Македонија не е некоја голема индустриска земја, па да произведува огромни количества стакленички гасови, но, од друга страна, толку е „голема“ што последните години повеќе нејзини градови се наоѓаат на првите места во светот на листите на градови со најзагаден воздух. Скопје, Велес, Битола, Тетово, Прилеп се светски лидери според загадениот воздух во зимскиот период, а колку е тој загаден говори и фактот што во периодите на енормно загадување, по некоја случајност, откажуваат и мерните инструменти
Светот веќе неколку дена ги собира впечатоците од излагањето на младата, 16-годишна Швеѓанка Грета Тунберг, која на почетокот на неделата во обраќањето за климатските промени во ОН им ја плесна в лице вистината на најголемите светски лидери, што би рекол нашиот народ, без срам и перде.
Таа преку емотивен говор се обрати токму до оние што ја кројат светската политика, оние чија единствена цел е остварување што поголем профит, без оглед на цената што ја плаќа планетата.
Со драматичен тон им посочи дека „луѓето страдаат, луѓето умираат, цели екосистеми се уништуваат“. Остро низ заби ги предупреди дека „се наоѓаме на почетокот на масовното истребување“, додека тие, како што кажа, зборуваат само за пари и раскажуваат приказни за постојан економски пораст.
Младата Швеѓанка од говорницата на ОН така се обиде барем малку да ја разбуди свеста кај заслепените од пари политичари.
Во време кога на дното на океаните се открива пластика, кога глечерите се топат со забрзано темпо, кога климата повеќе никој не може да ја предвиди, предупредувањата за климатските промени не се само празни зборови на научниците туку реалност со која секојдневно се соочуваме.
На самитот во ОН присуствуваше и македонска делегација, која преку прифаќањето на обврските од Парискиот договор се обврза дека ќе работи во насока на ублажување на последиците од климатските промени.
Сето тоа е добро замислено и потпишано во Париз, но дали во реалност е така?
Не, дами и господа. Македонија не е некоја голема индустриска земја, па да произведува огромни количества стакленички гасови, но, од друга страна, толку е „голема“ што последните години повеќе нејзини градови се наоѓаат на првите места во светот на листите на градови со најзагаден воздух. Скопје, Велес, Битола, Тетово, Прилеп се светски лидери според загадениот воздух во зимскиот период, а колку е тој загаден говори и фактот што во периодите на енормно загадување, по некоја случајност, откажуваат и мерните инструменти.
Оваа држава, освен студии и стратегии, досега нема преземено сериозна акција да почне да ги решава проблемите, макар еден по еден. А ги има многу, затоплувањето на домовите, транспортот, градежништвото, индустријата…
Гасот во Македонија е пристигнат речиси пред три децении, но поради несогласувањата меѓу политичарите и бизнисмените кој да го собира кајмакот од овој доходовен бизнис, македонските граѓани со години дишат загаден воздух, а пред секои локални избори партиите продаваат ветер и магла за тоа како ќе ја гасифицирале земјата. Дури и кога почна изградбата на некаква примарна гасификација, од сите можни траси се удри по Водно, пустошејќи го екосистемот по сртот на оваа планина. Претходната власт го осакати Водно пробивајќи непотребен пат околу Марково Крувче, преку кој требаше да се опслужува новата елитна населба во изградба на падините на оваа планина, сè со цел да се „реализираат“ новопечените газди и богаташи.
Поради пустиот популизам претходната влада дозволи увоз на половни автомобили, мерка што можеби и не беше толку лоша, со оглед на високата цена на новите автомобили, но ќе беше добра ако се однесуваше само на увоз на возила на бензин, кои подоцна лесно би можеле да се трансформираат во возила на гас. Но мнозинството увезоа дотраени дизел-возила, кои во добра мера придонесуваат за загадениот воздух.
Новата власт вети „План за почист воздух“, но три години како што владее, чистиот воздух „ни го обезбедува“ само ветерот кога ќе дувне од некој правец, најчесто северниот, каква што ни е и државата.
Краткорочните мерки од типот субвенционирање печки на пелет, инвертер-клими и слично не се лоши како замисла, но не се решение на проблемот. Конкретно, само во Скопје над 50.000 луѓе се греат на дрва во 21 век, во време кога светот размислува да испрати човечка експедиција на Марс. И како нашата држава го решава загадувањето на воздухот од греењето? Со седум-осум инспектори што ќе фатат некого под Кале како горел кабли?
Па, истата таа држава има претпријатие „Македонски шуми“, кое сече огревно дрво и на некој начин го стимулира ова греење. Да, шумата треба да се ретчи од старите дрвја, но истите тие може да се искористат за изработка на пелети, кои се нешто поеколошки во однос на огревното дрво. Посебна приказна се дивите сечачи, кои пустошат насекаде. Во секој град или село постојано фрчат камиони со вакво нелегално дрво, без печат, без испратница, често исечено и од туѓи имоти.
И градежништвото во голема мера придонесува за „подобрување“ на фактичката состојба. Се гради секаде, во заштитени подрачја, во национални паркови, непосредно покрај, па дури и во езера, така што работата дојде дотаму што и УНЕСКО мораше да ни се закани дека ќе го стави Охрид на листата на загрозено културно наследство за да се преземе некаква акција. Дали и таа ќе заврши како козметика, останува да видиме во следниот период.
Ништо подобра не е ниту индустријата. Пред само неколку дена бевме сведоци на излевање киселина во реката Вардар што предизвика помор на рибите, а минатите годините истото тоа се случуваше и со реките Бабуна, Брегалница, Тополка… Пожарот во велешка Маслодајна исфрли во воздухот огромни количества чад, кој предизвикаа надразнување на дишните патишта на велешани, кои со години беа труени од Топилницата. Тетово се будеше во магли од „Југохром“, а менаџментот на компанијата се натегаше со државата за колку време да стави филтри. Ниту Битола не е поштедена од РЕК, чија главна суровина за производство на струја и натаму е јагленот.
Сето тоа е само дел од фактичката состојба, а решение за ниту еден од проблемите нема ниту на повидок. Партиите се натпреваруваат за министерски позиции, за директорски места, без да се води сметка за стручноста на лицата што раководат со институциите. И во една таква ситуација, како да се очекува акција од некој што воопшто и не знае како да ја спроведе?
Зимата ќе дојде многу брзо, повторно ќе зачурат оџаците, ќе згусне сообраќајот, а сивилото ќе ги обвие македонските градови и села. И повторно, меѓу две искашлувања, граѓаните ќе го креваат погледот кон небото, со надеж дека ќе дувне од некоја страна, за барем малку да видат парче од синото небо.
И додека седат во своите домови со добро затворени прозорци и врати, ќе ги гледаат на телевизиите истите политичари како им ветуваат дека ќе ја подобрат состојбата со воздухот, како нарачале нова студија врз основа на чии резултати ќе преземат акција. Е, тоа е нашата реалност кога станува збор за климата и за најавените акции.