Кичевскиот резбар Марјан Тренески, синоќа, во клуб-ресторан во Кичево, пред голем број пријатели и љубители на оваа уметност ја отвори втората копаничарска изложба. На оваа изложба, која ја одбележа 15-годишнината од почетокот на работата со овој занает на Тренески, беа поместени 13 дела, создадени во изминатите години.

– Убавината  на тоа што го работел, работи и ќе го работи нашиот резбар Марјан Тренески, како човек кој ја сознал уметноста, убавината и духовното исполнение, денес дава вакви резултати, кои не оставаат да не бидеме рамнодушни, туку да бидеме дел од она што се нарекува култура и уметност преку неговите дела. Во 15-годишната активна реализација на неговите дела се забележуваат многу разменети мислења, разговори кои носеле идеи кои денеска ги гледаме како реализирани проекти и дела кои го збогатуваат духот на православието и убавината – изјави поранешниот новинар на Македонското радио, Ивица Блажески.

На отворањето на изложбата, авторот на овие дела накратко се осврна на делата поместени на оваа изложба.

– Овие дела можат да се изработат единствено ако и другите имаат доверба во вас. Не беше лесно да се дојде до идеја а камоли до реализација и како што гледате мене тоа ми успеа и се надеваме дека наскоро ќе се дружиме и со делата од мојата трета самостојна изложба  –истакна авторот Тренески.

Зоран Антоски