Посетата на папата Франциск ме заинтригира да го напишам ова писмо. Станува збор за следното: посетата на првиот човек на Католичката црква беше како нарачана за градските татковци да го покажат своето „Потемкиново село“ во центарот на нашиот град. Она што беше убаво беше откриено за гледање, но она што не чинеше беше покриено со огромни количества платно (којзнае колку метри и за колку пари, а и којзнае каде замина по претставата). Беше покриен цел објект во изградба на местото до некогашниот „Офицерски дом“ и дел од овој дом. Што беше целта на ова маскирање знаеја само градските татковци. Срамот и онака не може да се скрие од под платното. Сигурно имаа намера истото тоа да го направат со зградата на ЕЛЕМ, но најверојатно им требаше многу платно и пари и покрај парталите, кои веќе две години се веат од секој прозорец на оваа зграда како страшила.
Човек просто не знае за што станува збор, дали навистина нема пари за завршување на овие објекти или во прашање е обичен инает на владејачката гарнитура. Секој ден слушаме дека буџетот е преполн со пари и добро се полни. Зачудува тоа што веќе две години центарот така е оставен како што го затекна новиот градоначалник пред две години.
Зградата на ЕЛЕМ, зградата на ГП „Пелагонија“, зградата над детскиот театар, зградата на „Офицерски дом“, зградата до неа, црквата „Елена и Константин“ итн. Градски власти: ако овие објекти се во приватен аранжман дозволете им на сопствениците да ги довршат, ако се од програмата „Скопје 2014“ пресрамете се и довршете ги или пуштете ги булдожерите нека завршат работа и нека ги срамнат со земја како зградата на „Беко“. Вака со терање инает и со плаќање пари за платна за „Потемкиновите села“ ништо не добиваме, само се срамиме пред гостите терајќи наш традиционален инает поради тоа што го граделе „тие“, односно другите.
Фоти Босилков, пензионер