Не знам како ја доживуваш ти, драг читателу, кандидатурата за „нобел“ на нашиот премиер. Можеби не си бил подготвен за таква шокантна вест, која кај оние со послабо срце би предизвикала инфаркт. Можеби ти мина само со лесна вртоглавица и незначителни симптоми на психоза. Ако мене ме прашуваш, пак, јас лично неа ја дочекав студено, рационално како западен картезијанец. Оценив дека тука не треба да се има емотивен влог. Едноставно, и затоа што сум мошне добро упатен во фарисејството на стокхолмската Нобелова институција. Сепак тоа е вредна награда, без разлика на фактот што кога би се кренал од гроб нејзиниот фондатор Алфред Нобел, изумителот на динамитот, остро би протестирал против тоа фарисејство и сам би избрал етичко, а не хипокритско жири.
Но да не должиме. Нобеловата уште на самиот почеток, при првото нејзино доделување во 1905 година беше проследена, иако без позабележителен јавен шум, со скандал. Имено, главен кандидат за литература тогаш беше рускиот гениј Лав Николаевич Толстој. Арно ама, на изненадување на литературната европска и светска јавност наместо нему наградата му беше доделена на францускиот поет Сили Придом, кого и самите Французи денес го имаат заборавено. Парнасовец, извонреден стилист и интелектуалист какви што се тоа Расин и Валери во прв ред, но сепак не над стандардот. Просечен.
Знам, прашуваш, драг читателу, зошто извисил Толстој: Одговарам. Затоа што Нобеловиот комитет него го оценил како словенофислки анархист. Јас, пак, би рекол богомил, христијанин од гностички тип. Тоа е едната мана што му ја нашле. Другата е отворениот анимозитет на рускиот гениј кон Европа и нејзините лажни цивилизациски вредности, кон нејзината хипокритска етика и морал. (Можеш, ако не веруваш, овие факти да ги провериш во Нобеловата архива во Стокхолм.) За разлика од Тургенев, на пример, кој одлично се вклопил во западниот калап, го посетувал често Париз каде што за пријателка и љубовница ја имал и убавата француска балерина Полина Вијардо. За разлика од него Толстој ја чувствувал Европа како туѓо цивилизациско тело. И токму неговиот анимозитет кон неа, кој не го криел, бил пресуден тој да не го добие „нобел“. Ако, пак, сето тоа го посматраме од еден посебен феноменолошки аспект, ќе заклучиме дека зад потегот на Нобеловиот комитет се крие, обратнопропорционален од Толстоевиот, европскиот западен анимозитет кон Русија, кој е посебно во макартуровски стил присутен хистерично денес. На расен план тој анимозитет е воопшто нацелен и кон словенството, нешто на кое сега е жртва и Македонија, најмалата и најкревка држава во словенскиот свет.
Тоа е со почетокот на Нобеловата, која и понатаму има промашувања. Така пред две години таа му припадна, како да се скусиле поетите во светот, на еден поп-пејач, Американецот Боб Дилан, кој си ја стави неа в џеб без око да му трепне. Неговите текстови, рака на срце, сепак се повеќе песнички, отколку песни. Но сеедно. Постојат и такви што доделената награда ја чувствуваат како неудобност, како што се, на пример, тоа Сартр и Пастернак. Сартр ја одбива, Пастернак, кој ја добива неа за романот „Доктор Живаго“, одбива да оди во Стокхолм да ја прими, плашејќи се дека советската влада на враќање ќе му ја затвори границата за влез во татковината. Таа содржината на романот ја сметала за реакционерна по однос на идеолошкиот систем на советското општество.
Чисто се сомневам, пак, да се спуштиме на наш терен, дека доколку навистина Нобеловата му биде доделена на нашиот премиер тој ќе одбие како рускиот поет да појде во Стокхолм, без страв дека некој при враќање ќе му ја затвори границата за влез во Македонија. Иако ти, драг читателу, мислиш дека го заслужува тоа. Но, изгледа нема таков јунак. Сеедно. Туку, едно ме буни мене, што мајка бараше тука онаа миронобеловка Мароканка (ѝ го заборавив небулозното име) за таа лично да му даде Нобелова поддршка на нашиот премиер. Се прашувам во јанѕа што знае таа конкретно за Македонија и Македонците, за нивното историско мартирство и рани? Дали била на еден ручек или вечера кај нив да ги почувствува нивниот карактер, дух и душа? Потоа, што знае таа и за Балканот и за балканската историска ситуација вчера и денес? За односите меѓу Грција и Македонија? За егзодусот над егејските Македонци 1948 година, од страна на грчките монархофашисти потпомогнати од бомбардерите на Черчил? Итн. Знае ли таа мароканска каква-таква миротворка што ѝ се случува на Македонија денес и која е улогата на премиерот Заев, неговиот палеолитски министер Димитров (кој патем „Викиликс“ ни го откри како шпион на ЦИА) и целата негова влада сосе онаа петтоколонашка коалициска со помрачен ум парламентарна сурија? Знае ли таа дека со силеџиското преименување на Македонија и Македонците од Западот, а со помош на Атина, Тирана и Софија се врши геноцид над цел еден автентичен древен народ? Дали ѝ е јасен нејзе тој поим и чин: геноцид?
