Повод: Колумната на проф. д-р Н. Проева, под насловот,,Името Македонија од античко време до денес“
Г-ѓа Проева долго ја немаше во печатените медиуми. Се јави во чувствителен момент, кога Македонија грчевито се обидува да ги одбрани своето име, идентитет и јазик. Ја знам како голем познавач на антиката, но и како голем хеленофил. Кога го прочитав насловот, помислив дека ќе наидам на текст соодветен на политичкиот момент во полза на македонската кауза.
Се излажав. Си останала доследна.
Во име на вистината ќе го изнесам мојот политички став кон некои тези што се далеку од вистината.
Својата колумна ја посветува на името Македонија од антиката до денес, но на оваа тема се осврнува само попатно, а најголемиот дел го посветува на промоција на хеленизмот и хеленската цивилизација и култура. Очигледно во духот на хеленофилството наследено од нејзината професорка Фанија Папазоглу, авторката на книгата „Историја на хеленистичкиот период“, во која Македонија е наречена „најзаостанатата грчка област“.
Воведот за оваа книга го напиша Н. Проева, во која децидно напиша дека поимот „македонизам“ е апсолутно неприфатлив за неа.
Понатаму таа вели: „Од IV век пр. н.е Македонците понекогаш се вбројувале во истата група со старогрчките (хеленските) племиња, но тоа е со културолошко значење“.
Веднаш ќе кажам, во најмала рака, контрадикторно. Од една страна сме биле во иста група со старогрчките племиња, а од друга страна за нив сме биле варвари и од нив сме примиле култура. Како доказ го цитира Исократ, кој всушност пишува општо за хелените и хеленската култура, а во цитатот воопшто не се спомнати Македонците. Ова е обичен политички памфлет запишан во политичките истории од новокомпонираните историчари од 19 и 20 век. Ниту еден антички автор не ги вбројува Македонците во групата на „старогрчките“ (хеленски) племиња. Ако има некој таков автор, Проева треба да го посочи а не да пренесува политички и историски памфлети од нејзината професорка Ф. Папазоклу и германско-нордиската школа, на чело со Ј.Г. Дројзен.
Напротив, многубројни се античките автори, како Херодот, Плутарх, Демостен, Јосиф Флавиј, Аријан, Дидор и многу други, што прават јасна разлика помеѓу Македонците и Хелените. За волја на вистината, мора да се каже дека Македонците и Хелените се два сосема различни народа, со различен јазик, култура, цивилизација, етногенеза и антропологија.
Хелените се Данајци и Египќани доселени од Египет, под водство на Данај и Египт, нивното доселување го опишал Есхил во трагедијата „Прибегарки“, во која ги опишува како луѓе со бела облека и црн тен, а по нив оди војска црномурна.
Од друга страна, Македонците се староседелци од големиот род на Пелазите (Пеластите, Беластите). Ова го забележале голем број антички автори, а најдециден е Јустин во неговата книга „Филиповата историја“, книга 7 т.1.
Понатаму г-ѓа Проева вели: „Службен јазик во империјата од времето на Александар Македонски бил ’грчкиот јазик’ – коине.
Како доказ ја цитира изјавата на Филота (македонски генерал кому му се суди за велепредавство), кој на судењето наводно изјавил дека „ќе зборува на старогрчки за да го разберат и оние што не се Македонци“. Види чудо, како Македонците да го разбирале, а само 5-6 реда подолу вели дека им требал преведувач за да го разберат грчкиот.
Ваквата наводна изјава на Филота е обична манипулација на новокомпонираните историчари хеленофили, од кои Проева најверојатно го презела. Затоа ѝ препорачувам да го прочита Квинт Куртиј Руф. Имено, судењето на Филота е опишано во книгата на овој автор „Историја на Александар Македонски“, во превод на проф. Љубенка Басотова, во 1998 год.
Еве како точно изјавил Филота. На стр. 272 читаме: „Александар прашува: Сега тебе ќе ти судат Македонците, те прашувам дали ќе им се обратиш на мајчиниот јазик? Филота рекол: Освен Македонци овде има многу присутни, за кои сметам дека полесно ќе го разберат она што ќе го кажам ако зборувам со истиот јазик со кој се служиш и ти…“. Гледаме нигде не се спомнува „грчки“ (хеленски) јазик.
