богатства, природни убавини, да се видат, доживеат… Сето тоа некогаш успешно функционираше преку колективните зимувања или летувања. Во последно време таа форма на дружење е реткост. Каде е проблемот? Да се запрашаме сите ние!

Љубовта кон децата нема граница. Како ја доживувате вие таа љубов?
– Патот до срцето на детето е краток, само ако умеете да ја најдете пократката патека. За тој пат мора да сте подготвени преку искуството, да учите од своите грешки и да се подготвувате постојано, како за секое ново патување. Мора себеси да се гледате како ученик заедно со другите деца, да звучите искрено, да бидете праведен, сигурен, зашто само така може да очекувате да ви се врати со иста мера.

Кажете ни неколку збора за професијата учител?
– Како што не се раѓаме како родители, така не се раѓаме и како наставници. Искуството што го стекнуваме низ работата е книга што не може да се купи ни во една книжарница. Нашата мисија била благородна, само тогаш ако нашите ученици станале успешни луѓе во животот. Учителот е жиг, пат по кој не се заскитува од неговите зборови, водилка што ве тера да погледнете високо, дека ѕвездите не се недостижни, да гледате далеку и да научите дека секоја нова пречка е предизвик за напредување.

Кое е вашето најголемо признание како просветен работник?
– Добив многу признанија, пофалници, благодарници, убаво напишани на хартија. Секако, важни и драги за мојата педагошка работа, рангирани по некакви заслуги. Умеам по малку и да пишувам, доволно за да го распламтам тоа и кај учениците, се разбира, посилно кај оние што поседуваат и афинитет за тоа. Дарба што ја развивала најважната личност во мојот живот – првата учителка. До крајот на моето работење се надевам дека ќе ги има уште, но најголемо признание – довербата на родителот, кој ви го дава најмилото, со секој почеток на новозапишаната генерација и уште посилно признание – почитта од секој мој ученик. А зад себе, ги имам доволно многу!