Несогласувањата околу Сирија, обвинувањата за авторитарно владеење на турскиот претседател Ердоган, одлуката на Анкара да купи руски системи „с-400“ и покрај противењето од Вашингтон и американските царини се само некои од причините за влошување на некогаш плодната соработка меѓу Турција и САД. Но сојузот меѓу двете членки на НАТО е премногу важен за да се дозволи да пропадне без претходно да се преземат сите мерки за да се зачува

По долгогодишна соработка, сојузот меѓу САД и Турција е под ризик трајно да се уништи. Несогласувањата околу Сирија, притаениот авторитаризам на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и турската одлука да го купат противракетниот одбранбен систем „с-400“ од Русија и покрај отворените противења на САД, се причините за влошување на некогаш плодната соработка. Администрацијата на Трамп ѝ наметна високи царини за алуминиум и челик на Турција откако им наметнаа санкции за продолжениот притвор на американскиот пастор Ендру Брансон за неоснованите обвиненија за шпионажа. Даг Бендоу, соработник на институтот „Като“, на пример, смета дека е време засекогаш да му се стави крај на американско-турскиот сојуз.

Иако односите на Америка со Турција значително се влошија во изминатиот период, сепак постојат шанси тие да се зачуваат. Новата изборна победа на Ердоган, проблемите во турската економија и намалената потреба за американска вклученост во борбата против Исламската држава создаваат реална шанса за двете страни значајно да го подобрат нивниот сојуз пред дополнително да се влоши. Иако и Турција и САД со право имаат меѓусебни недоразбирања, сепак вреди обидот да се зачува американско-турскиот сојуз.

Долгата и продуктивна врска на Турција со САД покажа дека може да се врати во нормала и од посериозни проблеми отколку со актуелниот со кој се соочува. Турција стана членка на НАТО во 1952 година поради стравовите од советското влијание и послужи како важен геополитички сојузник за западниот блок. Сепак, ова партнерство беше изложено на сериозен тест во 1975 година кога САД воведе ембарго за оружје против Турција како одговор на нејзината инвазија на Кипар, поради што Турција им забрани пристап до речиси сите воени бази во државата. По тригодишни силни тензии, администрацијата на Џими Картер донесе одлука да го повлече ембаргото и прифати дека користа од сојузот на Америка со Турција е доволно значајна за да се оправда чесниот обид да се поправат нарушените дипломатски односи.

По 40 години, Турција и САД повторно се најдоа во ќор-сокак. Турција долго време беше сметана за одличен пример на демократија и секуларизам на Блискиот Исток, но стана поавторитарна под власта на Ердоган преку консолидација на извршната моќ, слабеење на граѓанското општество и линчот против новинарите, активистите и политичките противници на Ердоган. Турција исто така уапси многу Американци, вклучувајќи го претходно споменатиот Ендру Брансон, со надеж дека ќе можат да ги притиснат САД да го екстрадираат Фетулах Ѓулен, турскиот верски лидер што живее во Пенсилванија, кого Ердоган го обвинува за организирање на обидот за пуч во летото во 2016 година. Спротивно на тоа, Америка реагираше со апсење на американскиот вработен во конзулатот Метин Топуз, со укинување на процесот за издавање туристички визи во Турција што предизвика дипломатска криза.

Сепак, Сирија дефинитивно е најзначајниот фактор за разликите меѓу двата сојузници. Во борбата против Исламска држава (ИСИС), Америка ги вооружи и поддржа Единиците за народна заштита (ЈПГ), поточно паравојската на сириските Курди, од која се состои поголемиот дел од Сириските демократски сили. ЈПГ беа од огромна важност како копнени сили против ИСИС, но нивната наводна поддршка за Работничката партија на Курдистан (ПКК), односно курдската сепаратистичка воена сила што дејствува во Турција веќе 40 години, ги подгреа турските стравови за панкурдска воена сила што може да биде закана за турската јужна граница. Турција смета дека американската поддршка за Курдите е поддршка за автономен курдски регион во Сирија што може да биде закана по територијалниот интегритет на Турција и контролата врз курдското население, додека Америка смета дека турските напади на ЈПГ се контрапродуктивни во пошироката борба против ИСИС.

Турција со сигурност стана проблематична за американската надворешна политика, но останува да биде екстремно важен воен сојузник. Турција располага со втора најголема војска меѓу сите членки на НАТО и е домаќин на постојаниот Генералштаб на копнените сили на НАТО, како и на клучните елементи на радарскиот систем за рана детекција на ракети на НАТО. САД исто така имаат постојано присуство во турската воздушна база Инџирлик (што често се користеше во борбата против ИСИС) во која се распоредени американските тактички нуклеарни оружја и ѝ овозможи на Америка да ја наметне воената моќ на Блискиот Исток додека им нуди заштита на регионалните сојузници. Подемот на авторитаризмот во Турција несомнено е причина за загриженост, но американското партнерство со Саудиска Арабија, Египет и со Бахреин покажува дека Америка, колку и да не сака, ги почитува тие сојузи кога ги поддржуваат пошироките цели на Америка. Турската воена моќ и стратегиска географска локација како мост меѓу Европа и Азија е бесценета предност истовремено за Америка и за одбранбената стратегија на НАТО и затоа од национален интерес на Америка е да ја зачува оваа предност.

