Не верувајте им на Данајците…

Денес Македонија ги доживува најтешките моменти од својата историја. Државниот и националниот идентитет се загрозени како никогаш досега, притоа, како однадвор така и однатре. Во прашање е македонската држава, која поради својата исклучиво важна геостратегиска положба на Балканот им пречи на сите соседи, а и сите сакаат да ја поседуваат, но без Македонците.

Во вечната борба на Македонците за заштита и утврдување на својата нација најмногу заедничко имаме со Евреите, како два најпрогонувани, најпонижувани и физички истребувани народа во светот. Голготата е нешто што нѐ обединува нас Македонците со Евреите, меѓутоа, во сè друго ние суштински се разликуваме од нив. Евреите имаат сосема друг менталитет и поинакви сфаќања на животот. Тие, за разлика од нас, поседуваат неверојатно висока национална свест, сплотеност и солидарност низ целиот свет, што придонесе не само да ја преживеат голготата и да опстанат како народ, туку и да создадат сопствена држава, денес една од најбогатите држави во светот. Кај нас Македонците, за разлика од Евреите, не постои општонационално македонско единство. Ние не само што себеси не можеме да се сочуваме како народ, туку и државата што ја добивме во наследство од нашите предци готови сме да ја продадеме во интерес на странски држави и на поединечни наши политичари. Тоа придонесе нашите соседи да нѐ распарчат и поделат меѓу себе за да нѐ уништат како посебен народ.

Најригорозни и најжестоки мерки против Македонците се преземаа и сè уште се преземаат од страна на грчките власти. Грчката омраза кон македонскиот народ почна уште од моментот кога Античките Македонци на Филип Втори Македонски ги покорија, а со тоа и ги понижија „гордите“ Грци, поради што Македонците повеќе од еден милениум за нив важеле за најомразени поробувачи и непријатели. Така било сè до 1831 година кога Грците, ослободувајќи се од турско-отоманското владеење, првпат во својата историја прогласија независна држава-кралство. Благодарејќи на својата посебна геотратегиска положба во Медитеранот, Грција претставувала посебен интерес за развиените западноевропски држави, кои ѝ помогнаа истата таа економски да се развие, но и да ја збогати својата историја. За таа цел омразените дотогаш Антички Македонци биле прекрстени во Грци, а сите историски, воени, културни и други вредности од периодот на Античка Македонија и на Византија автоматски станаа грчка сопственост, со што Грција се прогласи за лулка на светската цивилизација.
По присвојувањето на над 50 проценти од вкупната територија на етничка Македонија по Балканските војни, грчките власти поведоа отворена антимакедонска политика за по секоја цена да ги протераат или физички да ги истребат Македонците од тој дел на Македонија. Голем број од Македонците беа принудени „доброволно“ да се иселуваат од своите родни огништа, а тие што се дрзнаа да останат беа погрчени, забранувајќи им ги мајчиниот македонски јазик, историјата, културата и сè што е македонско.

Сите натамошни емиграции на македонското население во Грција што следувале за време и по Балканските, двете светски војни и особено за време на Граѓанската војна во Грција, беа во прилог на етничкото чистење на егејскиот дел на Македонија. Принудената емиграција на Македонците во врска со Граѓанската војна беше една од најмасовните политички емиграции во Европа по Втората светска војна. Тогаш своите родни огништа ги напуштија над 100 илјади Македонци, од кои над 20 илјади деца. По неколкудеценискиот емигрантски живот во источноевропските земји, грчките власти во 1980-тите години донесоа закон за слободна репатријација на политичките емигранти, но само на Грците по род, без да објаснат кои се тие што не се Грци по род и зошто не може да се вратат во своите родни огништа. Денес грчките власти сметаат дека проблемот со етничките Македонци во Грција е решен засекогаш.

Додека Македонија беше една од југословенските републики, Грците го признаваа нејзиното име, но не и македонската нација. Македонците ги идентификуваа како Југословени или како Срби. Прогласувањето слободна и суверена држава Република Македонија по распадот на СФРЈ за грчките националистички кругови претставува мошне непријатен случај, што беше причина грчките власти да го измислат проблемот со името на нашата суверена држава. Создадениот проблем околу името е само параван, во прашање е постоењето на македонската држава како меѓународен субјект и на македонската нација. Името Македонија не е ново за да може некому да му се допаѓа или не и да бара негова промена. Тоа име е земено од Библијата, прифатено е од Античките Македонци пред илјадници години и пренесено е низ милениуми и столетија до наши дни без никакви промени. Токму Грците се тие што треба да го променат името на нивната провинција Македонија, која по нејзиното окупирање во 1913 година ја нарекоа Северна Грција, а во 1988 година ѝ го вратија нејзиното изворно име Македонија. Како што е познато, во светот постојат неколку случаи кога едно исто име користат суверени држави и провинции во соседните држави, како на пример, државата Монголија и провинцијата Внатрешна Монголија во Кина; државата Молдова и провинцијата Молдова во Романија; државата Луксембург и провинцијата Луксембург во Белгија; државата Ирска и провинцијата Северна Ирска во Обединетото Кралство итн., а кои никогаш немале и немаат проблеми околу нивните имиња.

