Целокупната домашна стручна, научна, правна и академска јавност во изминатиот период безброј пати укажуваше дека најсилното оружје до кое треба да се држи Македонија во разговорите со Грција е примена и почитување на меѓународното право и, се разбира, отфрлање со индигнација на грчките уцени и апсурдни барања

Во пресрет на утрешната нова средба помеѓу премиерот на Македонија Зоран Заев и на Грција Алексис Ципрас во Софија на самитот за Западен Балкан до домашната јавноста пристигнуваат загрижувачки најави за можен непосакуван исход на разговорите, евентуално прифаќање на грчките барања и уцени и можни нови отстапки од наша страна.

Според изјавите од грчката страна, но и од тамошните натписи во медиумите, се чини дека грчката страна е забетонирана во своите ултимативни позиции за уставни промени на кои постојано инсистира Атина. Исто така Грција бара новото име да важи за секаква употреба (надворешна и внатрешна) односно ерга омнес.
Од друга страна, пак, целокупната домашна стручна, научна, правна и академска јавност во изминатиот период безброј пати укажуваше дека најсилното оружје до кое треба да се држи Македонија во разговорите со Грција е примена и почитување на меѓународното право и се разбира отфрлање со индигнација на грчките уцени и апсурдни барања.

Со тоа експертите, професорите, академиците прават обид долгогодишниот спор да го извлечат од канџите на политиката и да се постави на друг колосек, каде што аргументите ќе се црпат пред сѐ од науката и од меѓународното право, кои несомнено се на наша страна.
Токму изминатиот период имаше многу вакви иницијативи, натписи и отворени писма во насока на заштита на македонските национални интереси низ призмата на науката и правото.
Пред утрешната, за многумина клучна, средба помеѓу премиерите на двете земји „Нова Македонија“ посетува на суштинските пораки што ги дадоа правните, уставните и меѓународните стручни соговорници за проблемот што Грција го има со нашето уставно име.

За професорката по Уставно право Гордана Силјановска-Давкова, апсурдните барања на грчката страна за отворање и менување на Уставот на Република Македонија, со толкување дека правниот термин „ерга омнес“ (за севкупна употреба) означува дека евентуално ново договорено име за државата би требало да се применува и за внатрешна употреба, таквиот „непристоен предлог“, кој Грција го наметнува како услов за добивање датум за почеток на преговорите е надвор од здравиот разум.

– Грчката страна во преговорите за името се обидува да ни каже дека не сме разбрале што значи ерга омнес, односно дека севкупната употреба подразбира и внатрешна употреба во земјата. Но во меѓународното право е јасно дефинирано дека терминот ерга омнес означува употреба кон сите држави во меѓународните односи, а не и за внатрешна употреба. Бидејќи Привремената спогодба меѓу Македонија и Грција е интер партес, односно меѓународен договор меѓу две страни (како што и се именуваат двете страни во спогодбата – прва и втора страна), таквите меѓусебни договори не создаваат обврска за трета страна. Односно, во таков случај на меѓусебен интер партес договор не можете да принудите трета држава што ве признала со историското и уставно име на државата да го прифати и новото, евентуално договорено име. Како конкретен пример, Македонија не би можела да ја принуди Турција да ја именува со новото договорено име. Конечно, и етички е спорно како држава да барате да ве признаат под ново име други држави што веќе ве признале со историското и уставното име – објаснува професорката Силјановска-Давкова.

Остри реакции во однос на грчките уцени упати и Македонската академија на науката и уметностите.
– Ерга омнес, односно име за севкупна употреба, никако не смее да се прифати, бидејќи тоа значи менување на Уставот. Тоа носи обезличување на Македонците. Иредентизмот не може да биде оправдување за менување на Уставот. Нашата влада ќе мора да се избори решението да не биде за севкупна употреба, ако сака тоа да биде достоинствено решение. Менување на Уставот и име за севкупна употреба ќе биде опасна ситуација – нагласува претседателот на МАНУ, Таки Фити.
И поранешниот амбасадор и дипломат Ристо Никовски смета дека грчките предлози и уцени ќе нѐ доведат во крајно неповолна инфериорна позиција во спорот и ќе биде многу тешко да се излезе од ќор-сокакот.