Покрај тоа, раскинувањето на партнерството на САД и Турција најверојатно би го зацврстило дополнително силното пријателство меѓу Турција и Русија. Желбата на Турција да го избегне системот за ракетна одбрана интегриран во НАТО за сметка на рускиот „с-400“ предизвика загриженост дека Русија би можела да прибира податоци како реагираат невидливите карактеристики на американските авиони „ф-35“ на рускиот систем. Исто така загриженост претставува тоа што Турција може да се оддалечи од обврските кон НАТО. Сепак, Русија сака да ги намали силата и влијанието на НАТО во Источна Европа додека ги штити своето присуство и влијание на Блискиот Исток. Москва знае дека ако Русија дојде на местото на САД како главен гарантор на турската безбедност, ќе придонесе за остварување на овие цели.

Сепак, во интерес на Турција е да ги подобри односите со САД. Турската економија е на раб на колапс, а со тоа што западните држави учествуваат со речиси две третини во нејзината трговска размена, сега би било особено непогоден период за Турција да претрпи дополнителни загуби од односите со партнерите од НАТО. Пркосењето на Ердоган на царините на Трамп покажува дека споровите околу Сирија и Курдите во моментов се многу поважни за него отколку заштитата на економијата. Сепак, земајќи ги предвид краткорочните политики на Ердоган како делумна причина за економската криза, тој можеби ќе сака да ги спаси неговите односи со Западот ако најде заемно корисен начин да го стори тоа во интерес на елиминирање на заканата што може да му го наруши кредибилитетот во турската јавност.

Едноставен прв чекор за да се натера Ердоган да тргне по тој пат е да назначи амбасадор на Турција, позиција што е слободна уште од лани. Отсуството на американски амбасадор во Турција го отежнува процесот за конструкција на рамка за решавање на постојните спорови, фактот што Америка не ја пополни оваа позиција по речиси една година испраќа порака за Турција дека поправањето на односите не е еден од приоритетите на Вашингтон. Загриженоста на Америка за системот „с-400“, авторитарноста на Ердоган и за притворањето на американски граѓани се важни прашања вредни за решавање, а Америка повеќе сака да постигне поволни спогодби за секое прашање ако целосно се посвети на дипломатскиот процес отколку со наметнување казнени и контрапродуктивни царини.

САД исто така мора да ги решат курдското и сириското прашање од кои потекнува нивниот проблем во односите. Уништувањето на калифатот на ИСИС во Сирија создаде шанса Турција и Америка повторно да преговараат за нивните односи со ЈПГ. Иако САД мора да продолжат да ги промовираат дијалогот и соработката со сириските курдски групи, тие исто така треба да го забрзаат процесот на конфискација на американските оружја што им ги дадоа на ЈПГ. Покрај тоа, Америка треба да им постави услов на ЈПГ дека ќе продолжи да ги поддржува во иднина ако ја прекинат врската со ПКК. Исто така, Вашингтон би можел да се понуди да ја продлабочи неговата сегашна соработка во разузнавањето со Турција за да помогне да се спречи напливот на пари и оружје до ПКК преку слабите граници на Сирија. Поради тоа што ИСИС повеќе не може да освојува или да зачува територии во Сирија, САД веќе немаат потреба да ги третираат ЈПГ како платеничка сила за ослободување на окупираните области. Ова значи дека Вашингтон треба да работи за да ѝ покаже на Турција дека американската поддршка за заштитата на сириските Курди нема да се однесува на поддршка за независен Курдистан или сојуз на ЈПГ/ПКК.

САД можат исто така да ја покажат својата посветеност кон Турција со посредување во обновувањето на мировните преговори меѓу Анкара и ПКК, кои пропаднаа во 2015 година поради вклучувањето на Турција во војната во Сирија. Ердоган ефикасно ја искористи неговата офанзива против ПКК за да ја добие јавната поддршка за неговиот реизбор летово, но може да биде поотворен за соработка во постизборната атмосфера ако види дека САД ќе им извршат притисок на ПКК за да продолжи прекинот на огнот кој заврши пред почнувањето на преговорите. Мировните преговори со ПКК ќе бидат долги и тешки и нема да има гаранција за успех, но покажувајќи дека Америка сака да биде рамо до рамо со Турција во текот на процесот дефинитивно ќе ги подобри шансите за постигнување на предок.

САД се обврзаа да ги поправат односите со Турција во 1978 година и мораат да бидат подготвени за истата обврска во 2018 година. Процесот на зачувување на американско-турскиот сојуз ќе биде сложен и ќе наложува вешта и внимателна дипломатија. Направената штета на крајот може да не се поправи во целост, особено ако Ердоган се покаже неподготвен за компромис дури и ако Америка покаже повторна дипломатска волја. Сепак, сојузот на Америка со Турција е премногу важен за неа за да дозволи да пропадне без прво да ги преземе сите мерки за да го зачува.

Турција бара од САД да го екстрадираат Фетулах Ѓулен, кого го обвинува дека го организирал неуспешниот пуч во 2016 година