Идентитетски, се разбира. Дали прочитала некоја антрополошка студија или книга на таа тема. Посебно некоја каква што е, на пример, книгата „Антропологија на смртта“ од францускиот антрополог Луј Вансен Тома во која мошне акрибично се опишани сите идентитетски геноциди низ светот, на самопрогласената хуманистичка и демократска западна цивилизација? А? Кој ја пратил неа неканета во Македонија, и кој ѝ дал упатства и налог да ѝ даде Нобелова поддршка на кандидатурата на Зоран Заев, тој што по западна директива со совршена сатанска прецизност и со брзина на светлината го реализира планот за идентитетска смрт на сопствениот народ? Знае ли таа Мароканка дека Преспанскиот договор, кој таа, заедно со западните сатрапи, го боготвори не е воопшто миротворен и веќе има јасни знаци на неговата погубност по однос на мирот на Балканот? Оти тоа е факт, веќе потврден многупати во историјата. Но со идентитетската ликвидација на Македонците нема да ѝ се случува ништо добро ни на глупавата егоистична, ариевска и нацифашистичка Европа. Таа што не се опамети ни умно ни морално и по двете нејзини крвави светски војни.
Тоа. И знам, драг читателу, дека мароканската нобеловка (2015) што дојде кај нас за да го зацврсти митот (мојот пријател вели нацимитот) на Заев е телепортирана тука од моќниот катапулт на Западот. Најверојатно од катапултот на Пентагон, чии проекти на Тирана (Тиранската платформа, Софија (Договорот за добрососедство) и Атина (Преспанскиот договор) му го испорача како на доверливо лице на Заев да ги реализира со неговата влада за конечна идентитетска, а потоа веројатно и физичка смрт на Македонците.
Тоа е горчливата вистина, драг читателу. Без сомнение дека премиерот Заев, со брзина на зајак на четири нозе ќе истрча до Стокхолм да ја прими Нобеловата ако му биде доделена. Но, гледам, ти сè уште не веруваш дека ќе се случи тоа, а јас ти велам голема е веројатноста да се случи. Јас попрво би се зачудил ако не му ја доделат, оти шансите се огромни. Во заднината зад тоа стои една моќна западна масонерија, која решава сè во оваа валкана цивилизација, па и Нобеловата награда. И таа награда за нашиот премиер се вклопува во совршено монструозно замислениот план за ликвидација на Македонија и Македонците. Ништо друго. Тоа и толку. Оти, како што видовме со примерот Толстој, и Нобеловата уште од самиот почеток е исполитизирана и корумпирана. Инаку, ако не е така, веројатно, ќе беше ред пред Заев кај нас неа да ја добиеја барем двајца-тројца други. На пример: Блаже Конески, Ацо Шопов, Анте Поповски. Тоа е мојата предлог-листа. Но среќата наместо нив ја има детето Голомеше од Муртино. Роди ме мајко со касмет, фрли ме на ѓубриште. Така вели народот. И арно, касметот е кај Заев. Вистина. Ама што имал, ме прашуваш драг читателу, касмет македонскиот народ од неговиот касмет. Од тоа што се родил тој? Немам одговор тука. Одговори си сам.
Туку, што се однесува до Нобеловата за мир, за волја на вистината таа не секогаш им се доделува на миротворци. Нејеклатантен понов пример за тоа е бившиот американски претседател Барак Обама. Неговите бомбардери додека тој беше американски претседател буквално спепелија цели невини држави и народи. А нашиот премиер, дали на тој план му парира на Обама прашуваш, божем откровенски, драг читателу? Како да ти одговорам? Можеби со придавка во стилот на премиерот. Така како што стави тој придавка пред именката Македонија (северна), така ние ќе ставиме придавка пред именката убиец (идентитетски). Идентитетски убиец на сопствениот народ. Токму тоа, според сите антрополошки белези и критериуми за таа квалификација. Реализацијата на Преспанскиот смртоносен по Македонците договор е тоа. Тука се придружни, за да биде злосторството комплетно и, рековме, уште Тиранската платформа и Договорот за добрососедство со Бугарија. Совршен триптихон за новото македонско историско распетие. Не го спомнавме во тој злосторнички пакет и идиотски и монструозно замислениот попис, и пак за да му се избрише секоја видлива трага на големиот малер за Европа и околните балкански сатрапи. Малерот со име Македонци.
Толку за денес драг читателу, ако успеав нешто да ти кажам и објаснам во врска со Нобеловата, нашиот премиерски кандидат за неа, и за мотивите токму нему да му се додели таа како прв Македонец што е почестен евентуално да ја понесе на плеќи неа, иако му е како што знаеме одамна свиткан и скршен ’рбетот. Рековме дека и таа кандидатура се вклопува во планот не само да се озакони на високо ниво идентитетската ликвидација на Македонците, туку со неа и да се маскира злосторството, колку што е возможно, со неговиот главен реализатор. Но да не се повторуваме. Сме преживеале многу историски катастрофи, ќе ја преживееме и оваа. Сакам да те охрабрам да не бидеш малодушен, туку храбар, драг читателу, оти борбата што почнува од овој миг ќе биде долга и исцрпувачка за земање воздух и повторно враќање од смрт во живот.
До следната наша средба биди поздравен.