Жестоки реакции во домашната јавност има и во однос на тврдењата за одложена примена на евентуалното договорено ново име, односно ерга омнес да важи на рати. Според експертите, ваквите предлози треба веднаш да се отфрлат со индигнација како апсурдни и неприфатливи исто како и грчкото инсистирање на ерга омнес.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски смета дека временската рамка што ја бара грчката страна како време во кое ние би сме го имплементирале ерга омнес барањето, би можела да биде алатка за Грција трајно да си ги оствари своите барања.
– Морам да истакнам дека во оваа ситуација, можно е како во народната поговорка, и морковот и стапот да се во рацете на Грција. Тоа би значело дека тие со оваа клаузула или временска рамка би можеле трајно да си ги остварат своите барања – вели Давитковски.

Во сличен контекст размислува и професорката по Уставно право и политички систем Тања Каракамишева. Според неа, самите преговори за промена на нашето име, идентитет, јазик и сѐ што следува се прв и веројатно последен преседан што е виден во меѓународното право и во меѓународната практика.
– Се заборава или не, не ми е познато, дека за државно име дали да биде вакво или онакво власта на државата, во согласност со Уставот, и во согласност со меѓународното право не може да преговара, бидејќи прашањето е од таква природа што не може да биде предмет на договор – објаснува професорката. Таа истакнува дека за државно име во меѓународното право одлучуваат единствено граѓаните/државјаните на државата, а не други држави или ООН.

– Исто така, за уставноправниот идентитет на државата можат да одлучуваат само граѓаните на РМ, бидејќи истиот тој не е предмет, ниту може да биде предмет на меѓународна или на билатерална одлука. Меѓународните договори во согласност со меѓународното договорно право не можат да создаваат ниту да оправдаат активирање надворешни механизми за вмешување во прашања што имаат домашен, внатрешен карактер, а уште помалку може да се бара со меѓународен договор да се менува Уставот на РМ, бидејќи највисокиот правен акт на државата е по дефиниција прашање што потпаѓа под строга внатрешна јурисдикција на државата, дури и во согласност со Повелбата на ООН. Невозможно е ова што го бара Грција да се реализира ако строго го следиме меѓународното право – објаснува Каракамишева.
И докторот по меѓународно право Марјан Попески во своите анализи и текстови за Нова Македонија има истакнато дека правната норма јус когенс и правото на самоопределување се непикосновени во меѓународниот правен поредок и мора да се почитуваат од сите.
Професорот Љубомир Цуцуловски смета дека под такви услови ни еден нормален човек и ни една нормална држава не би требало да прифати каков било разговор бидејќи од македонска страна ниту беше поставено некое барање кон Република Грција ниту од неа нешто се бараше, и ако е тоа воопшто проблем, а не е проблем, но стана потоа проблем, можеше да се реши на многу едноставен начин, Грците или која било земја да ни се обраќаат онака како што сакаат, самите како што одлучиле, а ние да си останеме она што сме.

– Јас лично без разлика на констелациите условно кажано, лично сум против каква било промена на името на Република Македонија. Тоа го има верифицирано уште 1992 година и објавено во книга бидејќи Република Македонија верувам и нејзините граѓани немаат никаков проблем за името. Проблем има Грција, меѓутоа, на Грција никој не ѝ брани да ни се обраќа онака како што самата сака да ни се обраќа, оттука јас не гледам зошто воопшто беа потребни тие преговори, привремени договори, резолуции, итн., мене ми се чини дека станува збор за еден наметнат проблем што ние многу лесно го прифативме макар што некому ќе му звучи преостра мојата оцена е силеџиски и натрапнички – вели Цуцуловски.