Затоа дајте алатка за транспарентност и отчетност за најсуштественото прашање што ги засега македонскиот народ и држава. Тргнете го превезот на мистеријата и затвореност што го следи целиот процес околу спорот за името веќе со години и со децении. Тајноста и затвореноста не се наш сојузник, туку наш најголем непријател
Во Македонија падна снег во пролет. Температурите одеднаш се спуштија близу нула. Истиот ден и Коѕијас пристигна во земјава. Не знам дали има некаква поврзаност помеѓу климатските промени и високата политика (некои тврдат дека има и го споменуваат ХАРП!), но ги слушам теткине од Зелено пазарче викаат не било на арно. Зошто не застуде претходно туку баш на денот на посетата, дофрлаат, триејќи си ги рацете, да ги загреат на ниските температури. А и каубојскиот шешир на главата на шефот на грчката дипломатија да ти бил некаков предзнак. Некаква потајна шифрирана порака. Во дипломатијата ништо не е случајно. Секој гест, движење, говор на телото, детали на облеката, имаат свое значење и испраќаат одредена порака, толкуваат пазарџиите, кои вчера наутро, петок пазарен ден, се загреваа со политика. Е добро де која е пораката на шеширот на Коѕијас, ги прашувам од љубопитство. Е слушај сега ваму. Си гледал некогаш каубојски филмови. Сум гледал, па што, им велам. Кое е сижето на американските вестерни. Задолжително каде што има каубои, со шешири, има и Индијанци со пердуви на глава и најчесто овие првите (каубоите) ги гонат, искубуваат, истресуваат овие другите (Индијанците).
Им ги преземаат резерватите, земјата, имотите, ги преименуваат, прекрстуваат, им наметнуваат свои правила на однесување, ми објаснуваат пазарџиите. Види богати која била логиката, се подзамислувам. Но тезгаџиите продолжуваат понатаму со елаборацијата. Можеби и гостинот од Грција нѐ третира како дрво без корен, како неписмени дивјаци (Индијанци), кои за разлика од оние на филмуваниот американски Див Запад, сега може да ги покори, прекрсти, понижи со некакви 20 страници А4-хартија и 55 параграфи. Со некаков нацрт на предлог-спогодба, која треба да ја прифатиме за да ни се отвори божем портата кон рајските пасишта на НАТО и ЕУ, поентираат соговорници зад тезгата. И навистина ако подлабоко се подзамислите, голема народна мудрост се крие во зборовите на граѓаните. Понекогаш она што ќе го слушнете на улица, на пазарче или во берберница и произлегува директно од срцето на луѓето не може да го чуете на друго место. Отидов јас да изгледам некој каубојски филм им велам на шега на заминување. И да знаеш и Осама бин Ладен носел каубојски шешир криејќи се 10 години во Пакистан. Со шеширот сакал да избегне „од горе“, односно од американските сателити да не биде препознаен, потврдила подоцна и истрагата. Но ако некому каубојскиот шешир му служел за криење, други намерно го истакнуваат за да ја нагласат божем американската поддршка на нивната политика и потези што ги влечат, ми отпоздравуваат на заминување пазарџиите. Е сега навистина претераа, помислувам. Ма остави тезгаџиски муабети. Но мене сепак нешто друго многу повеќе ме мачи отколку кој каква капа носи.
Која е пораката со каубојскиот шешир на Коѕијас, кога вестерните и Дивиот Запад се далечно минато. Времето на каубоите и на Индијанците одамна заврши. Но сега е време на некои нови современи каубои од кои македонскиот народ и држава треба да се одбранат. Отчетноста и транспарентноста на целиот процес околу наметнатиот спор со Грција за името се само еден од начините
Зашто од памтивек останало дека капа секој може да си купи, но главата, или она што е во неа не може да се купи. Во таа насока не знам што сѐ им се мота низ главите на сите оние што наредниве денови или месеци доаѓаат и се самоповикаа да одлучуваат за судбината и иднината на мојот народ и мојата држава. Дури си земаат за право да ни носат и нацрт-спогодби со предлог-имиња за државата демек самите да си избереме кое ќе ни одговара. Како да сме на пазар па треба да избираме меѓу беровски компир или драчевски кромид. Дури и на Индијанците од вестерните за Дивиот Запад да им отидете со еден таков непристоен предлог за промена на нивните имиња, ќе ве изолираат во некој вигвам (типичен индијански шатор) и веднаш ќе го повикаат врачот да ви бае од уроци и болештини. Затоа за македонските граѓани е сосема неважно каков пакет носи Коѕијас. Тоа што нѐ интересира сите и огромното мнозинство граѓани сакаат и очекуваат да дознаат е со какви контрааргументи ќе настапи македонската страна во разговорите со Грција. И сега и во иднина. Кои се точките наведени во нашата нацрт-спогодба за надминување на спорот. Тоа не може и не смее да биде тајна. Особено не во период кога Владата максимално е отворена во своето работење кон јавноста и граѓаните. Еве на пример токму изминатава недела бевме сведоци на два нови проекта токму во таа насока. Министерството за финансии најави изработка на платформа преку која граѓаните ќе можат да ги следат сите исплати од државниот трезор. Транспарентноста и отчетноста се многу важни за добро функционирање на институциите, велат оттаму.
