Северна не е исто што и скандинавска

Ова што сега го добивме, а што, се разбира, веќе денеска или утре, на самитот на шефовите на држави и влади на ЕУ во Брисел, би можело да биде потврдено или коригирано, е условен датум за почеток на преговори. Што никако не е причина за еуфорија. Голем дел од експертската и пошироката јавност, за разлика од еуфоричарите, длабоко е свесен за тежината на овие услови. Тие, како забелешки, константно беа повторувани во сите досегашни извештаи за напредокот на Македонија од страна на Европската комисија. Токму нив, добар дел граѓани ги носат како товар врз сопствениот грб во секојдневниот живот. Сегашната власт, како опозиција, ја темелеше својата предизборна кампања, и воопшто повеќегодишната кампања за соборување на претходната власт, на истите тие забелешки

„Големиот ден“ за албанскиот премиер Еди Рама и „одличната вест“ за неговиот македонски колега Зоран Заев не се случија завчера, кога Советот на министри на земјите-членки на Европската Унија на состанокот во Луксембург, за Македонија и за Албанија, препорача започнување на пристапните преговори во јуни 2019 година, туку би можеле да им се случат, како што веќе е посочено, дури за една година. Се разбира, доколку нивните или некои идни влади во двете држави ги исполнат прецизно наброените услови. Конкретно за Македонија, Советот нагласува дека постигнатиот напредок треба да вклучува и дополнително видливи и одржливи резултати, фокусирајќи се особено на: судски реформи и проактивни истраги, обвиненија и конечни пресуди во случаи на корупција и организиран криминал, вклучувајќи и на високо ниво, како и на реформи на разузнавачките и безбедносните служби и на јавната администрација. Така што јуни 2019 година е условен датум за почеток на преговори. Не и сигурен и дефинитивен и, што е најважно, многу тешко беше усогласен меѓу самите членки на Унијата, иако некои високи државни функционери и експерти, свесно или несвесно, се обидуваа во јавноста да создадат уверување оти веднаш по договорот со Грција ќе следува датум за почеток на преговори со ЕУ. Ова што сега го добивме, а што, се разбира, веќе денеска или утре, на самитот на шефовите на држави и влади на ЕУ во Брисел, би можело да биде потврдено или коригирано, е условен датум за почеток на преговори. Што никако не е причина за еуфорија. Особено кога ќе се погледнат условите што се поставени. А не треба да се заборават ниту деветте последователни препораки за отворање пристапни преговори. И тоа е она со што треба да бидеме начисто. Е сега, чуму овие сериозни забелешки што Советот ги преточи во услови за добивање датум за преговори?

Веднаш да разјасниме, тие се сосема издржани. Голем дел од експертската и пошироката јавност, за разлика од еуфоричарите, длабоко е свесен за тежината на овие услови. Тие, како забелешки, константно беа повторувани во сите досегашни извештаи за напредокот на Македонија од страна на Европската комисија. Токму нив, добар дел граѓани ги носат како товар врз сопствениот грб во секојдневниот живот. Сегашната власт, како опозиција, ја темелеше својата предизборна кампања, и воопшто повеќегодишната кампања за соборување на претходната власт, токму на овие забелешки. И каде сме сега, една година по смената на владејачката гарнитура? Приближно каде што бевме и тогаш. Со исклучок на неброените страници планови за владините реформски приоритети, на кои постојано им се додаваат нови рокови, ништо друго не е направено. Како реформскиот компас на Владата да е неисправен. Или како да не знае да се ориентира според него. Судството сѐ уште е далеку од реформирано, актуелните истраги и судски постапки бавно се одвиваат. Можеби посоодветен третман за судството би бил лекување одошто реформирање, зашто судиите постојано нешто боледуваат. Некакво подобрување и во разузнавачките и во безбедносните служби не е видливо, но тоа не треба премногу да загрижува, бидејќи, според редот на нештата, тие и не треба да бидат премногу видливи.

Но затоа состојбата во администрацијата боде очи толку што веќе не треба ниту да се експлицира. А токму администрацијата треба да ги спроведува реформите. Меѓу другото, да се реформира самата себеси што, во нејзината сегашна состојба, е невозможна мисија. Конечно, ако актуелната влада, по повеќегодишната драматична борба за преземање на власта и по повеќе од една година владеење, не успеала да оствари видлив напредок во овие области, како може да се очекува оти тоа ќе се случи во текот на наредната година? Дури и да ѝ поверуваме на Владата дека в година во овој период наведените услови ќе бидат исполнети, прашање е дали со тоа ќе се создаде преговарачки капацитет за започнување на преговорите. Неколку клучни министри во Владата неодамна признаа дека во моментов немаат кадровски потенцијал за започнување на преговорите. Како ќе се создаде тој за една година? Со нови партиски вработувања и со ангажирање „независни експерти“ и „граѓански активисти“ како владини советници? Не треба да се оди далеку, за да се види како се одвиваат таквите преговори. Еве го примерот на Србија, која ги започна преговорите на почетокот на 2014 година, а првите поглавја ги отвори во декември 2015 година. За потсетување е дека ни тогаш, исто како ни сега, не беше решен проблемот со Косово. Но и на техничкото ниво, многу малку досега е завршено. Иако неотворањето на поглавјата некои сакаат да го објаснат како своевиден притисок од Брисел за признавањето на Косово, српската експертска јавност речиси е согласна дека во земјата постојат големи проблеми, пред сѐ, во однос на владеењето на правото, но и на слободата на медиумите и на независноста на правосудството.

Јасно дека кога станува збор за овдешните држави, секогаш се присутни тешкопремостливите т.н. политички критериуми, поради кои и го имавме упростеното толкување на условите, што во јавноста создаде погрешен заклучок дека Македонија, во замена за договор со Грција, автоматски ќе добие членство во ЕУ, како и дека и самата ЕУ постојано има некаков проблем сама со себе. Но не треба да се заборави оти тоа, исто како и почнувањето на преговорите или отворањето поединечни преговарачки поглавја е само дел од процесот за пристапување во ЕУ. Суштината на пристапот кон ЕУ е внатрешната трансформација во добро организирана држава во која се почитуваат институциите и поделбата на власта во законодавна, извршна и судска и во која законите, претходно усогласени со правните стандарди на ЕУ, се почитуваат и применуваат, а напредокот се мери со степенот на подготвеност за преземање на обврските што произлегуваат од членството во Унијата. Во спротивно, сѐ се сведува на непродуктивно талкање помеѓу датумите и роковите. Поедноставено, тоа што на Македонија ќе ѝ се залепи придавката „северна“ не значи и дека таа автоматски ќе заличи на некоја од, на пример, добро уредените и економски напредни скандинавски држави. За тоа треба многу работа.