Режирањето воопшто не е лесна работа. Од вас се бара да ги контролирате сите важни аспекти на филмот, без разлика дали се технички или драматични по природа, за да ја спроведете вашата визија во акција во договореното време и да не потрошите ни денар повеќе пари од буџетот обезбеден од продуцентите.
Токму поради тешкотијата на оваа работа, има малку режисери што успеале да ја покажат својата брилијантност во својот дебитантски филм. Следните пет холивудски режисери дефинитивно припаѓаат во оваа група, а повеќе за нив и нивното филмско деби можете да прочитате во следните редови…

Џон Хјустон – „Малтешкиот сокол“ (1941)

Според многумина, филмот „Малтешкиот сокол“ (1941) е првиот холивудски ноар, во кој се среќавате со ликовите на циничен детектив и фатална жена. Филмот го направи актерот Хамфри Богарт ѕвезда, а Џон Хјустон обезбеди репутација на сигурен холивудски режисер. „Малтешкиот сокол“ е адаптација на истоимениот роман на Дашиел Хамет за детективот Сем Спејд, кого мистериозна дама го ангажира да ја најде нејзината исчезната сестра. Меѓутоа, неговата истрага за овој навидум типичен случај ќе го доведе до блиски средби со некои сомнителни лица, кои се обидуваат да ја најдат многу вредната статуа на сокол.

Орсон Велс – „Граѓанинот Кејн“ (1941)

Кога дојде време да го сними својот прв филм „Граѓанинот Кејн“ во 1941 година, 25-годишниот Орсон Велс доби невидена уметничка слобода во услови на многу ригиден систем на работа на холивудските студија. Тоа му овозможи да го сними еден од најхрабрите филмови досега, кој беше оригинален практично во секој сегмент. Сценариото на Велс и на Манкиевич за медиумскиот магнат Чарлс Фостер Кејн, во кое приказната се одвива преку ретроспективи на разни ликови, денес се смета за ремек-дело. Критичарите ја наведуваат експресионистичката фотографија на Грег Толанд како еднакво важна за успехот на филмот, како и режисерскиот придонес на Велс, и не смееме да го заборавиме фактот дека „Граѓанинот Кејн“ беше првиот филм за кој славниот Бернард Херман компонираше музика.

Сидни Лумет – „Дванаесет лути мажи“ (1957)

Сидни Лумет сними многу легендарни филмови во својата кариера долга половина век. „Серпико“ (1973), „Кучешко попладне“ (1975), „Мрежа“ (1976) и „Пресуда“ (1982), се само некои од насловите со кои е запознаен секој вистински љубител на седмата уметност. Како и да е, режисерското деби на Лумет, „Дванаесет лути луѓе“ (1957), сѐ уште се смета за негов најуспешен филм. Во фокусот на ова достигнување, кое на многу начини наликува на театарска претстава, се дванаесет поротници што имаат задача да донесат одлука за вината на сиромашниот 18-годишен млад човек, обвинет дека го избодел до смрт својот татко. Главниот лик на овој филм го игра Хенри Фонда.

Кевин Костнер – „Танц со волците“ (1990)

Откако глумеше во „Недопирливите“ (1987) и „Поле на соништата“ (1989), Кевин Костнер беше на врвот на својата слава. Охрабрен од својот професионален успех во доцните 80-ти години од минатиот век, тој одлучи да направи продуцентска куќа заедно со Џим Вилсон. Првиот филм што го произведе неговата компанија беше тричасовниот епски вестерн „Танц со волците“ (1990). Тоа беше режисерско деби на Кевин Костнер, а тој ја имаше и главната улога во филмот. Со буџет од 22 милиони долари, филмот заработи дури 424 милиони долари од продажба на билети во кината. Заврши на годишните листи за најдобри филмови од 1990 година, а на Костнер му донесе „оскар“ за најдобар филм и „оскар“ за режија.

Квентин Тарантино – „Касапски кучиња“ (1992)

Дебитантскиот филм на Квентин Тарантино „Касапски кучиња“ (1991) ги покажува последиците од еден грабеж што тргнува наопаку. Главните улоги ги толкуваат Харви Кајтел, Тим Рот, Мајкл Медсен и Стив Бушеми, актери со кои Тарантино ќе продолжи да соработува и на следните негови проекти. „Касапски кучиња“ е снимен благодарение на Кајтел, кој во тоа време беше единственото големо актерско име од овој тим. Иако чинеше само 1,3 милион долари и беше режиран од дебитант, филмот изгледаше како дело на холивудски ветеран што многу добро знае што прави. Оваа крими-драма доби многу обожаватели поради возбудливата приказна, незаборавните дијалози, оригиналната нелинеарна нарација и вештиот спој на музика и филмско насилство.