Пред повеќе од една година, поточно на 28 ноември 2017 година, јас, па и најголемиот дел од јавноста, ја доживеавме како шок веста дека повеќе од 30 лица-учесници во движењето „За заедничка Македонија“ беа притворени во врска со настаните на 27 април 2017 година. Уште поголем шок беше веста дека притворањето се врши за кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.“
Се прашував врз основа на кои факти и докази утврдија дека кај учесниците во движењето „За заедничка Македонија“ постоела намера за загрозување на уставниот поредок на Република Македонија, кога тие, повеќе од два месеца, со мирен протест, со пеење на химната на Република Македонија, со веење на знамето на Република Македонија, со учество на спортисти, на културно-уметнички групи итн., секојдневно ја искажуваа својата намера, што беше и намера на мнозинството граѓани на Република Македонија, да го зачуваат и одбранат уставниот поредок на Република Македонија, чии темелни вредности беа утврдени во Уставот од 1991 година, а се сметаше дека беа загрозени од најавената „тиранска платформа“ потпишана во друга држава.
Следуваше еден долг судски процес во текот на кој, јас и многумина други очекувавме да дојде до промена на правната квалификација на кривичното дело што им се ставаше на товар на обвинетите, затоа што сметавме дека насилството што се случи тој ден во Собранието не може да се подведе под кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Притоа, имавме предвид дека протестите беа мирни, а намерата на учесниците беше одбрана на уставниот поредок, а не негово загрозување. Исто така имавме предвид дека насилството што се случи беше предизвикано од уривањето на уставниот поредок од страна на пратениците во салата за пленарни седници. Се пееше химна на друга држава, а пратениците не реагираа на тоа. Некои пратениците кои сметаа дека имаат мнозинство, а немаа, спротивно на Уставот и на Деловникот избраа претседател на Собранието. Масовното влегување на народот во Собранието немаше да се случи и немаше да дојде до насилство, ако од страна на пратеници не беше отворена вратата на главниот влез. Затоа не може да се тврди дека влегувањето било насилно. Насилството беше предизвикано од револтот на народот кон пратениците, но тоа не ги ослободува од одговорност сторителите на насилството, но секој треба да одговара врз основа на законот за тоа што го сторил, а не целиот настан од 27 април да се квалификува како „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Особено што сведоци сме дека уставниот поредок, неказниво, го уриваат носителите на власта. Но правната квалификација за настаните од 27 април остана неизменета, па на 15 март оваа, 2019 година, јавно објавената пресуда предизвика уште поголем шок, не само кај обвинетите и нивните семејства.
Што требаше да видиме, односно да чуеме при објавата на пресудата, а не чувме. Објавата на пресуда, според Законот за кривична постапка, опфаќа јавно да се прочита изреката (диспозитивот) на пресудата и накратко да се соопштат причините на пресудата. Кога е во прашање осудителна пресуда, каква што е во случајов, во изреката, покрај другото, мора да стои за кое кривично дело обвинетиот се огласува за виновен, СО НАЗНАЧУВАЊЕ НА ФАКТИТЕ И ОКОЛНОСТИТЕ ШТО ПРЕТСТАВУВААТ ОБЕЛЕЖЈЕ НА КРИВИЧНОТО ДЕЛО. Значи, ако судијата-претседател на советот ја читаше изреката на пресудата, мораше да прочита, а ние да чуеме, како секој од обвинетите го извршил кривичното дело, кои негови дејства претставуваат обележје на кривичното дело за кое се огласува за виновен и му се изрекува казна. Ништо од тоа што законот бара да го содржи изреката и да биде прочитано при објавата на пресудата не чувме, а наместо тоа слушавме цитати, писмен состав за патриотизам и слични нешта на кои не им е место при објавување пресуда.
Тоа што судијата кажа дека во писмено подготвената пресуда подетално ќе биде дадено образложение не може да ја поправи фаличната објава на пресудата. Ова затоа што, според Законот за кривична постапка, писмено изработената пресуда мора наполно да ѝ одговара на објавената пресуда. Одлуката е во изреката, а не во образложението, а од изреката што ни беше прочитана ги чувме само изречените (драконски) затворски казни, а не чувме за кои и какви дејства на секој од обвинетите му е одмерена таква казна. И што да се каже по ова. Останува само да црвенееме од срам.
Милојка Калкашлиева, судија на Врховниот суд во пензија