Понатаму, на стр. 272, Филота продолжува: „Мене ми се префрла дека одбивам да зборувам на мајчиниот јазик, дека сум се грозел од обичаите на Македонците… уште порано, оној родниот јазик беше напуштен во општењето со другите народи, па така и победниците и победените треба да учат еден туѓ, странски јазик“.
Јавно ја прашувам г-ѓа Проева како може јазикот коине да е грчки ако морале да го учат и Македонците (како победници) и Грците (како победени), кога и за едните и за другите бил „еден туѓ странски јазик“?
Очигледно јазикот коине е нешто трето! Токму така, тој е општ јазик, првиот есперанто, мешавина од повеќе јазици, кој го зборувале трговците по Медитеранот уште од поодамна, а Александар го вовел како службен за никој во империјата да не се почувствува потчинето. Секој дома си го зборувал мајчиниот јазик, а во администрацијата бил воведен општиот јазик коине. Токму тоа е концептот на државното уредување во универзалната држава на Александар, во која сите народи, јазици и религии беа рамноправни. Воведувањето на грчкиот јазик како службен би било во спротивност со овој концепт, што Александар не би го дозволил по ниедна цена.
Ако се знае сето ова, јасно е зошто на каменот на Розета (но и на стотина други) во Египет во времето на Птоломеите има три јазика и три писма, за кои славниот Шамполион вели дека првиот е египетски, вториот старомакедонски, а третиот новомакедонски – коине.
Овде г-ѓа Проева треба да одговори на уште едно прашање.
Имено, со промоција на коине како „грчко“ писмо, всушност таа промовира втор „грчки“ јазик во антиката покрај класичниот „грчки“.
Треба да одговори кој од нив им бил мајчин јазик и дали може еден народ да има два јазика, имајќи предвид дека јазикот е основно обележје на еден народ. Но тоа не е сѐ… Хомер (Омир) не пишувал ниту на класичен, ниту на коине „грчки“, туку на некој трет јазик. Но бидејќи мора сѐ да биде ,,грчко“, го прогласија Омиров „грчки“. Кој е пак сега овој „грчки“ јазик. Диодор од Сицилија запишал дека Пронапид, учителот на Омир, пишувал со првите врежани знаци на Пелазгите и јазикот пелазгиски – староседелците на овие простори. Тоа е големиот род на кој му припаѓале и Македонците. Ако учителот на Омер пишувал на пелазгиски, што мислите на кој јазик учел и пишувал Омир.
Ниту ова не е сѐ околу „грчкиот“ јазик. Постојат уште и демотики „грчки“, катеверуса „грчки“, а од 20 век и реформиран коине новогрчки. Кои се, пак, овие „грчки“ јазици? Нели смрди нешто во науката околу „грчкиот“ јазик во антиката?
Мене ова не ми личи на наука. Затоа, наместо слепо промовирање на хеленизмот, ова треба да се разјасни за нештата да станат појасни.
На крајот го промовира хеленизмот, односно хеленистичката култура – мешавина од источната, македонската и хеленската. Ова го прави, како што вели, „за да се разграничи новата оригинална култура наречена хеленистичка“ (заради јазикот на кој ја ширел Александар) од класичната хеленска култура. Ова не е ништо друго туку обичен историско-политички памфлет, кој по нарачка го лансира Ј.Г. Дројзен, советникот на баварскиот принц Ото, првиот крал на Грција, а нашата сервилна наука, за жал, го прифаќа.
За да се нарече еден период хеленистички, мора во него да има барем нешто хеленско. Затоа прашувам што има хеленско во хеленистичкиот период. Проева треба да одговори. Сама нека одбере 20 најголеми култури и цивилизациски дострели во антиката и нека цитира барем еден антички автор што тоа им го препишувал на Хелените, а не да цитира новокомпонирани историчари од типот на Дројзен. Античките автори цивилизациските дострели им ги препишуваат на други народи, а најчесто на „варварите“ од север.
Љубе Христовски (Дардан Венетски)