Грција исто така нема проблем со името Република Македонија, туку со македонската нација. Ако една нација остане без сопствена држава таа порано или подоцна може истата таа да ја возобнови, но ако нацијата исчезне неа никаква држава не може да ја возобнови. Конкретен пример за тоа се Евреите, кои успеаја да опстанат како нација и да основаат своја држава Израел. Ако Евреите беа истребувани во холокаустот од страна на фашистите во Втората светска војна, Македонците денес се новите Евреи што се истребуваат со помош на западната демократија (читај: нацифашизам) на чело со нашите „пријатели“ САД и ЕУ. За таа цел се ангажирани надворешни и внатрешни егзекутори. Тоа се Данајците со своите дарови што скоро ќе ни ги врачи грчкиот министер Коѕијас и тиранската платформа за која Еди Рама лично изјавил: „Останувам на ставот дека јас и мојата партија го официјализиравме албанскиот јазик во Македонија“. Диктатот на грчките власти и самоволието на албанските националисти и екстремисти се случуваат пред очите и со поддршка на нашите западни „пријатели“, а што е најтрагично со директна помош на устоличената македонска марионетска и предавничка влада, која сега мора да им се додворува на своите надворешни и внатрешни фактори што ја донесоа на власт. Што може да се очекува од аболиран лидер на партија со богато криминално досие, готов да ги продаде сопствената држава и своето човечко достоинство само да се догребе до власт, како и од министер за надворешни работи, типичен кариерист, кој, како и Амди Бајрам, секогаш е готов да ѝ слугува на владејачката партија, која и да е. Или што може да се очекува од незаконски назначени спикер на македонското собрание, човек со дебело досие на терорист од 2001 година.

Наместо Македонија како засегната страна да реагира на непристојниот ултиматум од страна на Грција и да достави барање до ООН за признавање на нашето уставно име, ние дозволуваме Грците да ни диктираат свои услови и да ни поставуваат ултиматуми, што во крајна линија се сведува на уништување на македонската нација, а што подразбира распаѓање на нашата суверена држава. Зачленувањето на Македонија во НАТО и ЕУ при такви услови е надвор од секаков здрав разум. Тоа го сакаат Албанците во Македонија, и се знае зошто. Од кого НАТО би ја бранел Македонија, кога нејзе никој не ѝ се заканува. Од самиот себе?

Кај македонската јавност посебно внимание привлече едно од прашањата од последната анкета, кое гласеше: „Кои држави се најнепосакувани за граѓаните на Македонија“, на кое одговорот беше: „САД и Русија“. Зошто САД? Па веројатно затоа што луѓето веќе ги препознаа и лицето и опачината на нивното „искрено пријателство“ кон Македонија за овие години. Македонците не се на толку ниско ментално ниво за да не можат да ја сфатат суштината на американската „демократија“ што им се наметнува на послабите држави, во коишто се спроведуваат крвави „Мајдани“ и на варварски средновековен начин се линчуваат (бесат и каменуваат) претседатели на држави. Токму таква беше целта и на „шарената“ револуција во Македонија организирана и помогната токму од странски фактори и само благодарејќи на присебноста на движењето „За заедничка Македонија“ не се дојде до крвопролевање меѓу спротивставените страни. А зошто Русија е непосакувана држава? Па затоа што за нејзината внатрешна и надворешна политика македонската јавност се информира исклучиво низ призма на западната антируска пропаганда во услови на новата студена војна, а која македонските медиуми ја пласираат како единствено правилна политика, слепо додворувајќи им се на нашите „пријатели“.

Во овој најтежок и опасен момент за Македонија македонскиот народ е оставен самиот на себе, како сирак без каква било внатрешна и надворешна заштита и поддршка, а тоа ни се случува затоа што ние секогаш се определуваме за погрешен пријател и покровител. Во последно време радува фактот што граѓаните на Македонија и Македонците од целиот свет се освестија, се обединија и сплотија во едно национално ткиво и заеднички настапуваат во одбрана на својата држава и нација. Крајно време е да се реагира и да се крикне на цел глас: стоп на геноцидот врз Македонците од страна на нашите внатрешни и надворешни непријатели, стоп на самоволието и ароганција на самобендисаните албански политичари и на процесот на албанизација на македонскиот простор, итно спроведување попис на населението, основање македонска национална политичка партија како трета опција и спроведување предвремени парламентарни избори, прекин на какви било разговори и преговори околу името на нашата држава, ОТКАЖУВАЊЕ СЕКАКОВ ПРИЕМ на шефот на грчката дипломатија и НЕПРИФАЌАЊЕ на неговиот нацрт-договор (читај, „данајски дарови“ како опасни и злонамерни дарови од непријателски раце). Да се потсетиме на изреката „плаши се од Данајците и кога дарови носат“ и да не заборавиме дека Грците никогаш, никому и никакви отстапки на правеле.

(Вангел Качев, етнолог во пензија)