И Владата промовираше еден сосема нов проект насловен – Алатка за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции. Преку оваа алатка може во секое време да се следи, но и да се прави споредба за сите трошоци што ги направиле функционерите. Освен фино уредени страници, со графички и табеларен приказ на сите можни податоци, се нуди и наративен извештај за сите средби разговори, посети на нашите функционери, што секако е за поздравување. И тамам се понадевав дека можеби ќе дознаам нешто повеќе и за македонските позиции и ставови во врска со наметнатиот спор од Грција – ништо. За ова нема ниту збор. И сега се прашувам – како тоа на сите страни толкава отчетност и транспарентност само за спорот со Грција – тотална затвореност и мистичност. Треба ли да чекаме да дојдат Коѕијас и Нимиц за да дознаеме кој што предложил и што понудил. Нашите државните функционери се многу чувствителни кога треба да ги бранат сопствениот углед и авторитет пред очите на јавноста и во таквите случаи или постапки и самите бараат и инсистираат на целосна транспарентност пред очите на јавноста. Последниот таков пример го даде лично премиерот Заев со инсистирањето снимките за случајот „Поткуп“ целосно и јавно да се обелоденат, за да се дознае вистината и да се отклони секаква евентуална дамка врз неговата кариера и углед. Зошто истото тоа да не важи и за суштествени државни прашања и постапки, како што се разговорите околу разликите со Грција за нашето уставно име.
Името на држава и идентитет не се ничија лична своина за некој да има ексклузивноста да разговара и преговара за нив и притоа целиот процес да го држи далеку од очите на јавноста. Треба ли да чекаме да поминат десетици и повеќе години па потоа некој од сегашните актери во свои мемоари да открива што и како се преговарало со Грција, кој какви игри играл, како што тоа најчесто бидува во политиката. Затоа почитувани политичари и народни избраници: дајте алатка за транспарентност и отчетност за најсуштественото прашање што го засега македонскиот народ и држава. Тргнете го превезот на мистеријата и затвореност што го следи целиот процес околу спорот за името веќе со години и со децении. Тајноста и затвореноста не се наш сојузник, туку наш најголем непријател. Како што транспарентноста и отчетноста генерално земено се многу важни за добро функционирање на институциите, така истото тоа е многу важно и во однос на спорот со Грција. Да бидеме на чисто. Нам не ни треба алатка за одбрана на името, јазикот идентитетот од белосветските напасници и каубои што сакаат да посегнат по нив. Таква алатка постои во меѓународно право и меѓународните резолуции и се нарекува право на самоопределување. Нам ни треба алатка за отчетност и транспарентност на процесот околу спорот со Грција единствено како превенција од евентуални изигрување и злоупотреби. Не случајно текстот го започнав преку примерот со пазарџиите. Ним им е допуштено да тргуваат и коментираат за што било, бидејќи од муабетење не можат да им нанесат реална штета на интересите на државата и на граѓаните. Оние други пазарџии со бели кравати што доаѓаат да се пазарат или да тргуваат со нашите државни и идентитетски прашања се многу поопасни.
Во таа насока кога целиот процес ќе биде јавен и на увид на граѓаните се стеснува и маневарскиот простор за злоупотреби од каков било вид. Тоа, пак, најмногу ќе им помогне на политичарите и на власта што го води целиот процес. Ќе завршам во стилот со кој и започнав. Вестерните и Дивиот Запад се минато. Времето на каубоите и на Индијанците одамна заврши. Сега е време на некои нови современи каубои од кои македонскиот народ и држава треба да се одбранат. Отчетноста и транспарентноста на целиот процес околу наметнатиот спор со Грција за името се само еден од начините.